Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две деца, девојче од девет години и машко од шест години. И двете се интелигентни и донекаде послушни. Девојчето не сака многу да учи, без многу труд во училиште е солидна, но може и подобро. Четворки, петки, тројки. Јас не ја форсирам да учи многу, можеби правам грешка. Кога ќе направи некоја грешка или кога ќе добие ниска оценка, мојот сопруг ја казнува. Казна во смисла не ја пушта да игра кај другарка ѝ, ѝ забранува да користи мобилен телефон или ѝ скратува некое друго задоволство. Јас не се согласувам со таквото воспитување. Мое мислење е дека треба да се објасни дека тоа што го направила не е добро, а не да се казнува. Прашањето ми е дали е во ред да се казнува на таков начин? И дали е во ред да се дава премногу слобода, како што ѝ давам јас?
ОДГОВОР: Освен вашето прашање дали казната од овој тип е метод на стимулација во процесот на учење, во вашиот исказ опфаќате многу теми од аспект на родителски пристап и воспитување. како: воедначени и разединети родителски пристапи и ефектот врз воспитувањето од нив, биолошките, т.е. когнитивните капацитети на детето поврзани со училишниот успех, методи на стимулација кај децата со цел подобар училиштен успех, очекувањата на родителите во врска со тоа итн.
Колку што можам да разберам, имате чувство дека вашето дете може повеќе од досега постигнатото, поминува малку време во труд и од една страна има слобода на избор во врска со тоа, а од друга страна барања, очекувања и санкции доколку не постигне нешто. Во овој случај, кога двајцата родители имаат сосема различен пристап, тоа станува тригер за однесувањето на мајката во однос на заштитување и тригер кај таткото во однос на притисок и создавање тензија. На тој начин детето ги губи своите амбиции, престанува да се труди и да ги тестира своите способности, лесно губи интерес и не го задржува, не ги користи максимално своите капацитети и способности и ја губи самодовербата во себе.
Во овој процес потребно е најнапред да ги процените биолошките капацитети на детето и неговите јаки страни, односно области кои му одат лесно и кои лесно и брзо ги совладува бидејќи не може едно дете во сѐ да биде добро. Потоа е потребно родителско советување со цел воедначување на родителскиот пристап и негување охрабрувачки и поддржувачки наместо критички или негативно негувачки глас.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912