Книгата „Пчелата – планетарно чудо“ била инспирација за учениците од четврто одделение при ООУ „Крсте Мисирков“ – Куманово заедно со нивната учителка Хилда Димитриевска да ги проучат значењето, начинот на одгледување и полезноста од пчелите како планетарно значајни инсекти без кои нема живот на планетата Земја.
На воннаставните активности тие читале од книгата, истражувале на интернет, проучувале и цртале на тема пчеларство. Но сето тоа не било доволно за стекнување на нивните знаења, сѐ додека не го посетиле пчеларникот на таткото на Андреј Крстевски, ученик од нивното одделение.
Во близина на градот Куманово учениците имале единствена можност да уживаат во природата и вкусат од слаткиот мед, да засадат медоносни растенија во градината, да ја облечат униформата на пчеларите, да ги разгледаат алатките што ги користат и да ракуваат со нив. Сето тоа им било овозможено од љубезните домаќини, а со помош и поддршка на дел од родителите.
Преку ИСКУСТВЕНО УЧЕЊЕ децата откриле многу поучни и интересни факти:
-дека пчелите се фабрика за храна, тие произведуваат: мед, матичен млеч, прополис, пчелин восок, пчелин леб и пчелин отров за нивна заштита;
-пчелите се чувари на здравјето затоа што прават мед кој дава здравје, сила и среќа;
-сами се грижат за себе и своето семејство уште од раѓањето;
-имаат поделени улоги во семејството, како: пчели-хранителки, пчели-градителки, пчели-работнички, пчели-чувари;
-дека матицата е најголема пчела во кошницата која несе јајца, а трутот има единствена улога да ја оплоди матицата;
-грижата за пчелите е и задоволство, што го покажува фактот дека во одгледувањето на пчелите активно се вклучуваат сите членови од семејството;
-без пчелите нема живот, без нив животот на планетата Земја најверојатно би згаснал за четири години.
– Децата најмногу беа возбудени кога требаше да се приближат до кошниците со пчели.. Посебна радост беше да ја облечат заштитната облека и тивко да им се приближат на пчелите, без да ги вознемируваат. Од таткото на Андреј беа предупредени дека имаат ново пчелно семејство кое може да биде поагресивно бидејќи е во фаза на приспособување во новата средина. Децата имаа можност да видат како се отстранува пчелиниот восок и како се цеди медот. Посебно задоволство беше што имаа можност и самите да ракуваат со овие алатки – рече учителката.
Дека се грижат за природата и за пчелите учениците покажаа со тоа што засадија медоносни растенија: семе од мајчина душица, жалфија и рузмарин, кои откако ќе пораснат, ќе им послужат на пчелите како храна.
Фото: приватна архива
912