Ќе видиш сега, не е како кога одевме на училиште, па наставничката да се почитува. Секој има своја политика таму. Родителите ја префрлаат одговорноста на наставникот, наставникот на родителите, домашните задачи се огромни. Кирилица, латиница, сето тоа завршува некаде во март. Па кој стигна, стигна – кому му е гајле, не мора сите писмени да бидат за да чепкаат во телефонот, нели? И онака децата денес само кликаат.
Јована, мојата другарка од основно училиште, е мајка на дете од четврто одделение. Тоа значи искусна школска мајка. Случајно се сретнавме, па разговаравме.
– Да, на систематски ќе одиме, детето ќе оди на училиште – ѝ реков и добив лекција од прва рака.
– Што си толку збунета? Ајде, прво одделение, голема работа. Сега треба да се најави сѐ, уште па и електронски дневник, нема бришење оценки… Секоја наставничка сака најдобар можен просек. Само ти гледај детето да ги научи буквите пред септември. Тие после на училиште го прават тоа со трчање и брзање, па додека се свртиш, готово е. Затоа, почни сега. Можеби и задоцни малку.
Така пријателката ме „просветли“ со уште неколку контрадикторни информации. Бев под импресии цел ден. Мене, уште до мозокот не ми е стигната информацијата дека веќе немам бебе в раце, туку големо девојче, а сега излегува дека наскоро треба да седнеме на вртелешка која не застанува. И дека јас немам билети.
Сите го преживуваат прво одделение, не е ништо страшно, ми вели колешката. Не си ни прва ни последна чие дете е прваче.
Не сум, не драматизирам, но да застанеме малку. Ако релативизираме и банализираме сѐ во животот така: не си ни прва ни последна
што е трудна,
што има бебе,
што (не) дои,
што детето ѝ е прваче,
што се развела итн.
Тогаш што вреди да се спомене? Кога може да кренеме два прста и да кажеме: Малку сум исплашена.
И имам трема. Затоа што знам дека сѐ се менува и дека пристигнуваат големите обврски, токму во ранецот на едно дете, на еден големо-мал грб, за да ѝ покажат како треба. А јас сакам да остане дете, да остане дете и кога ќе порасне, да ја чува љубопитноста, да не ја вознемируваат дигиталните претстави на совршен живот, да знае дека животот не е „Инстаграм“, не е „Фејсбук“, да знае дека букварот е прозорец во еден поинаков, позначаен свет, да чита, да се прашува, да се буни, да протестира, да се сомнева, да бара одговори, да бара нови прашања. Сакам да знае дека секоја оценка е за ученикот, но и дека од оценките поголемо е знаењето, и тоа останува кога прашината ќе падне врз ученичките книшки и учебниците.
Дека е важно она што ќе го изгради попатно, дека е важно да биде задоволна од сопствениот израз во огледалото, но нејзиното лице да не биде мерило за сето она што е. Да се насмее кога ќе почнат да споредуваат во класот кој има најскапи патики и телефон, а која девојка има најубава насмевка. Да созрева, да учи, да заборава, да биде детинеста, да биде среќна.
Да се зарази со елан, среќа, другарство, со вирус на љубопитноста.
Никаде да не доцни.
– Ајде бре, што си толку стегната, како ти да ќе одиш во прво одделение. Прво одделение, па што. Како да е важно, и онака ништо паметно не учат!
– Знаеш што? Децата не се празно тенџере, па истури малку географија, малку историја и промешај ја супата. Ако детето сака да учи, ако е љубопитно, ќе научи и ќе знае. Не може некој да го присили да научи. Тоа треба да е двонасочна улица.
– Двонасочна улица? Се гледа дека децата сè уште не ти одат на училиште!
912