Веќе четири години „Светот на Биби“ ги освојува детските срца. Четири години децата растат со Биби, се смеат, се забавуваат, учат… И целиме уште повисоко и ветуваме уште многу минути радост, многу редови приказни и сето тоа зачинето со љубов
Од заштитен лик за порталот за деца и родители „Деца.мк“ до главна протагонистка на „Светот на Биби“ и омилен лик и идол на многу деца. Вака еволуира ликот на Биби, која денеска слави четврти роденден. Секогаш подготвена да сподели совети, убаво однесување, да помогне онаму каде што е потребна, да укаже на грешки, несебично да подари љубов, радости, позитивна енергија. Затоа и децата ја обожаваат и ја имитираат. Од добрите примери лесно се учи.
Стојче Коко Ѓоргиев, Марјан Алексовски и Жарко Стојаноски, творците на „Светот на Биби“, приказната ја почнаа кон крајот на 2017 година во канцелариите на Факултети.мк. Тхе Мичо го нацрта разиграниот лик, Слаѓана Вујошевиќ го позајми гласот, а во моделирање на особините и карактерот се вклучи Билјана Црвенковска.
– Процесот на изработка на првиот цртан филм – „Азбуката на Биби“ траеше 5 месеци. Отворивме јутјуб-канал и преку Факултети.мк и Деца.мк почнавме со промоција на првиот цртан филм со македонска азбука. На 14 октомври беше премиерата, а за две недели веќе имавме над 100.000 прегледи – споделува Коко.
Оттогаш приказната се шири со невидени размери. Со сказни, книги, сликовници, видеа, специјализирани продавници, Бибиверзум, специјална училница, кобрендирани производи со Биби и Боби со „Бекутан“, едукативната платформа video.bibi.mk со над 1.000 минути оригинална анимирана содржина со Биби и Боби на македонски јазик, потпишување договор за издаваштво со „Лагуна“ – Србија, договор за дистрибуција со „Видеоплагер“ и многу награди, признанија… Следно што се „крчка“ во кујната на „Светот на Биби“ е 30-минутен новогодишен филм со Биби и Боби, чија премиера ќе биде на почетокот од декември.
Омилен дел од работата ни е кога ликовите почнуваат да се полнат со живот
Она што буквално ги движи Биби и целата дружина е тимот на аниматори. Тие се потпишуваат на сите скокови, трепкање со очите, потпевнување, прошетките низ шумата, мрдање со ушите, играње криенка… Прв на тим-листата е Димитар Аризанов – или човекот на кој му се обраќаш кога имаш какво било прашање од областа на анимација, илустрација, монтажа и што уште не. Потоа, Јосип Здравковски – секогаш динамичен и спремен да најде решение на секој проблем. Андреја Стојановски, кој е како нинџа, не го гледаш, а анимацијата готова. Кристина Карапеоска – нашата мила вештерка која со своето волшебно стапче прави ликовите да летаат, да играат, да се превртуваат. Тука е и Иван Ѓекиќ – мајстор за ригување и најголем ентузијаст. И Викторија Енѓуллу – која не е аниматор, но ги придвижува конците на аниматорите.
Како се склопува анимација или видео од Биби?
– Откако ќе се запознаеме со сценариото и раскадровката, се преминува на аниматикот, каде што добиваме појасна претстава за поединечните движења на ликовите. Со комплетирана анимација, подоцна истите се местат во композиција (лејаут) и се гледа приближниот финален резултат. Секако, секој од процесите е подложен на корекции со цел да се достави видео/сказна која би била спремна за прикажување.
Колку време е потребно за да се комплетира една епизода? Да се прогласи за завршена?
– Потребни се повеќе чекори за комплетирање на една епизода. Дел од нив се споменати погоре, но откако завршува запознавањето со сценариото и ќе се добие аудиофајл за него, се преминува во анализа на аниматик и првично поставување на анимацијата. Некој процес трае подолго, некој пократко, во зависност од комплексноста за изведба. Но генерално ни се потребни 3-4 недели за реализација на сказна.
Кој е најделикатниот момент во изведбата на анимацијата? На што е потребен екстра фокус?
– Секој аспект на анимацијата си има своја тежина. Доколку клучните пози на карактерот не се во ред, тоа го продолжува процесот на доработка. Тајмингот, исто така, е битен (растојанието меѓу две клучни пози). Потоа, откако ќе се завршат карактерите, се гледа како тие и нивните движења соодветствуваат во композицијата како целина. И тоа е процес поради кој некогаш треба да се преработи самата анимација.
Дали некој од ликовите е покомплексен за реализација? И кој лик е најлесен за анимација?
– Зависи од комплексноста на кадарот и акцијата на ликот. Не секогаш должината на кадарот ја диктира неговата тежина. Вообичаено, пократките кадри се тие со најмногу акција (трчање, скок, прикрадување итн.) Најлесен за анимација е Боби.
Кој ви е омилен дел од работата при оживувањето на Биби и дружината? И омилен лик?
– Кога сфаќаме дека од флет-илустрација ликовите почнуваат да зборуваат, мрдаат и да се полнат со живот, а воедно и да ги збогатуваат животите на најмалите. Омилен лик на повеќето ни е Дедо Мраз од Заз бидејќи е најнеобичен и е особено забавен лик.
Што ви е предизвик кога работите на нова епизода?
– Секогаш се предизвик новите ликови и како да ги оживееме, како и динамичните кадри.
Како држите чекор со најновите трендови?
– Визуелните ефекти се менуваат и се подобруваат со забрзано темпо, особено во последниве неколку години. Секогаш ги следиме најновите трендови во светот на анимацијата и секогаш се обидуваме да внесеме новости во градењето и анимирањето на ликовите од „Светот на Биби“.
Кои мотивациски мисли ја стимулираат вашата креативност и имагинација?
– Имаме неколку, но особено ни е забавна една од нашиот оригинален арт-директор Тхе Мичо: „Троа имагинација и лабаво, цртани прајме“.
912