Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син на 10-годишна возраст. Комуникативен е, вреден и одличен, но на моменти знае да биде нервозен и агресивен. Кога ќе го скарам, сопругот го штити (знам дека не е во ред) и пред него зборува секакви работи за мене. Чувствувам како да ми се испушта детето од раце. Мислам дека погрешно се поставувам како мајка, го учам како што мислам дека треба да е, но немам поддршка од сопругот. За жал, тој зборува многу лоши работи за мене пред синот, нема некоја граница што треба да се постави, а за сѐ сум јас крива. Дали грешам некаде, не можам да разберам. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Драга мајка, родителството е секојдневна интеракција на родителот со детето, која во себе вклучува нега, грижа, љубов, насочување, посветеност. Родителството е лекција која доживотно се учи. Нѐ учи да ја регулираме врската со нашите деца, но нѐ учи и да ја регулираме врската со нашиот партнер. Низ динамиката на бракот се испреплетува и динамиката на родителството.

Сосема ја разбирам вашата загриженост и чувство на немоќ бидејќи долго време настојувате да создадете родителство во кое една од главните карактеристики ќе биде доследноста. Во тој контекст, сосема сте во право и не грешите во тоа. Проблемот се случува кога таа доследност преминува во недоследност во воспитувањето, невоедначеност и противречност кај двајцата родители, што значи дека во иста ситуација еднаш се реагира на еден, а другпат на друг начин.

Тоа придонесува како родители да имате различен став во воспитувањето. Таквиот семеен систем особено ја погодува почитта меѓу партнерите, а кога почитта е изгубена, лесно може да се слушнат критики, навреди, омаловажување меѓу родителите.
Во тој неконзистентен систем детето е збунето, фрустрирано, немоќно и сигнализира црвено светло. Затоа ве советувам да се обидете да направите ретроспектива на изгубените вредности во бракот. Иако не споделувате доволно информации за тоа, сепак ве охрабрувам да се насочите најпрво кон партнерот за да го синхронизирате родителството, а потоа да се насочите кон однесувањето на вашето дете.

Ви препорачувам и еден убав родителски прирачник на УНИЦЕФ во кој ќе прочитате многу нешта што ве интересираат.

Вашиот син учи по модел. Ќе се идентификува со однесувањето со татко си, но преку вас, неговата мајка, ќе научи како треба да се сака и почитува секоја жена.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X