Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 2 години и 4 месеци. Од пред некое време забележуваме премногу страв кај неа. Еве неколку примери : Кога се движиме во толпа, таа бара да ја носиме исклучиво в раце велејќи „има чичковци“, без разлика дали е ден или ноќ. Тоа се случува во маркети, молови, шеталишта… Се плаши и од непознати и познати луѓе, ако ѝ прозборат, таа веднаш се втурнува во нас и мора веднаш да ја земеме в раце затоа што почнува да негодува и да плаче. Се плаши од темно, на пример, кога седиме дома, ѝ пречи ако има придушено светло и бара да вклучиме дополнителна светилка со изговор „темно е, се плашам“.
Кога сме дома, ако тропне нешто: врата, вентилатор, правосмукалка, блендер, таа се крие, почнува да плаче и вели веднаш да го исклучиме. Кога сме на отворено, ако слушне огномет, свирка од автомобил, мотор, па дури и штурците летово, цело време прашува: „Што прави така? Сакам дома“. Пробавме многу методи и утешни зборови, но ништо не помага. Премногу е мала и сакаме да ѝ помогнеме да ги преброди сите стравови.
ОДГОВОР: Од стравот има една придобивка, а тоа е да нѐ заштити од опасност. Тој се јавува во мигови кога детето чувствува дека нештото е опасно или заканувачко. Сите сакаме да се чувствуваме среќни, сакани, задоволни, но што со непријатните чувства? Нив ги делиме на позитивни и непријатни. Секое детско чувство носи придобивки: тагата им помага да научат да се носат со загубите, стравот да се заштитат од опасност, а лутината да препознаваат дека другите ги преминуваат нивните граници. Секое чувство е нормален дел од детското искуство и важно е да се исживее и изразува.
Во најраната возраст децата ги вознемирува тоа што можат да го видат или непосредно го доживуваат. Ги вознемируваат гласните звуци, разделувањето со родителите и непознатите луѓе, како што и вие споменувате за вашата ќерка. Како што кај нив се развива мисловниот процес, така тие почнуваат да се плашат од замислени ликови. Понатаму во својот развој децата почнуваат да разликуваат вистина од фантазија, па седмогодишните деца престануваат да се плашат од темнина, но се соочуваат со стравот од природни непогоди, повредувања или животни кои можат да ни наштетат. Кога децата почнуваат со училишни обврски, се соочуваат со стравот од неуспех. А во адолесценција стравот е во окупираноста како се доживеани од другите. Со овие стравови се соочуваат повеќето деца, иако на возрасните им изгледаат бесмислени.
Како да му помогнете на вашето дете, а и себеси, да го надмине овој период побезболно? Бидете му поддршка на вашето дете со вашата смиреност, давајќи ѝ порака: „Со тебе сум, сигурна си и ништо не може да ти се случи.“ Децата се умешни во забележувањето на вознемиреноста на возрасните преку нивните лица, иако зборуваат дека сѐ ќе биде добро. Обрнете внимание како вие се чувствувате додека вашата ќерка има страв од што било, колку цврсто ја држите додека ја смирувате и колку вие во моментот сте смирени. Кажете ѝ дека е во ред да се плаши и дека вие понекогаш се плашите, дека верувате дека е исплашена и дека вам ви е жал и тешко за неа. Понудете ѝ помош заедно да го победите стравот и прашајте ја што би можело да помогне го нема да стравот. Заедно цртајте го стравот и доцртувајте смешни елементи во свежи бои. Направете магичен мирис за бркање на стравот. Во стаклено шишенце ставете вода и етерично масло и мирисајте заедно, направете си магично стапче и претворајте ги стравовите во смешни. Дозволете ѝ на вашата креативност да ве забавува вас и вашата ќерка.
Поттикнувајте ја вашата ќерка да ги прифаќа своите емоции, да се соочува со нив и заедно негувајте ги. Вашата ќерка ќе научи дека најхрабри се оние што го чувствуваат стравот и наоѓаат сила да се соочат и да го победат.
Доколку имате потреба од консултации и ви е потребна помош во врска со развојот на вашето дете, можете да закажете средба за родителско советување – онлајн или во пишана форма.
Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912