Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 2,5-месечно бебе. Моментално е на адаптирано млеко затоа што одбива да цица. Многу често се случува да се расплаче пред подој, а особено по хранење, но проблемот е што многу често плаче при будење и додека да заспие. Плачењето е драматично, при што поцрвенува и губи воздух, ако го оставам само да лежи, исто така почнува да плаче и губи воздух. Заспивањето е многу тешко и со многу плачење. Инаку, има редовни дремки и преку ден и во текот на ноќта, често в раце или во кенгур, одбива да спие во креветче. Ме интересира дали вакво плачење е нормално за таа возраст и дали е добро да спие цело време на таков начин?

ОДГОВОР: Во текот на првите месеци од животот бебето има неколку основни потреби кои ги задоволува неговата мајка. Тие потреби се од суштинско и големо значење за физичкиот, емоционалниот и психолошкиот развој на бебето.

На вашето бебе му е потребна безусловна љубов и нега. Физички допир, гушкање, правилна исхрана, без разлика дали е преку доење или хранење со шише, му давате на бебето храна која ги задоволува неговите нутритивни потреби. Самиот чин на хранење претставува убаво искуство во кое се поврзувате со бебето.

Плачењето е вообичаен начин на комуникација кај доенчињата и природно е тие често да плачат, особено во првите неколку месеци од животот. Некогаш некои бебиња побрзо се смируваат, а на некои им треба повеќе време. Но не треба да очајувате.
Гладот е една од најчестите причини за плачење на бебето, исто така и кога му е непријатно или кога има болка, влажна пелена, кога чувствува премногу топло или ладно, или кога има колики/грчеви.

Од психолошка перспектива, бебето има неколку клучни потреби во првите месеци од животот кои ги исполнува неговата мајка или оној што се грижи за него. Овие потреби имаат големо влијание врз емоционалниот и психолошкиот развој на бебето.
Примарната психолошка потреба на бебето е да развие сигурна поврзаност со мајката. Тука мајката игра централна улога во создавањето сигурна приврзаност преку обезбедување доследна и одговорна грижа, во задоволување на емоционалните и физичките потреби на бебето.
Преку вашето присуство, емоционално усогласување со бебето, му помагате да научи да се смирува.
На овој начин тоа развива чувство на доверба и сигурност во овие рани интеракции со вас и се воспоставува доверба. Ова чувство на доверба понатаму ќе ја формира основата за перцепцијата на бебето за светот како безбедно место.
Нежниот допир, смирувачките звуци и визуелната стимулација создаваат богата сетилна средина која ги поттикнува невролошкиот развој и сензорната интеграција на бебето.
Погрижете се вашето бебе да не е гладно и пелената да му е чиста и сува.
Нишајте го или однесете го на прошетка, пејте или разговарајте со него.
Понудете му цуцла. Држете го вашето бебе на градите. Ставете го бебето в скут, лежејќи на стомак и нежно галете го по грбот. Ставете го бебето во бебешка лулашка, движењето може да го смири. Пуштете музика, некои бебиња се смируваат од звукот, како и од движењето.

Доколку не се смирува, тогаш повикајте пријател или роднина за поддршка за да остане и да се грижи за бебето додека вие правите пауза. На овој начин се менува динамиката во средината, а и вие ќе ја споделите вознемиреноста со другиот и нема да бидете толку вознемирени и уплашени. Бебињата чувствуваат кога родителот е вознемирен и поради тоа не можат да се смират. Би било добро ако можете да ги разберете и прифатите овие моменти бидејќи ако бидете посмирени, и вашето бебе ќе почне да се смирува.

Една многу важна работа е дека е невозможно да разгали бебето со тоа што ќе му посветите премногу внимание.
Заспивате прво заедно или додека го држите в раце, а потоа спуштете го в креветче за и вие да можете да се одморите. Засега уживајте со своето бебе, а бидете нежни и кон себе и доколку имате потреба, разговарајте со вашите најблиски и побарајте помош кога ви е потребна.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X