Една мајка сподели интересна приказна за таканаречените фантомски удари, а во продолжение ви го пренесуваме нејзиното искуство.

– Пред некој ден лежев в кревет и го заспивав син ми. Одеднаш почувствував познато треперење во стомакот, чувство кое силно го поврзувам со бебешки удари во текот на бременоста. Тоа не беа удари што ги чувствуваш во доцната бременост, кога јасно можеш да кажеш дека ногата на бебето те клоца, туку забрзани движења што ги имав искусено во секоја моја бременост, околу 18-тата недела. Тешко е да се опише со зборови.

Мојата прва мисла беше: – Ох, веројатно се само гасови. Чувството беше толку специфично, толку познато, толку уникатно поврзано со раните удари на моите бебиња, што ми падна чудно.

„Дали е можно?“ си помислив, прашувајќи се себеси кога ми беше последниот циклус, кога последен пат јас и мојот сопруг имавме секс. Но, периодот штотуку ми заврши, четири дена пред тоа, што значеше дека немаше шанси да имам овулација, да забременам и да почнам да го чувствувам ударот на бебето.

Набрзо се вразумив и сфатив што се случува… Доживеав фантомски удари! Ако не сте слушнале за нив, фантомските удари во основа се имитација на бебешките удари што понекогаш ги доживуваат жените кои биле бремени. Поминаа седум години откако бев бремена и иако не ги доживувам толку често, сепак се случуваат понекогаш, еднаш или двапати годишно.

Фантомските удари секогаш ме изненадуваат. Чувството е толку надреално и скоро секогаш почнувам да верувам дека некако повторно сум бремена, иако очигледно не сум. Сосема лудо. Неодамна наидов на една интересна студија за фантомски удари објавена од научници од Универзитетот „Монаш“ во Австралија. Тамошните истражувачи анкетирале 197 жени кои претходно биле бремени за нивните искуства со фантомски удари.

Речиси 40 отсто од анкетираните жени доживеале фантомски удари во стомакот во одреден момент од нивниот живот. Жените најчесто ги опишувале како „вистински удари“ или „пецкање“, а 50 отсто од мајките ги опишале ударите како „многу силни“. Во просек, жените што ги доживеале овие сензации рекле дека тие продолжуваат околу 6,8 години по породувањето. Значи, не се само новите мајки тие што доживуваат фантомски удари.

Она што особено ме изненади беше информацијата дека една мајка сè уште доживува фантомски удари 28 години по породувањето.

Веројатно најважниот заклучок од истражувањето беше како жените се чувствуваат во врска со овие удари. Секогаш сум збунета и малку вознемирена кога ги доживувам, бидејќи мојата „фабрика за репродукција“ е затворена што се однесува до мене, а идејата да имам уште едно бебе не е добредојдена во моментов. Фантомските удари секогаш застануваат и ме збунуваат за момент, а јас речиси секогаш почнувам да верувам дека повторно сум бремена.

Според истражувањата, 25 отсто од жените ги опишуваат овие сензации како позитивни. 27 отсто од жените изјавиле дека се збунети, па дури и вознемирени поради овие сензации. Сепак, 16 отсто го опишале чувството како негативно, а тоа особено важи за мајките што го загубиле бебето. Истражувачите беа изненадени од интензивните емоции што овие мајки ги споделија и веруваат дека треба да се направат дополнителни истражувања за ефектите од фантомските удари врз менталното здравје кај мајките што доживеале спонтан абортус.

– Иако не најдовме значајна поврзаност помеѓу фантомските удари и постнаталната депресија или анксиозност, нашите резултати сугерираат дека влијанието на фантомските удари врз расположението не треба да се игнорира. Анализата на содржината на реакциите на жените на фантомските удари сугерира дека искуството може да ги влоши симптомите на анксиозност, особено во случај на мртвородени деца – напишаа истражувачите.

Генерално, истражувачите истакнуваат дека фантомските удари се недоволно истражена тема – како што е случајот со многу аспекти на здравјето на жените. Всушност, тие истакнуваат дека не постои јасен консензус за тоа што ги предизвикува овие фантомски удари на прво место. Имено, механизмот кој ги предизвикува овие сензации кај жените не е познат, иако научниците не уверуваат дека чувствата немаат никаква врска со заблуди или халуцинации.

Што би можела да биде причина за фантомските удари, години по породувањето?

Истражувачите сè уште не нашле биолошко објаснување за ударите, но напишале дека резултатите покажале дека фантомските удари по породувањето се „широко искусна“ сензација. Сепак, научниците имаат неколку теории, вклучително и „погрешно припишување на нормалните телесни сензации“ – што во основа значи мешање на дигестивните сензации или други телесни процеси со ударите на бебето.

Но, постои и теорија на „проприоцепција“. Имено, според оваа теорија, фантомските удари се сметаат за слични на фантомските екстремитети, каде што човекот сè уште го доживува чувството на исчезнат или ампутиран дел од телото дури и откако веќе го нема.

– За време на бременоста, инервацијата на абдоминалниот регион со постојани движења на фетусот се зголемува во текот на 40 недели од бременоста и брзо престанува при породувањето. Брзото намалување на абдоминалната соматосензација за време на породувањето има некои сличности со брзото прекинување на инервацијата по ампутација на екстремитет. Можно е фантомските удари да бидат феноменолошки како феноменот на фантомските екстремитети – пишуваат истражувачите.

Во секој случај, женските тела се неверојатни и фасцинантни. Постојат уште многу работи што треба да се научат за фантомските удари и, секако, секоја врска меѓу нив и менталното здравје по породувањето треба да се истражи што е можно поскоро. Ова истражување го потврдува фактот дека е нормално да се доживеат фантомски удари дури и по неколку години откако сте се породиле, а исто така е нормално да се доживее огромен број на различни емоции заедно со нив.

Извор



912

X