Признавам, тоа не е лесно за нас, родителите, но да вршите притисок, да создавате дополнителен стрес или да одлучите наместо нив е најлошата работа што може да ја направите. Ним сега им треба само поддршка

Денот кога станав мајка – како да беше вчера. Се сеќавам на секоја ситница, на секоја секунда, на секој ден. И еве нѐ, веќе има 14 години и го завршува основното училиште. Пред неа (а и пред нас) е уште еден голем и важен чекор во нејзиниот живот. Упис во средно училиште.
Задача што не е ни малку едноставна. Особено кога си одличен, имаш шанса да се запишеш во кое било училиште, а ти не знаеш што да одбереш. Токму тоа моментално е нашиот најголем проблем. Да, нашиот, зашто сите сме вклучени во тоа. Како да ѝ помогнеме да одлучи во кое училиште да се запише? Тоа не е лесно. Цело време следиш што ја интересира, што најмногу сака, во што ужива и врз основа на тоа добиваш некоја слика што би сакало да стане твоето дете. Па, јас, како родител, така ѝ предложив неколку професии – од воспитувачка во градинка до психолог, педагог, логопед, фармацевт, но не, ништо не е добро. Секогаш истиот одговор: „Нема шанса!“ Во ред, не сакам да ѝ наметнувам нешто што не сака, па потоа еден ден да ми каже дека јас ја натерав да го избере тоа. Се обидувам колку што можам повеќе да разговараме за тоа, но гледам дека таа има „попаметна“ работа.

Како на 14 години да одлучиш што ќе работиш кога ќе пораснеш?

А кога би знаела колку тоа нѐ загрижува нас, родителите. Колку многу ние се информираме, гледаме училишта, домови, се јавуваме, разговараме. Но тоа е гледано од нашата страна. Како на 14 години да одлучиш што сакаш да работиш кога ќе пораснеш? А што е со нив? Зарем навистина мислиме дека ним им е сеедно? Тоа прашање си го поставив, но кога почнав малку да размислувам со „нивна глава“, сфатив дека не им е лесно. Им се нудат безброј можности, особено за тие што имаат добри оценки. Па кога си дете кое речиси сѐ го интересира и сакаш да научиш многу работи, како на 14 години да одлучиш што сакаш да работиш кога ќе пораснеш? Како, кога и повеќето возрасни кога сега би можеле да избираат, би избрале нешто друго.
Кутрите, бомбардирани со безброј информации и уште ние, родителите, им вршиме притисок. Сакаме да им помогнеме, да им олесниме, но во суштина им вршиме притисок. Како да не им е доволно тешко. Па, пред нив е една голема и важна одлука.
Но иако секој родител се грижи за своето дете и сака да го заштити од стрес, па дури и да донесе некоја одлука наместо него, затоа што ние знаеме „подобро“, треба да застанеме, да си ги зачуваме своите желби, да бидеме покрај нив и да им помогнеме да ја донесат таа важна одлука и да се запишат во училиште што самите ќе го одберат. Па дури и ако изборот не ни се допаѓа и мислиме дека можат подобро. Е тоа не е лесно, барем не ми е мене.

Треба да го поддржиме детето во одлуката

Немам право да ѝ ги наметнувам своите желби. Кога ќе почне да ги кажува идеите, ми доаѓа да врескам, но тогаш ми текнува дека и јас сама ги избрав школата и професијата и дека морам да бидам покрај неа, да ја поддржам во одлуката зашто тоа е нешто што ќе го работи подоцна, а ако тоа го сака, зошто да ја задушувам, а ако одбере нешто погрешно и ако подоцна сфати дека не го сака тоа, ќе мора да ги сноси последиците од таа одлука. „Детето може само да донесе одлука за продолжување на образованието, а родителите би требало да го запознаат со можностите“, смета психологот Михаел Козина. Признавам, тоа не е лесно за родителите, но да се врши притисок, да се создава дополнителен стрес и да се одлучува наместо нив, е најлошата работа што може да се направи. Ним сега им треба нашата поддршка. Треба да ги сослушаме и ако ни побараат совет, да им го кажеме своето мислење зашто единствено така ќе научат да носат одлуки, но и да преземат одговорност за своите одлуки.
А грижите што ги имаме? Да си ги задржиме за себе, да гледаме позитивно зашто на крајот сѐ ќе се среди, ќе се запишат во училиште што го сакаат и ќе сфатиме дека сме се грижеле без потреба. Уште кога тоа би било толку лесно

 



912

X