Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се преселивме на друго место пред 6 месеци. Имам дете од 8 години. Тоа почна да оди во едно училиште, но сега треба да го смени. Како да му помогнам, покрај преселбата, менува две училишта во рок од нецела година. Нема контакт со ниедно другарче, немаше време да се запознае. Како да постапам?

ОДГОВОР: Верувам дека колку што сметате дека брзите промени од типот на преселби и менување на училишта, како и менување на место на живеење, се стресни за вашето дете, толку се и стресни и за самите, со таа разлика што вие чувствувате дополнителна и огромна родителска одговорност и се обидувате да му го олесните овој процес на вашето дете. Не постои човек кој е имун на животните промени, макар тоа да се само физички преселби. Она што ги прави различни луѓето, вклучувајќи ги и децата, е само потребното време за адаптација на самата промена. Личносниот систем на човекот почнува да се подготвува за промената многу порано, уште пред  да се случи самата промена.

Во тој адаптациски период личноста ги користи своите одбранбени механизми и психолошка моќ за справување со оваа стресогена животна динамика. Она што му се случува на вашето дете сега им се случува на многу деца во светот. И тоа е сосема во ред. Некогаш промените се стресни, но потоа многу слатки. Од вашето излагање на проблемот немам податоци од типот дали тоа е единственото ваше дете во семејството или има братче или сестричка, дали и на каков начин функционираше вашето дете изминатите шест месеци откако сте ја направиле преселбата, дали вашето дете е однапред подготвено за оваа промена, како во минатото реагирало на промени од типот одење и адаптација во градинка и слично.

Она што можам да го почувствувам од вашето излагање е дека вие сте тука за вашето дете и се грижите за него, особено за неговата психо-емоционална состојба. Тоа е повеќе од половина завршена работа. Остатокот треба да го пополните со зрачење на сопствената родителска самодоверба. Покажете му како вие здраво и силно се носите со овие промени, покажете му преку вашето однесување, говор и емоција дека немате чувство на страв и она малку доколку го имате, кажете му дека е нормално и дека секој би се чувствувал така да е на ваше место. Потенцирајте му ги позитивните страни и предностите што ги добива од училиштето во кое сега треба да учи. Кажете му дека секој ден сѐ повеќе ќе се гордеете со него бидејќи му верувате дека баш тој, вашето дете, ќе биде ученик за пример.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X