Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 6,5 години која е многу нервозна. Сѐ што се наоѓа околу неа ја нервира. Од мала е таква, сѐ со плачење, ја удираше главата од подот, а сега како расте, повеќе е изразено таквото однесување. Тргна во школо и наставничката вели дека била многу одговорна, мирна и дисциплинирана, но кога ќе дојде дома, плаче, вели да ја оставиме на мир и вика. Ништо не можеме да ѝ кажеме, ниту можам да ѝ помогнам бидејќи и јас се вознемирувам кога ја гледам таква. Понекогаш седнам и плачам и си мислам што му е на ова дете. Многу е љубоморна на братчето, го тепа, не му дава ништо, На други деца сѐ ќе им даде, а него ништо. Вели: Зошто не ми купивте сестра, туку овој брат. Секогаш смирено комуницирам, секоја ситуација ѝ е објаснета, но кога почнам да зборувам, таа веднаш плаче и многу е нервозна. Ве молам за помош!

ОДГОВОР: Драга мајка, сосема ја разбирам вашата загриженост и ви честитам на досегашните заложби што сте ги направиле и вложиле во вашето дете. Понекогаш постојат ситуации кога родителот е немоќен во процесот на родителствување, субјективен е, внесува премногу емоции, но понекогаш е и беспомошен. Сето тоа е во ред. Нормално е да се чувствувате вака од причина што како и секој родител, и вие го сакате најдоброто за вашето девојче. Од информациите што ги споделувате овде можам да забележам дека вашето дете веќе подолго време се однесува раздразливо, без способност да ги препознае, вербализира и да ги контролира своите чувства, се чувствува вознемирено, интензивно плаче и е негативно насочено кон своето помало братче. Родителите најчесто го гледаат она што за нив е видливо и според тоа реагираат. Но тоа не помага.

Обидете се да откриете за каква емоција станува збор. Не плашете се да ја откриете причината за таквата емоција. Можеби се работи за тага и беспомошност, загриженост, недостиг на вештини, недостиг на конекција со вас. Децата се раѓаат со биолошки емоции, а обврска на родителот е навреме да ги воспитува и социјализира за тие да станат емоционално стабилни индивидуи. Многу е важно да се навратите на времето кога во семејството пристигна новиот член. Како ја подготвивте за таа ситуација? Како го прифати таа новиот член во семејството? Работевте ли на нејзиното приспособување со него? Ова се важни информации од причина што негативната насоченост кон братчето можеби доаѓа од неразрешен психолошки конфликт во врска со неговото доаѓање во семејството и потребата за егоцентрично внимание и родителска љубов од ваша страна кон неа.

Во регулација на нејзината емотивна сфера, за почеток ви ја предлагам играта „Емоции во шише“. Соберете 5 пластични шишиња на кои ќе им ја отстраните етикетата и притоа на секое шише ќе нацртате одредена емоција, на пример, на првото емоција среќа, па потоа тага, страв, лутина и љубов. Од вашето дете барајте секој ден кога ќе почувствува некоја од овие емоции, да стави една мала чашка вода во шишето што соодветствува со емоцијата. Следете која емоција детето најчесто ја пројавува и препознава. Следете кое шише најбргу ќе се наполни со емоција, т.е. вода. Водете календарска табела со деновите од неделата за тоа. Понекогаш ќе треба да ѝ помогнете да го опише чувството, да го изглумите со гестикулација, да опише каде во телото ја чувствува емоцијата. Понудете ѝ да води дневник, да пишува или, пак, да црта секој ден за она што го мисли или чувствува. Очекувајте најдобро од својата ќерка и дајте ѝ силна поддршка во сево ова. Запознајте ги нејзините природни таленти и способности и имајте визија за тоа каква сакате да изгледа кога ќе порасне. Според мене, тоа сигурно би било девојка со став, интегритет, топлина, сигурност и верба во себе.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X