Пред две години, март 2020 година, на самите почетоците од глобалната пандемија, првпат се запознавме со колективниот портал ЕДУИНО и неговите ресурси за поддршка на учењето на далечина. Во текот на овие две години платформата ЕДУИНО прерасна во ресурс со трајна вредност за нашето образование бидејќи уште од самиот почеток преку волонтерски принцип, сите наставници се вклучија да снимаат видеолекции за учениците, па така овој портал, кој е создаден со и преку ЕДУИНО-заедницата, брои повеќе од 25.000 члена, кои секојдневно си помагаат едни на други.

Од тимот истакнуваат дека уште кога го започнале овој проект, размислувале како најдобро да ги вклучат сите засегнати страни бидејќи знаеле дека само преку процес на заедничка работа и кокреирање може да се постигнат успеси. ЕДУИНО е портал на Бирото за развој на образованието (БРО), развиен во соработка со Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

– Низ процесот на создавање на ЕДУИНО, покрај креираните дигитални ресурси и алатки, се разви и заедница на едукатори за создавање и иновација во образованието. Сите материјали што се креираат поминуваат низ систем за верификација и одобрување, со што се обезбедува квалитет на содржините што ЕДУИНО ги нуди, како и нивна компатибилност со наставниот план и програма – изјави Зекирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието при прославата за една година постоење ЕДУИНО.
Реализацијата на ЕДУИНО-иницијативата е поддржана од УНИЦЕФ и Амбасадата на Велика Британија преку Владата на Обединетото Кралство, кои велат дека безрезервно придонесуваат во овој проект. Се присетуваме што раскажаа Патриција ди Џовани и Рејчел Галовеј на средбата по повод прославата за ЕДУИНО:

– Со задоволство можам да ја констатирам неверојатно брзата адаптација на образовниот систем кон учење на далечина и огромниот напор за воспоставување на Националната платформа за настава од далечина и порталот ЕДУИНО. ЕДУИНО дојде во време кога беше најпотребно. Мора да обезбедиме повеќе од само место за учење предмети, мора да обезбедиме место за игра, дружење и развивање вештини за 21 век – изјави Патриција ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ

– Заслугите за успехот на ЕДУИНО мора да им припаднат на луѓето што денес ги именуваме како амбасадори на ЕДУИНО. Јасно ги гледаме извонредните резултати на полетни, креативни, посветени и одлучни професионалци – изјави Н.Е. Рејчел Галовеј, амбасадорка на Велика Британија.

Имплементацијата е од страна на невладината организација СмартАп – Лабораторија за социјални иновации, а учество во проектот имаат и Synrg Software & IT Solutions. Од проектниот менаџер на ЕДУИНО, Милена Игњатова, ќе дознаеме повеќе за најголемите иницијативи во рамките на овој проект:

ЕДУИНО-вебинарите се онлајн настани за поддршка на професионалниот развој на наставниците и учење преку непосредност и неформалност, и се едни од моите најдраги иницијативи. За овие две години реализиравме 27 ЕДУИНО-вебинари и повеќе од 120 видеообуки/упатства за едукатори. Издадовме речиси 45.000 сертификати и според нашите статистики, сме најгледаните онлајн вебинари во државата со вкупна гледаност од околу 200.000 прегледи во живо и преку јутјуб-каналот.
Посебно место во нашата ЕДУИНО-заедница има групата за професионална соработка и развој, ЕДУИНО-амбасадори. ЕДУИНО-амбасадори претставува концепт кој го афирмира трудот на највредните и најпосветени едукатори кои придонеле во ЕДУИНО. Во моментов оваа заедница брои 33 члена, а очекуваме до крајот на годината да достигнеме до бројката од повеќе од 80 члена.

Уште една интересна иницијатива е ЕДУИНО-игратонот, кој е креативен предизвик за учење и игра кој им овозможува поддршка на родителите, воспитувачите и одделенските наставници. Изминатите две години организиравме три изданија на креативниот предизвик, едно во домашни услови и две изданија кои вклучуваа активности за трите категории: градинки, училишта и домашни услови преку кои беа поднесени над 2.500 игровни активности од родители и едукатори од целата држава.

Поттикнувајќи го правилниот ран детски развој и учењето преку игра, во декември 2021 успеавме да ја пуштиме во употреба новата платформа – ЕДУИНО Ран детски развој, која нуди отворени, бесплатни и проверени ресурси и игровни активности наменети за воспитувачи, одделенски наставници и родители – ни раскажа Милена.

Успехот на ЕДУИНО денес е препознаен и во светски рамки со тоа што е дел од извештајот на HundrED за најдобри 100 иновации во образование во светот за 2021 година. Додека пак во март оваа година го освои трето место во категоријата најпопуларен сајт за образование, наука и култура.
Но, тимот на ЕДУИНО цели кон поголеми достигнувања и моментално работи на креирање ЕДУИНО-лабораторија, која е замислена како виртуелен 2Д-простор во кој учениците би можеле на интерактивен начин да учат за хемиски и природни процеси. Следете ги сите новитети на ЕДУИНО на нивните профили на Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, а посетете го нивниот портал и инспирирајте се за учење и игра со вашите деца, внуци или ученици.



912

X