Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам ќерка на возраст од 1 година и 10 месеци. Од неодамна живееме во странство, а за кратко ќе почне да оди во градинка. Има многу мал фонд на зборови, како: мама, баба, тете, ајде, да, не… Распознава ликови, предмети и животни без проблем. Имаме мака со изолираноста бидејќи сме сами и нови, а на 3 месеци доаѓаме во Македонија да се видиме со семејството. Мислам дека ѝ е многу досадно, сака постојано да има вклучено цртани, но не ги гледа активно, се заигрува некои 10-15 минути и толку. Се трудам колку што можам да ѝ го исполнам времето. Но, доколку не добие нешто што наумила, почнува да се самоповредува, во смисла ги гризе прстите, ја удира главата, паѓа на земја и плаче. Некогаш ја оставам зашто тоа трае некоја минута, па станува. Понекогаш ѝ зборувам со добро, но првата варијанта повеќе ми успева. Не знам како да се справам со ова, па молам за совет. Инаку, родена е предвреме, во 35. недела.
ОДГОВОР: Секоја промена сама по себе е стресогена и потребен е адаптибилен период со цел да се адаптирате целосно на неа. Во тој поглед можам да кажам дека децата секогаш полесно и побргу се адаптираат на новонастанати ситуации.
Развојниот период во кој се наоѓа вашето дете е прилично активен и брз. Детето станува љубопитно, го истражува и го согледува светот, изложено е на повеќе дразби, што го прави и немоќно во справување со граници и правила во домот, на пример, кога би сакале да го ограничиме просторот или нештата што се опасни (штекери, шпорет итн). Во овој период главна задача на едно дете е да се движи и да истражува. Затоа, многу е важно да поминувате време надвор каде што детето ќе трча, паѓа, станува, скока, ќе се протнува наместо да седи пред екран, без разлика дали активно или пасивно го гледа и слуша. Бидејќи вашето дете досега го слушало својот мајчин јазик, цртаните што ѝ ги пуштите треба да бидат исклучиво на македонски јазик половина час во денот.
Усвојувањето и обогатувањето на говорот ќе му помогнат на детето во амортизирањето на стресот и емоционалните реакции кои ќе почне да ги манифестира преку говор наместо да се удира себеси. Вториот јазик детето ќе го усвои постепено преку социјалната средина во градинка. Бидејќи вие две во моментот поминувате најмногу време сами, насочете се кон квалитетот на активностите што ги правите заедно и уживајте во целото расположливо време.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912