Единственото решение е разговор и разговор со ваквите ученици додека не се постигне целта, вели Ефтим Пејовски, директор на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“
Случајот со претепаната ученичка од Неготино повторно го отвори прашањето за еден од наjгорливите проблеми во училиштата, а за кој малку се зборува – врсничкото насилство. Искуствата на наставниците и на директорите на основните и на средните училишта покажуваат дека на располагање им стојат неколку мерки, советување на проблематичниот ученик и на неговите родители, обид за помирување со соучениците и крајната мерка – префрлање во друго училиште.
Со оглед на тоа што средното и основното образование се задолжителни, ако однесувањето на проблематичниот ученик не се подобри, проблемот само се префрла во друго училиште.
Само разговор е лек за проблематичните деца
– Токму затоа единственото решение, според мене, е разговор и разговор со ваквите ученици додека не се постигне целта. Ако само се префрлаат од едно во друго училиште, проблемот не се решава. Порано и исклучувањето од средното образование или т.н. бркање од школо значеше дека детето ќе биде на улица, што е најлошата мерка – вели Ефтим Пејовски, директор на електротехничкото училиште „Михајло Пупин“ од Скопје.
Со проблематични ученици што малтретираат свои врсници, се однесуваат агресивно и насилнички, немаат почит кон никого, македонски наставници се соочуваат постојано. Искуството на наставниот кадар покажува дека казната само ја влошува состојбата кај проблематичните ученици. Наставничка од скопско основно училиште ни раскажа дека во нејзиното одделение има дете со проблематично однесување, секој ден краде по нешто од соучениците и чепка во нивните училишни торби.
Децата реагираат постојано, секој ден се случуваат конфликтни ситуации, постојано оди на разговор кај училишниот педагог, или сам или со родителите. Наставничката вели дека успева да се справи со ситуацијата, но со ригорозна строгост. Според неа, иако ученикот слабо напредува со совладување на наставниот материјал, препораките се до петто одделение учениците да не повторуваат одделение. Единствена опција е цели два месеца по ред да не се појави на училиште, па по автоматизам да го повторува одделението. Но, таа вели дека така проблемот нема да се реши, туку само ќе се префрли кај нејзините колешки.
Родители, обрнете внимание на децата
Енис Мехмети, директорот на Основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“ од Општина Бутел, вели дека кога се соочуваат со проблематични ситуации, се повикуваат на Правилник и на Закон за основно образование.
– Се проценува сериозноста на настанот, па соодветно на тоа реагираме. Има советување, тоа е секако првиот чекор, а законските опции ни се укор, намалено поведение и на крајот – отстранување од училиштето. Но, така проблемот оди во друго училиште, не се решава. Ова, спoред мене, е најлошата мерка и значи дека училиштето и стручните служби потфрлиле – смета Мехмети.
Тој вели дека седум години е директор на мултиетничко училиште во кое учат 1.650 ученици и досега немало префрлање на ученик во друго училиште, односно се избегнува мерката отстранување. Имало тепачки, проблеми, како и во другите училишта, но службите ги решавале во соработка со родителите.
– Целта е всушност да се зајакне онаа врска наставник-родител-ученик. Мора да постои добра комуникација за да се реши кој било проблем. Децата се кај нас во училиште четири-пет часа, ние како наставници даваме сѐ од себе тука да се чувствуваат безбедно и да напредуваат. Но, останатото време мислам дека е проблем, го поминуваат на социјалните мрежи и пред компјутер. Поради времето во кое живееме, родителите сѐ помалку им обрнуваат внимание. Тоа мора да се промени – вели Мехмети.
Директорот Пејовски вели дека проблеми со врсничко насилство и со несоодветно однесување има во секое училиште, но најважна е превенцијата.
– Кај нас тоа го прават сите професори, класните раководители, ја следат ситуацијата. Најважно е да се спречи проблемот на почеток. А секако и важно е добро да се справат стручните служби. Со 25 неоправдани ученик треба да се отпише од училиштето во кое учи. Во такви ситуации се договараме со другите колеги-директори каде ќе оди ученикот. Не може од електро во гимназија да оди. Но, пак ќе повторам дека тоа не е добра мерка – вели тој.
Мехмети, пак, додава дека и да дојде до таква ситуација, бидејќи основното образование е задолжително, пред да се отстрани ученик од училиште мора да му се најде место во друго.
Ова значи дека проблемот се сели во друго училиште, а не се решава.
912