Од раното учење сѐ до факултетот, емоционалната интелигенција (EQ) се покажува како важен аспект во постигнувањето успех. Емоционално интелигентните ученици подобро се справуваат со непријатни ситуации и состојби, како што е анксиозноста од тест, посигурни се во управувањето со нивниот надворешен – социјален свет, можат полесно да одговорат на притисокот од страна на наставниците и врсниците, со што се во подобра позиција да се фокусираат на учењето и да дадат подобар резултат при усно или писмено проверување на знаењето.

Емоционалната интелигенција подразбира вклучување на вештини како: емоционална самосвест, емоционална самоконтрола, самомотивација, емпатија и социјални вештини.
Според една нова студија, учениците што ги разбираат и можат да управуваат со сопствените емоции добиваат повисоки оценки и покажуваат подобри постигнувања на стандардизирани тестови.

Студијата е објавена во списанието Psychological Bulletin и всушност претставува метаанализа на 162 релевантни студии и опфаќа примерок од 42.000 ученици од 27 различни земји. Автор е Каролин Мекен, вонреден професор на Универзитетот во Сиднеј во Австралија. Мекен верува дека ова е прва голема метаанализа на студии која ја испитува врската помеѓу емоционалната интелигенција и академските перформанси. Во студијата се испитуваат различни видови емоционална интелигенција, како и методи за мерење на EQ. Целта е да се види како овие варијации влијаат врз тестовите, оценките и успехот во различни академски предмети за да се одреди точно кои делови од емоционалната интелигенција влијаат врз учениците. Мекен открива дека способноста на учениците да ги читаат туѓите емоции не е толку важна како способноста да ги регулираат сопствените емоции, односно поседувањето самоконтрола. Овие резултати, исто така, помагаат да се зајакне идејата дека инвестирањето во наставата во делот на социјално-емоционалните вештини ќе ги подобри постигнувањата на учениците.

Семејството е првото место каде што се одвива емоционалното учење на децата, а потоа тоа продолжува во училиште, каде што децата поминуваат најмногу време. Во училиштата треба да има сеопфатно образование со цел еднакво стимулирање академска интелигенција и емоционална интелигенција. Ова би им помагало и на наставниците да управуваат со инциденти и конфликти што се случуваат на час и да спречуваат и регулираат стрес, како и воспоставување позитивна дисциплина во училницата која ќе обезбеди соодветно место каде што детето може да напредува и да учи.



912

X