Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ви пишуваме како загрижени родители кои веќе пред една година успеаја да го одвикнат од пелени својот син, со тогаш неполни 2 години.
Но, еве, по точно една година, поради тргнувањето во нова група во градинка, не само што се одвикна од наученото, туку и се врати назад на пелени. Сега се плаши да каже на кого било дека му се оди во тоалет, на нокшир, ни за голема ни за мала нужда.
Не знаеме каков страв или фрустрација има собрано во градинка, учителките не нѐ известуваат. Сѐ уште чекаме психолошка помош од нивниот вработен психолог, но и за тоа немаме одговор. Не мора да наоѓаме од што и од кого произлегол проблемот. Иако и тоа е важно за да знаеме понатаму во неговиот живот што би му претставувало тригер, што би поттикнувало уназадување, страв, фрустрација.

ОДГОВОР: Драги родители, секоја регресивна реакција во развојот на детето е одраз или аларм за разрешување на стекната психолошка блокада. Сѐ додека не се разреши настанатата блокада во сегментот од развојот (социјален, емоционален, моторички, јазичен, когнитивен, психо-сексуален) на детето, не може да се одвива непречено. Во врска со вашата ситуација недостигаат многу витални информации со што би насетиле која е всушност причината што го вратила назад. Со увидување на причината, голем дел од проблемот се решава. Вашето дете сега има три години и не би можеле да бараме тригери за неговото однесување, тоа сѐ уште интензивно расте и се развива и целосно е препуштено на возрасните, односно зависи од чувството на сигурност, безбедност, љубов што тие ќе му го дадат. Доколку проблемот сѐ уште трае, ве советувам да се обратите кај детски психолог или психотерапевт со цел да се одредат јасни насоки.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X