Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моментално сме разделени со сопругот, веќе месец дена. Судската процедура сѐ уште не е почната, а сопругот уште не сака да се согласи на развод.
Имаме 3 деца. Најголемото има 10 години и остана со татко му бидејќи не сакаше да дојде со мене за да не патува до училиште. Го оставив, не сакав сосила да го терам.
Но, би сакала да ве прашам како да постапам со него во однос на нашата моментална ситуација, за да нема трауми цел живот.
Исто така, мислам дека сопругот лошо му влијае со тоа што преку него ми кажува работи наместо да ми ги каже мене. Јас сметам дека не треба да го мешаме во проблемите што се меѓу нас.

ОДГОВОР: Многу ретко во практика сретнувам разводи кои се пријатни за сите, а првенствено за децата. Такво нешто не постои, постојат повреди, недоверба, недоразбирања и недоречености. Во такви моменти, зависно на која возраст се и во каков контекст се развиваат децата, знаат различно да реагираат. Велите најголемото има 10 години и почнало веќе да се идентификува со таткото. Не може вие да го спасите детето од татко му. Децата цел живот ќе носат во себе дел од вас и дел од него. Секој обид да се спротивставите може да предизвика уште поголем отпор кај синот, тој да се затвори, да се дистанцира од вас, дури и да не ве контактира.

При разводот децата испитуваат можности, што не значи дека можностите ќе им останат исти. За да не го идолизира или мистифицира таткото, подобро е вашиот син, како прво машко, да остане да живее со татко му, доколку тоа е негов избор и да почувствува во реалност што значи за него тој живот. Вие како мајка не сте во состојба насилно да го одвлечете дома, туку треба да дозволите вашето дете да ве најде секогаш кога има проблем во комуникацијата со татко му. Вие сте присутни за него не со цел да го критикувате родителот, туку со целото разбирање да му овозможите на детето да се снајде и да се справи со ситуацијата. Оставете го малку во тој избор што го направил, истакнувајќи му дека го цените изборот, но дека ќе бидете тука секогаш кога нешто ќе му биде премногу, кога нешто ќе го мачи.

Тешко е да се пушти детето, особено затоа што разводите се случуваат поради неусогласеност на вредности, па какви вредности ќе усвои вашиот син, станува многу битно прашање. Сепак, знајте дека за неговата благосостојба и разбирање не сте задолжени само вие, туку сите вклучени во процесот.
Момчето ќе сака многу повеќе да се враќа кај вас доколку сретнува една топла атмосфера, атмосфера на опуштеност и отвореност, убав прием без разлика што избрале децата, со кого да живеат. Така му создавате искуство на вашата нова релација како неосудувачка, туку како едноставно присутна, топла и разбирачка. Оставете некој период да видите како синот ќе се адаптира на промените, следете ги промените, разговарајте со него доколку утврдите дека е можно нешто да се случува и секогаш реагирајте, но соодветно на ситуацијата.

Никој не вели дека по развод сите деца треба да бидат со мајката. Во овој случај, бидејќи татко му дозволил да живее со него, татко му не е како другите родители кои по разводот не сакаат да си ги видат децата, или само под определени строги критериуми. И морате на крај да направите разлика помеѓу вашето чувство во однос на вашиот бивши како партнер и во однос на него како родител. Сигурно има разлика. Нема потреба да бидете партнери за да бидете добри соработници во прилог на менталното здравје на вашите деца.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X