„Тик-ток“ ги „презеде“ децата за време на пандемијата и кога по две години се вратија на редовните часови и обврски, се покажа дека тие веќе не се истите деца и дека е многу тешко да се вратат на „старите навики“.

Наставниците се борат да го задржат вниманието на учениците и да се справат со „Тик-ток“ мозокот, како што го нарекуваат некои експерти. Изложеноста на брзи и кратки содржини по неколку часа секој ден резултира со психосоцијално и академско заостанување кај младите. Постојаната поделба на вниманието помеѓу гледање видеа и одење на часови ги прави учењето и читањето невозможна мисија. Мултитаскингот можеби звучи како добра работа, но излезе дека е мит – неодамнешното истражување покажало дека паметните телефони на работното место и во училиштата доведуваат до повеќе грешки, повисоки нивоа на стрес, намалени когнитивни способности и намалена продуктивност.

Американскиот психолог Жан Твенџи открил дека помеѓу 2006 и 2016 година времето поминато пред екранот двојно се зголемило. Книгите брзо ја губат битката со електронските уреди – додека во 1995 година секојдневно читале 40% од учениците од четврто одделение, до 2016 година процентот паднал на 16%.

Учениците што извршуваат задача додека телефонот им е во видното поле имаат 20% полоши резултати поради слабиот распон на внимание. Колку повеќе се во нивни раце за време на часовите, толку полоши се нивните оценки. Истражување на американски студенти покажало дека 60% од нив се чувствуваат вознемирени кога немаат пристап до својот телефон.

Пандемијата само ги влоши работите. Телефоните останаа без конкуренција, а дневното време на екранот се зголеми за 17% од 2019 до 2021 година. Дневната употреба за деца на возраст од 8 до 12 години се зголеми на 5,5 часа, а за деца на возраст од 13 до 18 на 8,5 часа.

Експлозијата на „Тик-ток“ е типичен пример за тоа како алгоритмите дизајнирани да создаваат зависност уништуваат сѐ што им се наоѓа на патот. Невронаучниците што го проучуваат „Тик-ток мозокот“ покажаа дека бескрајното проследување кратки видеа предизвикува допамински награди во мозокот, што го оневозможува фокусирањето на побавните активности како што е учењето.

Извор



912

X