Во музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје работат близу 250 вработени со околу 1.800 ученици од основно и средно образование, кои наставата ја следат на македонски и на албански наставен јазик, вели Стојанова

Да се раководи најголемиот музичко-балетски училиштен центар во државава е голема одговорност. На функцијата в.д. директор од лани е назначена наставничката по пијано м-р Даница Стојанова. За тоа, дали можеме да се пофалиме со талентирани ученици за музика, каква е соработката со родителите, што се прави за да се модернизира наставата, зборуваме со Стојанова во ова интервју.

Како е да се води најголемиот државен музичко-балетски училиштен центар?

– Да се раководи со најголемиот музичко-балетски училиштен центар е вистински предизвик и голема одговорност. Овде работат близу 250 вработени, кои се задолжени за образованието и воспитанието на околу 1.800 ученици од основно и средно образование, кои наставата ја следат на македонски и на албански наставен јазик. Како директор, го практикувам тимскиот модел на работа – речиси половина од вработените наставници и стручни соработници имаат дополнителни работни задолженија во стручните тела на училиштето кои ги извршуваат во работното време пред и по часовите. Имам целосна доверба во раководителите, стручните служби, административно-техничкиот персонал, училишниот одбор, наставничкиот совет, раководам со училиштето почитувајќи ги нивните сугестии и сметам дека тоа во целост добро функционира во изминатите месеци токму поради споделената одговорност, како и заемната доверба. Пред сè, за нас се битни меѓучовечките односи и внатрешната организација. Кога тоа функционира, сè е полесно. Во голем колектив, одржувањето на позитивната клима подразбира толеранција и соработка на највисоко професионално ниво.

Дали можеме како држава да се пофалиме со талентирани ученици за музика? На кој начин како училиште вложувате во нив?

– Имаме талентирани деца и млади, а во „Луј“ се образоваат талентирани ученици главно од град Скопје. Во врска со талентот, би кажала дека тој се развива и негува преку развивање работна дисциплина, а токму тоа ние го вградуваме во развојот на детската личност, со што не само што го развиваме и усовршуваме талентот за музика и танц, туку работната дисциплина стекната низ раното музичко-балетско образование ги подготвува децата за успешно вршење и на други комплексни професии подоцна. Како училиште се трудиме максимално да ги мотивираме учениците во соработка со надлежното Министерство за образование и наука и неговите органи, обезбедувајќи услови, но и наставни планови и програми за квалитетна настава и воннаставни активности. Воннаставните активности се изведуваат преку учество на нашите ученици на јавни музички и балетски настапи, натпревари, семинари, обуки и концертни активности. Во изминатите месеци беа успешно реализирани рекорден број јавни настапи на нашите ученици, за што целиот колектив се залагаше да бидат организирани како здрав и конструктивен начин на справување со психолошките предизвици создадени од двегодишната пандемија. Повторното будење на концертната активност беше дочекано со воодушевување, како од вработените така и од учениците и нивните родители, секако, со максимално почитување на предвидените протоколи.

Каква е соработката со родителите?

– Системот за поддршка на учениците во учењето се одвива преку редовна и квалитетна соработка со нивните родители. Со оглед на тоа што во училиштето се образоваат околу 1.800 ученици од страна на над 200 наставници и стручни соработници, и тоа во најголем дел преку индивидуална настава, секој класен раководител е задолжен за комуникација и се грижи за образованието и благосостојбата на мал број ученици, односно за учениците од својата класа. Токму моделот на индивидуална и настава во мали групи ни овозможува и навремена детекција и успешно справување со можните проблеми и предизвици низ кои минува секое дете додека е наш ученик. Родителите што имаат потреба од дополнителна поддршка, ја добиваат преку работа со стручната педагошко-психолошка служба. За потребите на учениците со посебни образовни потреби, нашата стручна служба, во чиј состав работи и училиштен дефектолог, изработува и посебни индивидуални наставни програми, а нив со години наназад успешно ги реализира наставниот кадар. Не е мал бројот на ученици со посебни образовни потреби кои денес се дипломирани музички и балетски уметници.

Колку вложувате во модернизација и во инфраструктурата?

Државниот музичко-балетски училиштен центар е основан од страна на Владата и е под надлежност на Министерството за образование и наука. Како кај сите државни училишта, основен извор на финансирање се буџетските средства кои се одобруваат наменски. Вкупните потреби се секогаш поголеми од можностите за нивна реализација затоа што училишната зграда изградена во 70-тите години редовно и тековно се одржува, училиштето вложува во професионален развој на вработените, но и во модернизирање на наставните средства согласно промените на светско ниво, како и барањата од наставните програми. Минатата година училиштето се опреми со информатичка опрема заради поуспешна поддршка на севкупната дигитална реформа на образованието, набавени се костими за балетските играчи. Воедно, имавме среќа по долги години да добиеме финансиски средства за купување ново концертно пијано од висок квалитет на кое се изведуваат најголем дел од воннаставните активности – концертите. Главен извор на финансирање доаѓа од буџетот на надлежното министерство, во помал обем учествуваат и приходите од самофинансирачки активности на училиштето. Напорите и залагањата во изминатиот период се во правец на аплицирање на достапните домашни и странски фондови за развој на образовната инфраструктура, како и опремување на училиштето со помош на потенцијални донатори – љубители на уметноста. На овој начин, минатата година преку донации добивме уште едно ново пијано, електрично пијанино, виолини и балетски под.

Фото: приватна архива



912

X