Како родители, низ многу нови работи поминуваме првпат. Прва температура, први заби, први чекори, прв ден во градинка, прв училиштен ден. Некои први „патеки“ се лесни, убави и возбудливи. Други нѐ прават нервозни. Освен што сме горди затоа што нашите деца направија уште еден важен чекор на патот кон растењето, малку се плашиме. Се прашуваме дали направивме сѐ како што треба?

Едно од овие тешки први случувања е првото разделување од мама и тато повеќе од неколку часа. И додека нашите деца престојуваат кај бабите и дедовците, ние некако успеваме да преживееме. Но, заминувањето на екскурзија со наставник е чекор на патот кон независноста и затоа е поголем и поважен настан за родителите и детето.

Токму затоа, психологот Невена Ловринчевиќ вели дека е важно добро за да подготвиме за тоа, но и од суштинско значење е да ја одржуваме комуникацијата со детето додека сме разделени.

Која возраст ја сметате за идеална за прво подолго одвојување на детето од основното семејство?

– Првото подолго одвојување од примарното семејство може да биде многу различно во однос на тоа кој е тој што ја „менува“ родителската фигура, односно изворот на сигурноста и поврзаноста на детето во ситуација на разделба: не е исто дали е баба и дедо или учителка која со себе носи седум, осум или повеќе деца. Не е ни исто дали се работи за баба со која детето е блиско, во чија куќа престојувало долго, понекогаш спиело, или баба со која не се видело еден месец. Се разбира, децата се многу различни. Некои деца ќе бидат подготвени за подолга разделба на четири години, а некои дури на седум години.

Стравот од одвојување или анксиозноста од одвојување е сосема нормална појава која се јавува како реакција на детето на одвојувањето од родителите и обично трае од шестиот месец до третата или четвртата година. Ако постои стабилна афективна врска со родителот, стравот од разделба обично се намалува до почетокот на училиштето. За да се одвива овој процес во согласност со развојните потреби на детето, важно е родителот да има чувствителност, емпатија и стабилност и да му помага на детето со адекватна процена на (не)подготвеноста и соодветно реагирање во ситуации на разделба.

Како родителите и наставниците да ги подготват децата за првото патување без мама и тато?

– Првото нешто што еден родител треба да се запраша е: дали моето дете (вклучувајќи ме и мене) е подготвено за подолга разделба? Во овие ситуации многу е важно прво и основно да се земе предвид: како се чувствува вашето дете, вклучително и вие, и кои се вашите особености и потреби. Луѓето околу вас веројатно ќе ви даваат совети за тоа што треба да правите врз основа на нивните искуства од разделбата со нивните деца. Колку и да ви бидат корисни овие искуства, клучните информации се кои се потребите на вашето дете.

Дали има ситуации, освен оние итните здравствени, кога наставникот треба да го повика родителот да дојде по детето?

– Секако. Ако детето изгледа тажно, не учествува во играта, има послаб апетит, плаче, тешко спие (тешко заспива, се буди во текот на ноќта), нерасположено е, ги бара мама и тато, вознемирено за време и по контактот со родителот, наставникот треба да се консултира со родителот.

Како треба да тече комуникацијата помеѓу детето и родителите додека се разделени?

– Многу е важно детето да знае како и кога ќе се одвива комуникацијата со родителот за време на разделбата. Добро е да се одвои време во текот на денот кога детето ќе знае дека ќе биде во контакт со родителот, кога ќе можат да разговараат за сето она што го прави детето, каде било, што видело. Потребно е родителот да биде смирен и позитивен при овие контакти и детето да биде храбро во ситуација на разделба. Најефективно ќе биде родителот да го направи тоа со своето мирно и позитивно однесување. На крајот од разговорот, родителот да му посака на детето добро да се забавува (игра со другарите, шетање со баба и дедо и сл.) и да потврди кога повторно ќе стапат во контакт: „Се слушаме утре!“ Разговорот со детето не мора да биде долг, доволни се само десет минути, а добро е да не е пред спиење.

Дали треба да се избегнува контакт со родителот 5-6 дена?

– Мислам дека таквата практика е многу лоша. Често објаснување е дека наставниците не сакаат децата да бидат вознемирени. Се работи за замена на тези: не е родителот тој што го вознемирува детето со својот повик. Како и зошто детето би било вознемирено од повикот на личноста која му е најважна? Станува збор за тоа дека детето е вознемирено поради разделбата и дека во ситуација кога ќе се слушне со родителот ја изразува оваа вознемиреност.

Верувам дека пораката до родителот „нема да бидете во контакт со детето шест дена“ е многу, многу погрешна на многу нивоа и дека кај некои деца може да предизвика посериозни психолошки реакции, кои можеби не се лесно видливи.

Мој совет е никогаш, ама баш никогаш да не слушате вакви совети, без оглед на возраста на детето. Потребно е секогаш да бидете во контакт со детето.

Кога детето ќе се врати, по првото патување, емоциите можат да бидат многу силни. Како да се реагира на изливот на емоции во тој момент?

– Изливите на емоции можат да бидат силни кај детето во ситуација кога се враќа од патување. Мој совет е да ги прифатите како нормални и да останете смирени. Охрабрете го детето, давајте му многу физички контакт и галење. Покажете дека сте среќни што сте заедно и поттикнете го детето да ви каже за своето патување кога малку ќе се смири.

Извор



912

X