Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две деца, девојче од 7 години и момче од 3,5 години, а на пат е и трето бебе. Девојчето постојано бара вниманието за себе, сака само со неа да сум. Ѝ обрнувам внимание (колку што можам, но веројатно не е доволно), но таа постојано бара уште. Ако играме нешто јас и таа, а потоа ако одам да го видам братчето, почнува да плаче или да се лигави. Кога не може да привлече внимание, пее нешто без врска, на пример, мммммм и не престанува. Како да постапам со неа, ме вади од кожа на моменти.
ОДГОВОР: Вашата ќерка има 7 години. Не кажувате како реагирала на братчето кога се родило. Доаѓањето на ново дете во семејството е момент кој носи промени на целото семејство, а најмногу кај постарото дете. Ваквата вест не секогаш е привлечна за постарото дете. Според напишаното, тоа е случај и со вашата ќерка. Таа имала 4 години кога се родило братчето. Треба многу внимателно да се подготви постарото дете за доаѓањето на бебето. Вие сега имате време да ги информирате внимателно и ќерката и синчето за доаѓањето на третото бебе. Набавете сликовници или некој детски филм за да си го олесните разговорот. На вашата ќерка дозволете ѝ да ве испрашува за сѐ што ја интересира и искрено одговарајте ѝ. Секако, претходно добро подгответе се и бидејќи добро ја познавате, предвидете ги прашањата и одговорите.
Децата до седмата година се егоцентрични во начинот на размислување и тешко се ставаат во туѓи чевли. Природно е во нивниот свет сѐ да сакаат да се врти околу нив, да бидат единствени и најважни. Љубовта и вниманието од родителите не сакаат да ги делат, иако верувам дека вие ѝ кажувате дека еднакво ги сакате двете деца.
За да ѝ олесните на вашата ќерка, разговарајте за нејзините емоции и покажете ѝ дека ги вреднувате и почитувате. Давајте ѝ внимание и зборувајте за нејзината голема улога како најстара сестра, објаснете ѝ како ќе биде со уште еден член во семејството, вклучете ја во подготовките за доаѓањето на новото бебе и полека внесувајте ги промените што следуваат со доаѓањето на новото бебе. Заедно планирајте, таа ќе ја разбере големата улога што ѝ ја давате.
Со доаѓањето на новиот член постарото дете понекогаш ги враќа старите навики што ги надминало, што е случај и со вашата ќерка. Овие однесувања се надминуваат со многу разговор и давање обврски во согласност со нејзината возраст. Немојте да очекувате дека таа сега е поголема и треба да разбира. Охрабрувајте ја со пофалби за сите нејзини однесувања што се позитивни, а на негативните не обрнувајте им многу внимание.
Бидете трпеливи и немојте да сте престроги ни спрема себе ни спрема вашата ќерка. Направете сѐ што можете за да го намалите стресот од промените што се случуваат и ќе следуваат со раѓањето на новото дете.
Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912