Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојот син има 8 години и подолг период имаме проблем со тикови. Се појавуваат, па се губат, прво почна со мрдање на вратот, па престана, па потоа со носот, па со очите и на крај со устата. Ќе престане со едно, па по одреден период продолжува со друго, ги шири очите, прави гримаси со устата и сѐ така во круг. Ова се случува подолго од една година и веќе почна да ме загрижува. Кога ќе го прашам, вели дека не знае зошто прави така, му зборуваме, но продолжува уште повеќе, ако не зборуваме, ќе престане накратко, па пак ќе продолжи. Ова се случуваше претходно кога гледаше телевизија или телефон, а сега веќе го прави цело време, без разлика дали јаде, пишува и сл. Што да преземеме?
ОДГОВОР: Тиковите се повторувачки, безволни движења, придружени со трепкање, тресење на главата, грчење на усните, очните капаци, мрдање со челото, стегање на тупаниците или кревање рамена. Поделени се во три групи: моторни, вокални и сензорни.
Моторните тикови се брзи, ненадејни и краткотрајни мускулни контракции. Тие влијаат врз еден или повеќе делови на телото, вклучувајќи го и лицето.
Вокалните тикови се, исто така, ненадејни и краткотрајни, но вклучуваат правење звуци или зборови.
Сензорните тикови вклучуваат повторувачки соматски сензации, почувствувани на или во близина на кожата, лоцирани во одреден дел од телото, препознаени како „невообичаени“ и стереотипни.
Сите нервни тикови се некоординирани, неритмични и повторливи.
Повеќето деца не се свесни за тиковите и не можат да ги контролираат.
Вообичаено се појавуваат како резултат на стрес, несигурност, прекумерна строгост на родителите или недостиг на граници во воспитувањето. Ако детето е изложено на страв, несигурност или конфликти, може да реагира со тикови.
Би било добро да обрнете внимание на тоа што прави секојдневно, како се чувствува, дали влегува во конфликт, како и дали ги изразува лутината, тагата, стравот… како е кога се дружи со другарчињата, дали и тогаш се појавуваат, со кој интензитет. Бидејќи тој не може да ги контролира, не барајте од него да ги спречи и не вршете му притисок бидејќи тоа може да предизвика само негативна емоција кај него. И самите велите дека кога не потенцирате и не зборувате за нив, поретко се појавуваат.
Размислете и за тоа дали се појавиле кога почнал да оди на училиште. Дали доживеал некој поголем стрес или некоја непријатност? Дали постои некој конфликт во семејството, некоја поголема промена итн.
Доколку продолжат и по вашиот разговор и доколку не се дојде до причината на потиснатите и неизразени чувства и стрес, би било добро да посетите психолог, а исто така и да се обратите кај вашиот педијатар за дополнителни испитувања за да се провери поврзаноста со биолошки или наследен фактор.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912