Казнувањето често се поистоветува со „учењето“ на детето што смее или не смее да прави. Меѓутоа, кога детето ќе ја повтори истата работа по извесно време, мора да се прашаме колку навистина детето учи од казната?
Тоа што можеби детето истиот момент ќе престане со некоја активност главно е последица на стравот од реакциите на родителите, но не значи и дека разбрало зошто нешто не треба или не смее да го прави и нема гаранции дека тоа нема да го повтори и следниот пат.
Всушност, зад казнувањето стои претпоставката на родителите дека казната сама по себе ќе биде доволна за детето да извлече заклучок што е посакувано однесување, а што не е.
Бидејќи често се случува детето да ја повтори истата работа, тешко можеме да кажеме дека навистина ја научило лекцијата. Кога ќе ја повтори несаканата активност, детето ќе се најде во „небрано“ затоа што ќе се соочи со лутината на родителите кои тогаш казната ќе ја подигнат на „повисоко ниво“.
Но, ајде да почнеме од почеток…

Што се добива, а што се губи со казнувањето?

Ако земеме предвид дека казнувањето го доведува детето во ситуација во која се чувствува засрамено, уплашено, тажно, ограничено и несигурно (значи казната предизвикува непријатна емотивна состојба), важно е да се знае дека од оваа состојба нема учење, ниту мотивација нешто да се научи. Затоа, корисно е родителите да размислат која всушност е нивната цел – апсолутна послушност или однос на доверба дека детето ќе знае да процени некоја идна ситуација, и ќе донесат одлука во врска со неа. Првото дава краткорочни решенија, а за второто треба да се потрудат и да ги совладаат вештините за позитивна и мотивирачка комуникација, трпение, доследност и секако да се запознаат со развојните фази на детето, неговите капацитети и механизми на размислување.
Она што се губи со казнувањето е просторот за учење од искуството, но и создавањето однос на доверба – како во себе, така и во родителите. Ако детето се плаши од родителите поради казната, тоа ќе се чувствува несигурно, ограничено во учењето и носењето заклучоци.

Зошто возрасните користат казни за децата?

Кога зборуваме за казни, треба да разграничиме што сè се смета за казна:
– оддалечување на детето во друга просторија за да „размисли“ за своите постапки;
– седење на „столот за казни“;
– молкот на родителите и ускратување на комуникацијата (поставување прашања…);
– лутењето на родителите (без објаснување);
– викање;
– ускратување на утеха (емоционално дистанцирање);
– условување (ако не тргнеш веднаш, ќе те оставам во паркот);
–- ускратување или одземање на нешто (нема играчки);
– физичко казнување…

Има родители што воопшто не сакаат да го прават ова, но често не знаат, немаат идеја, а стравот од губењето контрола дополнително им ја отежнува приказната. Парадоксално е што контролата ја губиме токму со неадекватниот пристап.
Втората причина е претпоставката на родителите дека детето намерно го прави тоа, дека е безобразно, дека го прави нештото од инает, дека не е послушно… и дека треба „да се научи на ред“. Недостигот на разбирање (дека можеби детето е во процес на истражување и учење) и трпение го доведува родителот во позиција да примени казна за да го прекине несаканото однесување на детето.
Ако ова стане модел на однесување, во најголем број случаи детето ќе го повтори истото и тоа од две причини. Првата – затоа што не разбрало во што е проблемот, а втората – затоа што не знае што друго може/треба да направи наместо таквото однесување.
Кога ќе дојде до тоа, родителот се чувствува беспомошно бидејќи „еве не дејствува ни казната“, па почнува да бара поефикасна казна која на детето „ќе му даде подобра лекција“. Тогаш влегува во маѓепсан круг, ги доведува во прашање своите родителски способности, може да чувствува несигурност, вина, па дури и страв затоа што му станува јасно дека го нарушува односот со детето и дека довербата меѓу нив се намалува.
Тогаш со што да се заменат казните и како да се спречи детето да прави нешто што не треба?
Позитивниот пристап кон родителството на прво место подразбира познавање и разбирање на детето и неговото однесување, познавање на раните фази и капацитетите на детето и можностите во зависност од возраста, поставување јасни и реални граници, трпение и доследност, обрнување внимание како се чувствува тоа… Кога родителот на ваков начин ги сфаќа својата улога и своето дете, лесно му е да ја отфрли идејата за безобразието на детето и може да се посвети на учењето на детето низ искуство, објаснување и насочување.

Возрасните ја гледаат само последицата, а не и причината

Што практично значи тоа?
Да се види што стои зад некое однесување на детето, значи да се најде вистинската причина за него, да се разбере, да му се понуди на детето друго решение за некое негово однесување. Возрасните главно го гледаат само она што е на самиот крај – несаканото однесување кое сакаат да го коригираат – поточно, ја гледаат само последицата, а не и причината. Тогаш изостанува оној, „истражувачкиот“ дел – што навистина се случило за детето така непримерно да се однесува, како се чувствува поради тоа и како може родителот да му помогне. Клучно е насочувањето како детето да изреагира во таква ситуација.
Ако возрасните сакаат детето навистина да научи што треба или не треба да прави, нивно е преку примери и креирање искуства да му ги објаснат на детето последиците од таквото однесување – природни (ти студи затоа што не зеде џемпер) и логички (доцниме на роденден бидејќи ти сакаше да црташ).
Смирениот тон со претходен договор, објаснување што е прифатливо а што не е, што ќе се случи кога не се придржуваме до договореното – создава простор за учење без чувство на вина, срам и страв, кои ги носи казната.
Во практиката има толку интересни и креативни примери од деца што се обидувале да совладаат некоја нова вештина за да им помогнат на родителите, или експериментирале со нешто, но за жал наместо резултати, се појавил „проблем“ кој бил протолкуван како безобразие, невоспитаност, инает, по што следувала казна.
Кога само би го прашале детето: Што се обидуваше да направиш кога се случи ова? – би добиле одговор кој би ја објаснил ситуацијата и кој ќе го смени текот на нашите заклучоци и реакции.
Потоа ние би можеле да го насочиме детето, да му објасниме, да го научиме нешто – „Аха, разбрав што сакаше да направиш. Сега ќе ти објаснам како да го направиш тоа. Ова што се обидуваше може да биде опасно, така што немој повторно да се обидуваш/или викни ме да бидам до тебе кога пак ќе се обидеш“.

Како се чувствува родителот што го казнува детето?

Сигурно не е среќен поради тоа. Може да се чувствува поразено и дека ја изгубил контролата. Импулсивната реакција во која се посегнува по казна поаѓа од емоциите, а не од логиката, па некогаш казната нема никаква смисла (ќе те оставам на улица!), а свесноста дека со тоа не се постигнува ништо дополнително фрустрира. Но, за жал, родителот често нема идеја како поинаку да воспостави соработка со детето. Дали од навика или поради пренесениот модел од своето примарно семејство, а во голем дел поради притисокот од околината, се очекува таквото однесување на детето да биде „пресечено во корен“.
Меѓутоа, кога родителот е подготвен да „открие“ дека зад одбивањето на детето да си оди од паркот всушност се крие желба денот да му продолжи бидејќи ужива во играта, ќе може да разбере како се чувствува детето. Така наместо казна и условување (ако не тргнеш веднаш, нема да излезеш од дома утре!), ќе понуди конструктивно решение од кое детето нешто ќе научи – Разбирам дека уште ти се игра, но веќе е темно и време е да си одиме дома. Утре ќе дојдеме порано, па ќе имаш повеќе време.
Се разбира, овој модел на комуникација и соработка треба да заживее во семејството. Сигурно нема да биде доволно еднаш да се примени позитивната комуникација и веднаш да се добие резултатот. Повторувањето е мајка на учењето, а трпението е вештина која родителот треба да ја развива и да ја јакне.
Кога родителот е сигурен во себе (во својата улога и модел на воспитување), тогаш и детето може да се потпре на него, дека е сигурно дека тој ќе го разбере и ќе му понуди опции, но и ќе го охрабри да даде свое решение. Тогаш можеме да кажеме дека е создаден добар терен за учење каде што нема простор за казни.
Родителството често е маратон, а ние се однесуваме како да е трка на 100 метри! И затоа, краткорочните решенија во вид на казнување сигурно нема да помогнат да создадеме однос на доверба со детето. Покорисно е да се јакне трпението и да се совлада вештината на „читање меѓу редови“ отколку да се препуштиме на импулсивни реакции од кои детето нема да го научи она што ние сакаме да го научи.

Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер

 



912

X