Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам син кој за еден месец ќе полни 3 години и ќерка која има 5 месеци. Имам проблем со синчето, откако се роди неговата сестра, стана многу непослушен и тера инает и со мене и со татко му. Одбива да оди во градинка (во која оди веќе една и пол година), постојано плаче кога нешто не добива, кога ќе му зададеме некоја задача (на пр., да донесе нешто), тој нѐ игнорира како да не му се обраќаме, постојано ја задева сестричката итн. Во ситуации кога скока на креветот и јас му велам да престане, тој не ме слуша и си продолжува по свое, дури ни повишувањето на тонот не помага. Кога одиме на прошетка, тој вели да ја оставиме сестра му дома да седи сама, а ние со тато да одиме.
Се трудам да му посветам повеќе внимание, да играме заедно, да цртаме и да правиме колачи.
Се прашувам дали е период на љубомора поради бебето или некоја фаза? Навистина не знам како да се справам со него бидејќи ми го црпи трпението. Каде грешам? Како да се однесувам во овие и многу други ситуации?
ОДГОВОР: Оваа транзиција е значаен настан во семејството и не е лесно вие, а и вашето дете да се приспособи на новите промени. Доаѓањето на новото бебе ја менува динамиката на семејството и не е невообичаено постарото дете да доживува чувства на љубомора и збунетост. Тој досега бил во центарот на вниманието и единственото дете во семејството, навикнат да биде во фокусот на вашето внимание и има развиено рутина која нему му одговара. Сега со новото бебе, колку и да се трудите, тој веројатно се чувствува изоставен, а тоа може да предизвика промена во неговото однесување.
Децата обично тогаш стануваат пораздразливи и лесно фрустрирани, дури и тажни. Може да беснее за мали работи, понекогаш и физички да реагира, удирајќи или туркајќи ве вас или неговиот татко, па дури и новото бебе. Често и игнорира, избирајќи да си игра сам или да гледа телевизија наместо да комуницира со вас како порано. Всушност, сето ова што го напишавте е нормална реакција, во ситуација во која е збунет и не знае на кој начин да се справи со своите чувства, трудејќи се го најде своето место во него. Веројатно во овој период тој постојано ги слуша зборовите „немој“, „не така“, „пази“ итн., постојано слуша некој вид забрана и ограничување. А, од друга страна, веројатно е лут, а сѐ уште е мал за да ги пренесе своите емоции на друг, прифатлив начин. Нема ниту знаење ниту самоконтрола вербално да ви каже што му пречи. Кај некои деца може да дојде и до регресија, да бара пак да се дои, да пие од шише итн. Сите овие однесувања се начинот на кој тој ја изразува својата фрустрација и се приспособува на новата реалност.
За да му помогнете полесно да се адаптира на новата промена, можете полека да го вклучувате во различни активности поврзани со бебето, кога го бањате, да ви подаде пелена или крем и пофалете го. Прашајте го за совет во што да ја облечете, понудете му две опции. Почнете да поминувате квалитетно време со него, да се вклучите во активностите во кои ужива, со тоа давајќи му порака дека е уште важен и сакан. Навечер пред заспивање посветете му време, читајте му приказна, сликовница…
Исто така, важно е да се одржува неговата рутина колку што е можно повеќе. Ова ќе му помогне да се чувствува посигурен и постабилен во овој период на промени.
Од друга страна, тој е и на возраст кога почнува да сфаќа дека многу работи може да ги прави сам, и да поместува граници, да се лути и да протестира кога нешто не е како што сака и ова е клучен момент во неговиот развој, а вие не треба да ги дозволувате непримерните однесувања. Многу родители, од најразлични причини, не остануваат доследни и попуштаат, а една од причините е детето да не се почувствува запоставено, и тогаш сѐ му дозволуваат. Во тој случај можете да ги рефлектирате неговите чувства: „Знам дека си лут, но не се удираме, туркаме“ итн. „Во ред е да си лут, но ајде да видиме како може поинаку“, „Знам дека ти е тешко кога…“, „Ми се чини дека баш ти пречи…“, „Колку е среќна… што те има за поголем батко“.
Бидете смирени, но сепак јасни и полни со љубов. И сето ова би требало да го правите не само во врска со односот со неговата сестра, туку и во сите ситуации. Поставување и објаснување (кратко, јасно) на границите и нивна доследност.
Нема волшебно стапче за сите овие работи да одат полесно, но тој полека сѐ повеќе ќе се навикнува на сестричката и ќе биде добар.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912