Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 4 години и многу е поврзана со мене иако јас одам на работа уште пред да наполни една година. Тешко се адаптира на нови работи, од пред три месеци почна да оди во градинка, но никако да се навикне, оди со плачење, се враќа со плачење, таму ниту јаде ниту спие, нервозна е и дома, лута е многу, плаче и повторува дека не сака да оди во градинка. Многу е нервозна, се кара, прави глупости, пробано е и со добро и со лошо, со казни, но нема промена, компјутер, таблет, сè е забрането, но таа е сè полоша. Згора на сè, секој втор збор ѝ е вие сте лоши, не ме сакате, ќе одам да живеам во друга куќа, агресивна е, се дере, ве молам за совет и помош, очајна сум. Јас пробувам да сум крајно смирена со неа, ја игнорирам кога плаче, пробувам да ја смирам, да ја гушнам, но не сака, уште полута е и полоша. Таа не беше вакво дете, отсекогаш била потемпераментна, но олку лоша никогаш. Ако ја прашам за градинката, не одговара ништо, вели дека не сака да зборува за тоа. Почна да го прави тоа што најмногу ме лути – да ме удира. Како да постапам?

ОДГОВОР: Почитувана мајка, однесувањето на вашето дете, кое е на четиригодишна возраст, е сосема очекувано со оглед на тоа дека таа досега имала усвоени соодветни навики, граници, правила и принципи во домот, а сега се среќава со нови на кои повторно треба да се адаптира. Колку е поголем расчекорот помеѓу претходните и сегашните правила и принципи, толку повеќе ќе биде актуализирано однесувањето и придружено со протест и вознемиреност. Посочувате дека таа е исклучително приврзана за вас и тешко се адаптира во нови услови и на нови нешта. Настојчивата приврзаност за родителот потекнува од нарушеното чувство на сигурност и безбедност, а пак нестабилната адаптацијата кон нови нешта потекнува од чувството на страв кое може да биде последица на нарушеното чувство на сигурност.

Ваша задача е да ѝ покажете и докажете дека таа е безбедна и сигурна без разлика на тоа дали сте до неа или не. Поттикнете ги нејзините потенцијали и гледајте ја не како дел од себе, туку како едно посебно автентично, неповторливо и единствено човечко суштество на овој свет. Укажувајте и потенцирајте ги нејзините способности. Поттикнувајте независност во секојдневните активности и вештини како облекување, јадење, капење и сл., но и независност и самостојност во играта. Барајте мислење од неа за конкретни нешта кои ги засегаат сите во домот, на пример, што треба да испазариме од маркетот, каде да одиме, во паркот или на лулашките итн. Имајте време една на еден. Тоа е време во денот кога ќе го користите само за вас две преку активности кои ќе ја направат вашата врска здрава, цврста и сигурна. Некогаш за таквото време се доволни и дваесетина минути.

Обрнете внимание на емоциите. Уважете ги и поттикнете ја и таа да ги препознае и види. Особено обрнете внимание на емоцијата страв, која во последно време таа ја маскира преку чувството на лутина што ја прави агресивна. Охрабрете ја да ја изрази, опише, нацрта и да се ослободи од неа, да стане свесна што навистина ја плаши. За таа цел, ви ги препорачувам моите интерактивни психолошки прирачници „Железница на чувствата“ во издание на Либи и Арс Ламина.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X