Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка ќе наполни 3 години и растеше со минимална дружба од 2-3 дечиња. Не обрнувавме многу внимание на однесувањето бидејќи сѐ се сведуваше на тоа „оставете го детето, мало е, не разбира“. Кога игра со дечиња, не дава играчки, ако некој сака да ѝ земе една, веднаш го мава и почнува да плаче. Ако отидеме на гости, првите 30 минути не сака да игра со другарчето, ме бара мене или татко ѝ. Ја однесовме неколку пати во игротека, но и таму не сакаше да игра сама со другите дечиња.
Тргна во градинка и по две недели тешка адаптација, цело време со плачење, тегнење, преку ноќ се смени и на наше изненадување прифати и да останува на спиење и почна да јаде. Дома цело време зборува за другарчињата, раскажува што прават таму. Учителките ни кажуваат дека е мирна, повлечена, а овие денови не сака да соработува, да си игра со дечињата, не им дава боички, сликовници, не сака да седи заедно со нив на масичка. Ако видела празна маса, станувала плачејќи и си се преместувала таму. Разговараме со неа и ѝ даваме примери како сите заедно дома седиме на маса, јадеме, боиме, дека мама и тато на работа исто така седат со други луѓе на маса…
Ми треба совет и спремни сме за соработка.

ОДГОВОР: Драга мајка, во овој период детето инсистира да го добива тоа што го сака. Ваквите емотивни доживувања вашето дете не умее да ги препознае адекватно, не знае како со нив да се справи и сето тоа го прави да се чувствува беспомошно и фрустрирано. Од темпераментот на детето ќе зависи и социо-емоционалниот развој.

Колку што можам да забележам, таа има проблем да дели играчки, боички со други дечиња, но не и да биде во нивно присуство. Кога би требало да одбере дали би сакала да игра сама или до другарчиња, што би одбрала? Впрочем, од одговорот на ова прашање ќе зависи и целокупниот одговор на нејзиниот социјален развој. Некои деца не ги делат лесно своите работи и многу повеќе се врзуваат за нив, можеби тоа е одраз на тоа што таа е прво дете во семејството и немала со кого да го вежба истото, така што постепено, како што и нејзината природа налага, така ќе се развива и социјалниот развој.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X