Одењето на училиште за повеќето деца може да претставува учење кратка стихотворба, но неретко за некои претставува пишување тешка проза. Дали ќе биде едното или другото, зависи во одреден дел и од родителите, но и од наставниот кадар. Децата што потекнуваат од функционални семејни структури полесно ги остваруваат развојните задачи во животната фаза – училишно дете.

Адаптираност на децата на училиште

Училишните деца честопати се под стрес. Показатели дека детето трпи притисок се: потиштеност, одбивање да оди на училиште, социјална повлеченост, незаинтересираност, хиперактивност, недостиг на внимание, тикови, пелтечење, замореност, досада, гризење нокти, нарушување на сонот и кошмари, ноќно мокрење, неможност да ги изрази емоциите и сл. Потоа психосоматски тешкотии (од немедицинска природа): најчесто болки во стомак, гради или глава, силно срцебиење, исип на кожата и сл.

Како авторитет, и наставникот/чката е стрес за децата сам/а по себе

Објаснете им на децата дека наставникот/чката не е натчовек, туку обичен човек, со свои доблести и недостатоци, како сите луѓе. Зошто е ова важно? Кога детето ќе го сфати ова, полесно ќе изгради правилен почитувачки однос (заснован на заслуги, а не на страхопочитување) кон авторитетите воопшто во иднина во животот (тренери, уметнички лидери, работодавци). Како резултат на ова, детето кон наставникот ќе воспостави правилен, здрав однос, ќе чувствува леснотија да го праша доколку нешто не му е јасно на час или да му се довери во неволја.

Поддршката и мотивирањето на децата треба да е во рамките на нивните способности и склоности

Сознајната љубопитност кај децата треба да се негува. Уште околу третата и четвртата година децата поставуваат многубројни прашања и фасцинантна упорност за да научат нешто ново. Затоа секогаш детето во предучилишна и училишна животна фаза треба да се пофали за пројавениот интерес: „Тоа е интересно прашање“, „Баш ме радува колку си заинтересиран/а“, така се охрабруваат децата да учат, но и да ги продлабочуваат своите сознанија, интереси и да ја негуваат трудољубивоста. Непогодни одговори од страна на родителот/наставникот би биле: „Престани веќе со тие прашања, досаден си“, „Уште си мал, не можеш да го разбереш тоа “, „Од каде па сега тоа прашање“ – на овој начин детето го понижуваме и губи доверба со себе, но и во родителот/наставникот. Семејството и наставниот кадар треба да посветат драгоцено време на своите деца и ученици, за подоцна како млади и возрасни да учат и да творат со уживање, да прераснат во заинтересирани, активни и успешни луѓе.

Понекогаш учениците имаат и тешкотија со оформување на сликата за себе. Некои знаци за ниско самопочитување кај детето може да бидат: претерано се фалат, срамежливо ги изнесуваат своите идеи, одбиваат да слушнат критика, перфекционисти се (никогаш не се задоволни од наученото/усвоеното), не се вклучуваат во нови активности или се вклучуваат многу подоцна, социјално се повлечени, безусловно/некритички го следат лидерот, често се плачливи, имаат пониско внимание и концентрација, може да постанат и жртви на врсничко насилство, а други пак пројавуваат насилничко однесување.

Мирјана Цветковиќ, психолог

Како може да им се помогне?Почитувајте го изразувањето на емоциите на своите деца

Во секојдневните активности, постапки и однесувања ние нешто чувствуваме. Сите емоции се нормални и прифатливи, без разлика дали се работи за радост, тага, лутина, страв, срам, љубомора итн. Кога вашето дете е бесно и тажно, прифатете го тоа и помогнете му да ја разбере и препознае дадената емоција, на тој начин подобро ќе се приспособи при секои наредни предизвици – пониска оценка, конфликт со другарче и сл.

Следува пример како може да се прифатат емоциите на децата:

Петар, 9 години, е анксиозен (сложено чувство на загриженост и страв) поради претстојниот тест по математика бидејќи не се чувствува доволно подготвен.

Неприфаќање на емоцијата – „Престани да се грижиш. Ти реков дека треба повеќе да учиш, а помалку да играш на телефон“ – се дава порака дека емоцијата е лоша и критиката негативно влијае врз самодовербата.

Прифаќање на емоцијата – „Те разбирам што си загрижен, Петар. И јас понекогаш сум вознемирен/а кога нема да се подготвам добро за наредниот работен ден. Тоа ме потсетува дека поинаку треба ги организирам дневните активности“ – се дава порака дека емоцијата е нормална, се гради доверлив однос родител-дете и се зацврстува самодовербата кај детето.

Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог

Психолошки центар Алтернатива



912

X