Кога би се изучувал во училиштата, интересот за фолклорот ќе биде поголем и ќе се надминат предрасудите дека тоа е нешто старо и премостено, смета директорката на Детскиот културен центар „Карпош“, д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска

Фолклорот е незаменлив метод за стимулација на развојот кај децата. Имено, музиката и ритамот го стимулираат развојот на детскиот ум, со што се зголемуваат когнитивните вештини (фокус, концентрација, меморија). Ја зголемува издржливоста кај децата и особено е добар за оние деца што немаат наклонетост кон спорт и спортски активности. Одличен е за детскиот ’рбет и учат правилно да го држат телото, со што се подобрува целиот став. Играњето е ослободување и го подобрува расположението. Се учат добри навики, како што се доаѓање навреме, држење до своите обврски, следење инструкции, соработка, социјализација и тимска работа, како и меѓусебно почитување и разбирање. Ја јакне самодовербата преку настапи и изведби пред публика. Фолклорот е мотивација и неисцрпна инспирација и децата учат да ја сакаат традицијата, посочува директорката на Детскиот културен центар „Карпош“, д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска.

Многубројни се бенефитите од фолклорот и според упатените, игроорните се меѓу првите активности идеални за децата од најрана возраст. На многу начини го развиваат и стимулираат детскиот мозок, а влијаат позитивно и врз физичкиот развој.

Треба да се изучува во училиштата

Сепак, според статистиките и искуствата на фолклорните друштва, клубови и секции, бројот на деца што се запишуваат на фолклорни секции е намален, со оглед на фактот што децата во 21 век имаат повеќе интерес за модерните танци.

– Децата немаат комплетна претстава за значењето и вредноста на фолклорот, што произлегува од недоволната грижа за фолклорот на сите нивоа: институции, училишта, семејство. Кога фолклорот би се изучувал во училиштата, во редовната и задолжителна програма, со поголем фонд на часови, перцепцијата на децата би била поинаква. Тогаш би ја знаеле важноста на фолклорот и чувањето на својата традиција и култура. Интересот ќе биде поголем за фолклорот со надминување на предрасудата дека фолклорот е нешто старо и премостено – изјавува Билјана Лалчевска-Серафимовска.

Нивните статистики низ годините укажуваат на фактот дека девојчињата имаат поголем интерес за фолклорот отколку момчињата.

-Бројот на членови, за жал, се намалува и за фолклорната секција се повеќе заинтересирани девојчиња. Во фолклорната секција на Детскиот културен центар – Карпош егзистираат две групи. Едната група се почетници, деца од 6 до 9 години кои ги изучуваат основните чекори во фолклорот, а додека втората група се девојчиња од 10 до 16 години кои веќе членуваат долги години и со задоволство доаѓаат на часовите по фолклор. Игроорните секции и фолклорот воопшто носат голем број придобивки. Ќе почнам со стекнувањето на новите пријателства кои се вистински и траат цел живот. Многубројните патувања и запознавањето на различните култури низ Европа и светот. Учество на меѓународни фолклорни фестивали и освојување награди, како и развивање натпреварувачки дух и одговорност за претставување на сопствената традиција – истакнува Лалчевска-Серафимовска.

Можност за шетање низ светот

Идеална возраст за запишување во фолклорна секција е шест години.

-Би ги стимулирале најнапред родителите да се ослободат од модерните предрасуди кон фолклорот и да ги разберат придобивките за здравјето и правилниот развој на своите деца. Мојот апел до родителите е да ги донесат децата во фолклорната секција во Детскиот културен центар – Карпош, каде што децата ќе ја почувствуваат магијата на фолклорот и од каде што ќе понесат незаборавни моменти од членувањето во оваа секција – апелира Серафимовска.

Во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“ од Прилеп, по пандемијата бележат зголемување на бројот на деца заинтересирани за фолклорните и игроорните секции.

– Во годините пред пандемијата достигнавме бројка од околу 150 деца, распоредени во 5 групи. Сето тоа замре за време на пандемијата. Во тие 2-3 години од пандемијата децата пораснаа, добија други предности, се запишаа на факултети или заминаа во странство, така што многу деца го напуштија фолклорот од оправдани причини. По пандемијата како да почнавме од почеток, иако постоиме 75 години. Денес броиме околу 100 члена, распоредени во 3 групи, почетници, средна група и прва постава. Се надеваме дека во скоро време овој број ќе се зголеми многу повеќе, бидејќи има доста заинтересирани, како за изучување на фолклорот така и за нашите концерти. Децата го перципираат изучувањето на фолклорот како можност за шетање низ светот, дружење со другарчињата и стекнување нови пријатели, но родителите тоа го гледаат поинаку, односно како изучување на нешто традиционално, нешто што ќе му користи во секојдневниот живот, на свадби, веселби, дружења и слично. Имено, децата преку овој начин на трошење време се веселат, другаруваат, но и изучуваат нешто многу вредно за самата заедница – изјавува Горан Василески, магистер по фолклористика, претседател на Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“.

Паметат чекори, го надминуваат стравот од настап

И тој посочува дека има многу придобивки од фолклорните и игроорните секции.

– Децата се стекнуваат со одговорност, со уигрување, поим за тим, координација со другите, памтење многу чекори, песни и слично. Надминување на стравот од настап, тремата, перципирање на публиката, сцената и слично. Најчесто игроорната ја препорачуваме за деца од 6-7-годишна возраст, односно од школска возраст кога детето може да разбере и да научи – споделува Василески.

Додава дека е важно да се стимулираат децата да се запишуваат во овие друштва затоа што тие се финансираат исклучиво од своите членарини, и по некој проект финансиран од Министерството за култура или слично.

-Конкретно нашето друштво има стручни лица, има доста богата носија, имаме квалитетни деца, но ни недостига финансиска поткрепа во вид на спонзорства за опстојување и унапредување на сето тоа што го поседуваме. Апелираме до родителите доколку увидат дека нивното дете има талент за играње, да го запишат за изучување на фолклорот и традицијата, бидејќи само така можеме да го задржиме нашето – вели Василески.



912

X