Телесното казнување на детето е кривично дело

Школување

Од 1842 година секое дете во Шведска има право да оди на училиште, по закон. Денес постојат десет години задолжително школување, поделено во четири фази: forskoleklass (предучилишна година, година 0), „lagstadiet“ (1–3 години), „mellanstadiet“ (4–6 години) и „hogstadiet“ (7–9 години). Поголемиот дел од децата потоа одат во општо средно училиште (повисоко средно училиште или еквивалентно на американското средно училиште за 10-12 години) и матурираат кога ќе наполнат 18 или 19 години.

Училиштето е целосно субвенционирано од даноци, со исклучок на градинката која делумно е финансирана од државата.

На децата на возраст од 6 до 13 години им се нуди нега пред и по училиште.

Учебна година

Шведската учебна година трае од август до јуни, со есенски распуст во октомври, божиќен распуст, зимски распуст во февруари и март и распуст за Велигден.

Закони

Околу една петтина од 10. милиони жители на Шведска се на возраст под 18 години. Шведскиот закон гарантира дека децата се добро заштитени и дека нивните права се заштитени.

Народниот правобранител за деца е владина агенција која ги штити правата на децата и се грижи за нивните интереси. Тој следи како општеството ја почитува Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето. Се залага за нејзино спроведување во шведските општини, регионалните совети и владините агенции.

Шведска беше една од првите земји што ја потпишаа Конвенцијата на ОН и ја вклучи во шведскиот закон во 2020 година.

Телесното казнување на детето е кривично дело

Во 1979 година Шведска забрани удирање деца, и дома и на училиште – и беше прва земја во светот што го направи тоа.

Шведскиот закон сега експлицитно вели дека родителите не смеат да користат каква било форма на насилство или друг понижувачки третман во воспитувањето на нивните деца. Физичкото казнување на дете е исто така кривично дело според шведскиот кривичен закон.

Помош и поддршка

Постојат многу организации до кои младите во Шведска можат да се обратат доколку им треба помош. Организацијата „Детските права во општеството“ нуди услуги за поддршка како телефонски линии за помош, чет и советување преку е-пошта.

„Пријатели“ е организација посветена на борбата против врсничкото насилство, главно во училиштата, но и надвор – за време на организирани спортски активности, на пример.

Семеен живот

Повеќето деца во Шведска живеат со своите мајка и татко, кои може да се или да не се во брак. Сепак, разделбата не е невообичаена. Денес, седум од десет деца под 18 години живеат со двајцата родители, додека околу две од десет живеат со самохрана мајка или татко, а едно од десет живее со очув или маќеа.

Секое четврто дете во Шведска има семејство со корени од друга земја.

Околу 60 отсто од децата живеат во приватни куќи или куќи со тераса, а другите во станови.

Шведска е прилично ретко населена, со само 24,5 луѓе на квадратен километар. Просекот во ЕУ е повеќе од 100 на квадратен километар. Тоа значи дека многу луѓе имаат на располагање природа, а уживањето во неа е голем дел од растењето. Правото на јавен пристап им овозможува на сите слободно да ја истражуваат природата.

Родители што работат

Повеќето деца имаат мајки што работат, а 80 отсто од жените на возраст меѓу 20 и 64 години во Шведска се вработени. Бројот на мажи што работат на возраст од 20 до 64 години е 85 отсто.

Родителите добиваат 480 дена платено родителско отсуство по дете, кои можат да ги поделат меѓу себе. Овие денови мора да се користат пред детето да наполни осум години или да ја заврши првата година на училиште. Најголемиот дел од родителското отсуство го земаат мајките, но татковците поминуваат сѐ повеќе време дома со своите деца. Мажите сега бараат околу 30 отсто од целокупното земено родителско отсуство.

Хоби и забави

Како и повеќето деца, и шведските деца уживаат да слушаат музика и да се дружат со пријателите. Тие се, исто така, охрабрени да се фокусираат на нивните интереси, а пеењето и свирењето на музички инструмент се популарни воннаставни активности.

Голем дел од нив се занимаваат со спорт. Меѓу најпопуларните спортови се фудбалот и хокејот на мраз. Јавањето коњи е, исто така, еден од омилените спортови меѓу девојките. Неодамна, индивидуалните спортови како што е гимнастиката забележаа голем раст – најверојатно благодарение на растечкиот број паркур-клубови кои се вклучени во оваа категорија.

Многу клубови и здруженија, како што е „Водичи и извидници на Шведска“, организираат активности на отворено за деца. „Скогсмул“, на пример, е своевидно природно училиште именувано по измислен лик кој израснал во шума. Организацијата им помогна на околу два милиона деца да научат да ја ценат и да се грижат за природата.

Социјални мрежи и игри

Младите Швеѓани се страсни корисници на интернет. Кај децата на возраст од 12 до 15 години 50 отсто користат интернет најмалку три часа во еден вообичаен работен ден. Во 2020 година 75 отсто ги користеле социјалните медиуми на дневна основа, а најпопуларен е „Снепчет“, па „Инстаграм“ и „Тик-ток“.

Гледањето видеа на „Јутјуб“ е една од најчестите занимации. Приближно 70 отсто од младите на возраст од 13 до 16 години гледаат видеа секој ден.

Игрите се популарни, особено кај децата на возраст од 9 до 12 години, а околу 80 отсто тврдат дека понекогаш играат видеоигри. Во просек, момчињата играат подолго и почесто од девојчињата.

Иновации

Шведските училишта соработуваат со различни организации за да го поттикнат интересот на младите за технологија и претприемништво.

Младинската програма „Finn upp“ (превод – „измисли“) користи наставна метода дизајнирана да ја разбуди желбата за знаење кај децата на училишна возраст. Програмата ги поттикнува да измислуваат работи за да им помогнат да учат. Секоја година оваа програма организира натпревар за млади пронаоѓачи на возраст од 12 до 15 години, настан кој има цел да инспирира нова генерација на пронаоѓачи, иноватори и претприемачи и да ја ослободи моќта на свежите идеи. Програмата била основана во 1979 година од страна на шведското здружение на инженери.

Непрофитното здружение „Снилебликтарна“ е наменето за деца од предучилишна возраст до шесто одделение. Целта е да се поттикне интересот на децата за технологија, природни науки и претприемништво.

Извор



912

X