Имав прекрасно детство со сите нишани и со огромна љубов од родителите. Тие се мојот ветер во грб, луѓе кои се занимавале со мене, во вистинска смисла на зборот. Тоа денес ретко постои. Се трудам моето дете да го воспитувам во тој дух, со многу љубов и разбирање. Морам да најдам време за моето дете, тоа е најважното нешто што треба да го направиш во денот – вели Тијана

Дома – немирка, во градинка – бубалче, вака накратко би ја опишале пејачката Тијана Дапчевиќ. Ја избравме да биде првата позната личност што сакаме да ја вратиме во детството, да ни сподели како растела, какво дете била, што сакала да игра…
Таа вели дека кога била мала, дома била пргаво дете, додека во градинка збор не се слушало од неа.

– Дома бев монструм, антихрист. Кога мајка ми одела во градинка по мене, нозете ѝ се враќале. И постојано ѝ се чуделе воспитувачките: „Тијана? Па, Тијана не се слуша! Си пее, црта или си прави муабет сама со себе, си игра со другарчињата, бубалче!“ А дома – хаос. Нешто како Доктор Џекил и Мистер Хајд – се шегува Тијана.

Правдољубива и бунтовник со причина

Нејзина омилена игра било играњето џамлии, во што била шампион. Вели дека имала многу убаво детство, исполнето со многу игра, другарување, семејни патувања…
– Јас бев доктор за џамлии. Нашето маало се викаше неон-маало оти живеевме зад гимназијата „Јосип Броз-Тито“ и оттаму крадевме неонки и си игравме партизани и Германци со индијанското маало. А индијанското маало беше таму кај што денес е „Мистер Џек“. И ние се тепавме со нив – се потсетува Тијана.
Омилени другарчиња од маало ѝ биле Гордан и Дарко, со кои живеела на ист кат.
– Постојано си игравме кај Гордан дома. Тој имаше еден огромен сунѓер од брачниот кревет на мајка му и татко му и таму си игравме „Војна на ѕвездите“. Јас бев принцезата Леа, Дарко беше Оби ван Кеноби, а Гордан беше Дарт Вејдер. Со многу од децата од маало и денес одржувам контакт.
Со Маја и Маријана, две другарки од основното училиште, и денес се дружи.
Како дете, таа не била бунтовна без причина.
– Бев бунтовник со причина, правдољубива, им помагав на другарчињата кога беа во неволја, не бев предводник на некакви групи, напротив, постојано ги смирував.
Уште од дете ја стекнала навиката за читање книги и таа љубов ја има и денес. Се наметна и неизбежното прашање за првата детска симпатија.
– Бев петто кога се заљубив во еден Дарко, кој беше осмо. Многу бев заљубена во него. И ден-денес кога ќе го видам во град се смееме на тоа. Имавме споменари, лексикони, сѐ тоа пишував, пополнував – вели Тијана.

Тијана на училиште

Потекнувајќи од семејство на музички педагози (Велко и Билјана Тодевски), музиката била составен дел од најмали години. Уште на четири години почнала да учи да свири на виолина по препорака од татко ѝ.
– Покрај основното, одев и во музичко училиште. Морав да бидам ревносна и да ги завршувам обврските навреме. Бев одлична ученичка, а во средно малку попуштив. Не ми беше тешко да ги координирам двете школи. Растев со музиката. На четири години татко ми ме запиша на музичко училиште на виолина. На вториот час ја прашав професорката: „А кога ние ќе свириме Бах?“ Се изнасмеа. Ама мене ми беше досадно, само цигулигу – се смее Тијана.
На 7,5 години ѝ се случила љубов на прв поглед со инструментот виолончело.
– Татко ми ме однесе на концерт на Филхармонија каде што гостуваше легендарната Ксенија Јанковиќ, која го свиреше Дворжак. Се сеќавам дека го прашав татко ми за името на инструментот. Мојот прв впечаток беше дека има звук како човечки глас. Тоа беше љубов на прв поглед. Подоцна прочитав дека многу музиколози тврдат оти звукот на виолончелото е најблизок до човечкиот глас – вели Тијана.

Учела во ОУ „Јохан Хајнрих-Песталоци“. На прашањето кој наставник/чка нема никогаш да го заборави, таа категорично ни одговори:
– Дефинитивно тоа е наставничката по англиски јазик. Таа ме имаше фатено на пик зашто во еден од моите лексикони на прашањето кого најмногу го мразиш, ја напишав неа. И наредните четири години секогаш кога имавме англиски, сите од училница играа јамб, судоку, карти… Мене ме испрашуваше секој час. Имав тројка по англиски четири години и благодарение на неа, не можев да бидам скроз одлична. Не ја поднесував, ама од денешна перспектива многу сум ѝ благодарна оти научив англиски многу добро, особено граматика. Тоа познавање на јазикот многу ми помогна и кога учествував на „Евровизија“, бев на Би-би-си два дена по ред и ја коментирав првата фестивалска вечер заедно со Скот Нилс од Би-би-си 3, кој е најпознат шоу-водител од Велика Британија. Тој се чудеше како може некој од Источна Европа да знае таков англиски јазик – вели пејачката.

Тамара си ја побарав

Ја прашавме каква дадичка била кога се појавила Тамара на свет. А таа ни одговори:
– Тамара се појави на свет така што јас едноставно си ја побарав. Не барав брат или сестра, ами ја барав Тамара. Кога наполнив 9,5 години, сите имаа барбики, јас ја имав Тамара. Колку ѝ било лесно на мајка ми, си велам. Тамара постојано велеше: „Јас имам две мајки – тебе и мама!“ – се потсетува Тијана.

Признава дека имала најубаво детство на светот.

– Речиси ништо не ми фалеше. Одевме на море по еден месец во Дубровник. Имавме среќа што татко ми свиреше во Симфонискиот оркестар на Дубровничките летни игри и таму седевме по еден месец, па Грција, па Маврово, скијање… Имав прекрасно детство со сите нишани и со огромна љубов од родителите. Тие се мојот ветер во грб, луѓе кои се занимавале со мене, во вистинска смисла на зборот. Тоа денес ретко постои. Се трудам моето дете да го воспитувам во тој дух, со многу љубов, разбирање и занимавање со детето. Јас морам да најдам време за моето дете, тоа е најважното нешто што треба да го направиш во денот – вели Тијана.



912

X