Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 6-годишно девојче кое има проблем со концентрацијата, тешко можам да ја натерам да седне да пишува и да чита бидејќи е прво одделение. Кога ќе ѝ речам да работиме заедно, се дере, плаче и одбива да соработува. Искажува огромни чувства на љубомора во училиште. Секој ден плаче бидејќи некое друго дете прво завршило со задачата или доколку нешто не знае, а често се кара со другарчињата. Дома се дере и плаче доколку во самиот момент нешто не е како што таа сака, не сака сама да оди во веце, не сака сама да оди во соседната соба, вели дека ѝ е страв.
Доколку се изнервира, крши, треска, тепа, плаче и вели дека така ѝ доаѓа нешто. Вели дека ја боли главата и стомакот скоро секој ден. Детето има сериозен проблем бидејќи и другарчињата почнаа да ја одбегнуваат. Подолго време ја гледам како да има проблем со концентрација, нешто како АДХД според мене, но не знам каде да се обратам и од каде да почнам со третман.
Има помала сестричка, па и неа честопати сака да ја повреди, вели дека ја мрази, па ја штипе и ја удира.
ОДГОВОР: Во вашето прашање гледам две теми, едната – грижа поврзана со развојот на детето кое е на шестгодишна возраст, каде што воочувате проблем со концентрацијата и одбивање да се усвојуваат академски вештини, а другата, психо-емоционалната состојба на детето проследена како вознемиреност, страв, иритабилност, плачливост, психосоматизации, како болки во стомак и глава, кои укажуваат на токсичен стрес кој влијае врз развојот и растот на детето.
Научно е докажано дека психо-емоционалната состојба влијае врз когнитивните процеси и училишните постигнувања кај детето, така што оттука ни е важна психолошката природа на однесувањето и причините за неа, како и развојната процена како евентуален сомнеж кој се родил кај вас со цел утврдување на видот и начинот на поддршка што детето треба да ја добие во овој период и состојба.
Потребно е да се обратите до стручни лица како психолог, дефектолог со цел разјаснување на вашите грижи и прашања.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912