Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Нашиот син има 4 години. Како бебе беше многу плачлив и често се разболуваше. Неколку пати сме лежеле во болница. Уште од бебе бара постојано внимание, едвај ги завршував обврските по дома. И тоа не е сменето до денешен ден. Кога останав бремена со вториот син, дадов отказ и останав со него дома. Поради честите сериозни разболувања, не сме имале успех со одење во градинка, па имав можност да му се посветам максимално, да играме, да се шетаме, слабо зборуваше, па работевме и на говорот и сега супер зборува. Поминаа тантруми и сметав дека тоа се нормални фази во развојот. Подготвуван е за второто дете, со зборување, преку читање книги. Откако се роди брат му, тој има огромна лутина која трае веќе една година. Го мава, му фрла работи, му вика, не дава да цица, ништо не ми дава, често вели дека не го сака, а некогаш ќе го гушне и ќе му рече „те сакам“. Друг проблем е што веќе неколку месеци, за да може да спие малото и да цица, го зeма баба му горе, во истата куќа. Таа е премногу попустлива, постојано му купува играчки, почна да јаде благо зашто таа му дава сѐ што сака. Тоа трае и покрај нашето укажување дека е претерано. Веќе некое време вреска за да оди кај неа, не ѝ дава да си оди дома, а и таа ако слушне дека вреска, одма доаѓа. Кажува дека се плаши од нас, дека се срами и други нелогичности. Јас сум веќе очајна зашто не знам како да постапам кога ќе почне да вреска, да се тресе, да фрла за да оди кај баба му.
ОДГОВОР: Односот со вашето дете сѐ уште е доста близок, се чини како одвојувањето никогаш да не се случило. Да биде уште подраматично, и самиот поминувал низ кризни периоди со болест во кои уште повеќе сте се зближувале. Така што таа ваша блискост иако би требало развојно да е завршена и тој да е поосамостоен, сепак не се случила. Верувам дека поради неговата болешливост, и кај вас постоел интензивиран страв од пуштање, осамостојување и доверба во она што е надвор од вашиот однос и релација. Второто дете ги променило нештата, за вас, но не за него.
Поради тоа, со доаѓањето на второто дете, колку и да му е објаснувано, читано приказни и зборувано, поточно колку и когнитивно да било спремно, сепак телесно и емотивно таа информација воопшто не стигнала до него. Ваквата подготовка е несоодветна за таа возраст поради когнитивниот капацитет за разбирање, детето овде не може да разбере за нешто што не го гледа, иако вам ви се чини дека разбира.
И покрај сѐ, наместо да се интензивира таа поврзаност со него кога братчето дошло, вие сте го предале поради организација на време, на чување кај свекрвата, пракса, што претпоставувам не сте ја имале претходно. Тоа за едно дете, особено кое не е раздвоено од вас, значи дека се откажувате од него, дека губите интерес и дека веќе не е значаен и битен, и затоа од петни жили се бори да остане до вас, макар тоа да значи да најде деструктивни начини да ви го одвлече вниманието.
Се прашувам каде е таткото во целата оваа приказна? Дали е ангажиран и активен околу него? Имам доживување дека некако е отсутен и дека главно семејната арена во вашето проширено семејство ја прават најмногу жените. Вообичаено е дека кога доаѓа второто дете, другиот родител да го преземе поврзувањето со првото дете, но не во моментот кога се раѓа второто дете, туку период претходно, од 2-3 година од растот на детето. Значи таткото не се вклучува затоа што второто дете се раѓа, туку претходно, без разлика дали ќе има второ дете или не.
Со доаѓањето на второто дете, неговата емоционална стабилност на прво дете која ја има развиено целосно се руши и тој се брани силно со сопствената лутина за вас, да ве задржи. Можеби лутината е и еден паничен страв, и можеби тантрумот е токму тоа. Тешко е да се бара од едно дете кое толку било поврзано со вас да се откаже тукутака од вас и вашата љубов. Доколку тоа се случи несоодветно, и вие претпоставите дека е голем и потребно е да го направи тоа, тогаш правите вистинска грешка, ги гледате работите единствено од сопствена перспектива, а не од неговата, и само ја разгорувате лутината, затоа што му одземате нешто што е негово, вашата посветеност и внимание…
Тантрумите се револт и отпор против сè што му се случува, тие се телесниот одговор на интензивната лутина или страв (паничен дури) која детето на 4 години не знае како да ја канализира, вербализира, пренасочи. Сме пишувале дека развојно вашето прво дете сѐ уште е во фазата на негативизам и егоцентричност, каде што реагира со отпор на сѐ што му се нуди или со кое не се согласува, и единствено го разбира сопственото гледање на работите. Кај вас симптомите се нагласени затоа што примарната поврзаност сѐ уште е многу присутна. Тантрумите понекогаш се регресивен одговор на справување со вознемиреност кои постоеле и претходно, а можно е и да се нов одговор на преплавувачката вознемиреност поради разделби кои детето не ги разбира.
На 4-годишно дете не можат да му се објаснат многу нешта, туку треба да му се покажат. Затоа е потребно поголемо, нежно и со разбирање вклучување на машкиот родител, поврзување и развој на нов квалитет на нивниот однос. Уште пред да се осамите за да цица вашето второ дете, потребно е вашиот сопруг да го земе и да му го одвлече вниманието, потребно е да направи поврзување со него, наместо со свекрвата. Но доколку тоа не е возможно, тогаш не треба толку брзо да го туркате од себе, некое време ќе функционирате со двајцата, па додека доите, нека биде во ваша близина и ќе му кажете нежно дека е супер што сте заедно, но дека треба да биде потивок, да не го удира бебето. Притоа ќе најдете начин и вие да го галите него додека го доите другото дете и да му раскажувате како било кога тој бил мал. Потребно е и да одвоите посебно време за него – првото дете, а второто да го оставите сопругот да го чува додека вие со него се галите, гушкате и уживате во вашите омилени игри како порано, наместо да зборувате постојано и да му објаснувате за важноста на неговото однесување во однос на малиот брат. Многу помага кога ќе го ставите во улога на поголем батко без кој вие не можете да постигнете, го фалите за работите што успева да ги направи и да ви помогне. Обидете се да му зборувате на второто дете колку неговиот поголем батко ви помага затоа што е голем и разбира дека тој е само бебе и не може сам. Нагласете му колку сте среќни што го имате него да ви помогне кога не можете да го чувате првото дете. Во ред е понекогаш да кажете: „Ух колку бебињата понекогаш се тешки за чување, те разбирам зошто понекогаш си изнервиран, но и многу слатки и меки, како што беше и ти кога беше мал“… Треба да му кажете дека има право да се лути, но треба да најдете поинакви и побезбедни начини на справување со лутината, некакво поинакво поместување, наместо директен удар, повреда на другиот и на себе, да пренасочите кон удари со перници, скокање на душек, физичка активност, скокоткање… И никогаш не оставајте го сѐ додека не почне сам да се издвојува од вас, тогаш најдете начин да го наградите неговиот повозрасен одговор.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912