Во 2004 година Максенс Арси се преселил во Белефонтен, сиромашно предградие на францускиот град Тулуз. Ограничен со она што може да му го дозволи на своето семејство, таткото на шест деца купил стан во пространа населба во која имало училишта со најлоши резултати во регионот.

– Во тоа време овде живееја само жители на Магреб и Африканци и само тие одеа во тие училишта – вели Арси, кој емигрирал од Мароко во 1984 година во потрага по работа. Но, во јануари 2017 година локалните власти ги затворија тие училишта во четвртиот по големина град во Франција и почнаа да превезуваат 1.140 ученици во центарот на градот, во просперитетни училишта. Целта беше да се постигне еднаквост во образованието.

Според политичарот Жорж Мерик, теоријата била дека „приливот ги крева сите чамци“. Со други зборови, преместувањето на учениците од Белефонтен и две други предградија, Ла Рејнери и Мираила, во училиштата со докажан успех би било спротивно на социјалниот детерминизам и сите деца ќе имаат корист.

– Постојат населби во Тулуз со 90 или 95 отсто имигрантското население. Тие се многу сиромашни и тешко добиваат можности. Но, малите деца што живеат таму имаат право да успеат – рече Мерик, кој помогна во развојот на шемата.

Децата патуваат до училиштата за помалку од еден час

Како дел од проектот на Мерик, вреден 56 милиони евра, автобуси превезуваат ученици на возраст од 11 до 15 години до речиси десетина различни училишта во центарот на градот. Патувањето трае помалку од еден час.

Пет години подоцна, постигнатите резултати се вредни за анализа. Пред почетокот на оваа програма стапките на откажување од образованието кај учениците што живеат во сиромашните предградија и по полагањето на Бревета, националната диплома на Франција за 15-годишници, беа речиси 50 отсто. Таа стапка сега падна на помалку од 6 отсто, а рејтингот се зголеми во просек за речиси 15 отсто. Приближно 94 отсто од учениците останале во истото училиште.

Професорот Едуардо Москеда од Универзитетот во Калифорнија, Санта Круз, го признава успехот на проектот во Тулуз. Но, тој смета дека мора да се земе предвид и висината на средствата потребни за негова реализација.

– Ако проектот само за превозот на ученици чини 56 милиони евра, колку би се подобрило постигнувањето на учениците доколку тие пари се вложат во подобрување на училиштата кои сега се затворени – вели тој.

Покрај тоа, Москеда вели дека учениците се доведуваат во училишни средини каде што би можело да биде тешко да се интегрираат со оглед на расните, финансиските, културните и јазичните разлики.

Пример за подобрување на социјалната различност

Сепак, 13-годишниот син на Максенс, Арси Адам, кој се пресели од училиштето Белефонтен во училиштето Сент Обин беше среќен, ги подобри оценките и сака да биде инженер. За Арси, оваа иницијатива е пример за тоа како да се подобри социјалната различност и можностите на идните генерации.

– Отсекогаш сме биле за овој проект. Сакавме нашето дете да види други националности и култури. Бевме загрижени за растојанието до новото училиште, но автобуската служба работи многу добро – истакнува Арси.

За да започне проектот, биле одржани 80 состаноци. Во некои од нив родителите изразија загриженост за растојанието што децата ќе треба да го поминат, додека мал број наставници се пожалија на идејата за промени во составот на учениците, па дури и штрајкуваа во обид да го спречат тоа.

– На почетокот не беше пријатно. Имаше отпор, но ги послушавме сите причини за загриженост – додаде Мерик.

Ова искуство може да биде непроценливо со оглед на тоа што сегрегацијата во школувањето е присутна во Франција и во други земји, вели Малика Баауд, директорка на „Лекол ет нуи“, здружение на родители со седиште во Белфонтен.

Извор



912

X