Синдромот на дефицит на внимание и хиперактивност, познат и како АДХД (од англ. Attention Deficit Hyperactivity Disorder), е едно од најголемите невроразвојни нарушувања во детската и адолесцентната возраст. Ова нарушување вклучува зголемена моторичка активност кај детето, која е следена со неадекватно развиено и лесно отстранување на вниманието со нагли, непредвидливи и импулсивни реакции.
Таквото дете во одделението е немирно, им пречи на другите во работата, не може да заврши ни наједноставна задача, невнимателно е, секогаш е во неволја и е со променливо расположение, раздразливо е, не може да одржи пријателство и сл.
Основниот развоен проблем кај овие деца е проблем во препознавањето и одговорот на сензорните стимули и емотивните импулси. Импулсите водат кон избрзан одговор.
Реакцијата на детето на стресните ситуации секогаш е пренагласена (на пример, семејни расправии, соочување со ексцесивни барања, траума или загуба).
Во 50-90% од случаите симптомите на АДХД може да вклучуваат различни психолошки проблеми, како депресија, анксиозност, нарушено поведение и др. АДХД може да биде во помала мера (20-25%) асоциран со проблеми поврзани со учењето или развојот (моторни функции, перцепција, јазични вештини и комуникација). Детето има проблеми со самодовербата, нарушената слика за себе и социјалната улога се понекогаш присутни, иако не се доволно силно изразени за да претставуваат посебна дијагноза сами за себе.
Барем 5% од децата имаат синдром на невнимание/хиперактивност, проблеми во моторната координација и перцептивни тешкотии на почетокот од образованието: секое одделение има барем едно хиперактивно дете.
Генската предиспозиција за АДХД е важна. Наследството, заедно со влијанието од околината, може да го поттикне развојот на АДХД. Проблемите почесто се јавуваат кај момчињата отколку кај девојчињата.
Една третина од овие деца имаат значајни тешкотии, па третманот и рехабилитацијата се неопходни веќе во предучилишна возраст, додека другите имаат потреба од поддршка на училишна возраст.
Раната детекција на Синдромот на дефицит на внимание и хиперактивност е важна за да се обезбеди соодветен третман и рехабилитација.
Без оглед на симптомите, треба да се има сеопфатен и мултидисциплинарен пристап уште од самиот почеток, со цел да се избегне ограничувањето околу една дијагноза. Покрај податоците што ги даваат родителите, најважните елементи од емоционалниот развој на детето треба внимателно да се испитаат. Сферите во кои детето нема проблеми веднаш треба да се стават настрана, а лекарот треба да продолжи да истражува во сферите кои се потенцијално проблематични. Присуството на обата родители се препорачува од самиот почеток.
Додека е многу важно симптомите да се контролираат, детето треба да продолжи со емоционалниот развој. Детето треба да биде свесно за своите чувства во различни ситуации и да може да ги контролира. Родителите треба да бидат способни да му даваат поддршка на детето. Во поволни опкружувања детето лесно се смирува, добро комуницира и конструктивно ги восприема искуствата и ги споделува со другите. Многу е важно на детето со хиперактивност и дефицит на внимание да му се понуди можност за такво поведение.
Медикаментозната терапија не треба да се почне само поради симптомите, туку по сеопфатна процена. Намалувањето на симптомите ја олеснува комуникацијата помеѓу
детето и неговите родители. Некои нефармаколошки пристапи се потврдени како ефикасни, на пример, релаксациона терапија.
Најдобри резултати се постигнуваат со таканаречениот мултимодален пристап, односно со истовремена примена на соодветни лекови и различни психосоцијални и психоедукативни пристапи. Исклучително е важна едукацијата на родителите и околината за природата на ова нарушување, така што околината што подобро да се приспособи на детето.
Семејствата имаат полза од прирачниците за одгледување деца, приспособени програми, семејни одмори, социјална поддршка, добро напишани информации, групни активности на родителите на врсниците, а понекогаш и психотерапија. Блиска соработка на семејството и училиштето е неопходна и вообичаено има потреба од специјални аранжмани на училиште во кои вниманието е насочено кон индивидуалните специјални потреби на детето, користење помош во учењето, работа во мали групи итн.
Кај нас не постојат посебно специјализирани институции кои се занимаваат со лекување исклучително на АДХД, но родителите кои ќе забележат некои од симптомите на хиперактивност кај своите деца можат да се обратат кај својот матичен лекар, кој ќе ги советува каде и како понатаму да се справат со оваа состојба.
Автор: д-р Весна Атанасовска, спец.по семејна медицина
ПЗУ Медико Марија
912