Бебињата во утробата покажувале знаци на незадоволство кога нивните мајки јаделе кељ, но се насмевнувале кога нивните мајки јаделе моркови, покажува ново истражување спроведено на околу 100 бремени жени во Англија.

Истражувањето нуди редок поглед на тоа како бебињата реагираат на вкусовите во реално време.

Истражувачите им дале на бремените жени капсули што содржат прашеста верзија од овие две намирници. 35 жени консумирале еквивалент на еден среден морков, а 34 жени консумирале еквивалент на 100 грама сечкан кељ. Останатите 30 жени не консумирале ништо.

20 минути подоцна ултразвучните снимки покажале дека повеќето бебиња во утробата изложени на вкусот на кељ изгледаат како да прават гримаси, додека кога мајките јаделе морков, кај повеќето од нив била забележана насмевка на лицата. Контролната група ги немала истите одговори.

– Ние сме првите што на ултразвучно скенирање успеавме да ги покажеме изразите на лицата на бебињата во однос на храната што мајките ја консумирале – вели Надја Рајсланд, коавтор на истражувањето и раководител на фетално и неонатално истражување во лабораторијата при Универзитетот во Дурам.

Претходните истражувања покажаа дека плодовата вода што го опкружува бебето може да има различни мириси или вкусови во зависност од исхраната на мајката.

Fetal and Neonatal Research lab, Durham University

Сликите од ултразвукот покажуваат реакции слични на оние на децата или возрасните кога вкусуваат нешто горчливо, вели Рајсланд, но не е познато дали бебето навистина доживува емоции или не му се допаѓа на сличен начин.

– Гримасите што ги гледаме на ултразвукот можеби се само движења на мускулите кои реагираат на горчлив вкус – објаснува Рајсланд. Сепак, таа додава дека кај бебињата е вообичаено тие да прават некакви изрази на лицето.

– Ако ги погледнете од 24. до 36. гестациска недела, нивните изрази стануваат сè покомплексни – рече таа.

Д-р Даниел Робинсон, вонреден професор по неонатологија на Медицинскиот факултет „Фајнберг“ при Универзитетот „Нортвест“, кој не бил вклучен во новото истражување, предупреди дека луѓето не треба да ги толкуваат снимките од ултразвук дека покажуваат среќа или незадоволство. Сепак, тој истакна дека е присутна идејата дека новороденчињата и доенчињата ќе им даваат предност на послатки вкусови, а зад тоа стојат еволутивни идеи.

При дизајнирањето на новото истражување, Рајсланд и нејзиниот тим избрале кељ и морков во прав наместо сокови или свеж зеленчук од неколку причини. Прво, со прашестата материја секоја учесничка консумирала ист број калории. (Исто така, од жените било побарано да не консумираат ништо што содржи моркови или кељ на денот на правењето на ултразвукот.)

Рајсланд рече дека капсулите се користеле и затоа што некои бремени жени не можеле да го поднесат вкусот на кељот, а истражувачите биле загрижени дека нивните негативни реакции ќе влијаат врз реакциите на бебето.

Рајсланд смета дека нејзиното истражување би можело да го подобри нашето разбирање за тоа како изложеноста на вкусови во матката влијае врз навиките за исхрана подоцна во животот. Ако бебето во утробата постојано го вкусува кељот, на пример, тоа ќе може да го толерира или дури и да ужива во вкусот штом ќе почне да јаде цврста храна.

Извор



912

X