Учениците тешко можат да се снајдат сами во ова време на брзи промени, а и се разгалени од своите семејства. Родителите не се самокритични, а наставниот кадар се образовал во време на транзиција. Наставниците постојано се меѓу чеканот и наковалната, помеѓу учениците и родителите, од една страна, и воведените концепции и реформи, од друга страна, смета наставничката Весна Јованова од Неготино

Какво беше воспитанието во минатото, а какво е денес? Какви генерации образоваа училиштата некогаш, а какви се денешните ученици? За ова поразговаравме со одделенската наставничка Весна Јованова од Неготино, која зад себе има 25-годишно работно искуство како просветен работник. Таа работела како воспитувач во старите забавишни групи, како педагог во стручна служба, била и директорка на Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Неготино, а во последните 14 години е одделенска наставничка. Промената на работните позиции ѝ овозможила да го согледа наставниот процес од повеќе аспекти.

За жал, вели таа, на нашиот воспитно-образовен процес му се неопходни добро осмислени реформи кои би биле приспособени на нашите услови и потребите на учениците во овие нови времиња кои предизвикаа многу турбуленции во секоја сфера на живеење.

Вечна дилема – подобро беше тогаш или сега?

– Кога би ги споредиле образовните институции порано и сега, односно каква беше ситуацијата во седумдесеттите, осумдесеттите и раните деведесетти години од минатиот век, во училиштата, не само на образовната, туку се ставаше голем акцент и на воспитната компонента. Тоа подразбира акцент на дисциплината на учениците, на почитта кон наставниците кои во тоа време имаа авторитет и беа почитувани и од учениците и од нивните родители и семејства.

Од друга страна, и родителите на учениците беа производ на таквото образование и воспитание и беа задоволни од таквата поставеност на учениците и затоа не беа критичари на тогашните состојби во образованието. И во своите семејства тие го поддржуваа истото воспитание на почит, дисциплина и желба за стекнување повисок степен на образование на своите деца. Поради тоа, немаше изразена дисхармонија помеѓу резултатите и очекувањата од сите чинители на воспитно-образовниот процес од ученици, родители, па сѐ до наставниците. И затоа на сите им се чинеше дека во тоа време беше подобро образованието воопшто, но сметам дека тоа беше само поради поставеноста на работите во тогашното општествено уредување – вели наставничката.

Учениците тешко можат да се снајдат сами

Состојбите во оваа сфера денеска се сосема изменети, имаме ситуација кога ученици тешко можат да се снајдат сами во ова време на брзи промени, а и се разгалени од своите семејства, родителите не се самокритични, а наставниот кадар се образовал во време на транзиција од еден општествено поинаков систем.

– Тие не можат да се снајдат во турбуленциите што ги променија сите сфери на живеење. Секако, и образовната сфера не беше поштедена иако се прават напори да се променат состојбите на овој план. Многу тешко оди тоа бидејќи нема синхронизација на сите чинители во овој процес. Во последниве две-три децении воспитната компонента е запоставена за сметка на образовната, а тоа е голема грешка бидејќи тоа се два паралелни процеси кои одат заедно – смета Јованова.

Поради тоа, додава таа, нормите на однесување се на пониско ниво кај учениците, па наставниците не можат да се постават на вистинското ниво.

– Наставниците постојано се меѓу чеканот и наковалната, помеѓу учениците и родителите, од една страна, и воведените концепции и реформи кои се недоволно приспособени на нашите услови како држава воопшто, од друга страна. Младите сѐ подоцна се одлучуваат да ја формираат институцијата брак, предност ѝ даваат на кариерата, а и откако ќе стапат во брак и ќе создадат деца, во секојдневната борба за опстанок и подобар живот сѐ помалку време им посветуваат, сѐ помалку време имаат за воспитување и за разговор со нив. Тие се пристрасни кога се во прашање нивните деца, своите пропусти во родителството ги компензираат со пронаоѓање друг виновник и така олеснувајќи си ја својата совест, ги обвинуваат наставниците.
Фактот што децата се недоволно воспитани и помалку учат најчесто е и поради тоа што се идентификуваат со негативни модели на однесување, од различните медиуми и медиумски личности од филмовите, музиката и најмногу преку социјалните мрежи, несвесни дека тоа не е добро и дека еден ден за тоа пропуштено време многу ќе се каат. Но времето поминува и нема реприза. Сепак, морам да кажам дека не можам да генерализирам и ова не важи за сите млади. Некои од нив одолеваат на предизвиците на новото време и продолжуваат по својот пат кон успехот – смета наставничката Јованова.

Има ли решенија?

Наставниците ќе го дадат најсоодветниот одговор на горепоставеното прашање, наместо да си ја префрлаат вината со родителите, нагласува Јованова.

– Мораме дефинитивно двете страни конечно да си ги признаеме сопствените грешки и пропусти, особено во делот на воспитанието на младите личности, дека наместо меѓусебно да се обвинуваме, треба да се здружиме и да станеме партнери во градењето единствен став околу воспитно-образовниот процес на нивните деца, а наши ученици. Па така синхронизирано да дејствуваме и да им го посветиме нашето должно внимание, што ни е и задача – смета таа.

Според неа, ова треба да биде поддржано и од Министерството за образование и наука, од Бирото за развој на образованието, кои треба да подготват прво основа за спроведување успешен воспитно-образовен процес, преку изградба и опремување на училиштата со современа опрема која ќе биде во чекор со потребите на развојот на технологијата, па дури и чекор понапред од потребите на учениците.

– Тие треба да работат и да творат во уште посовремени услови, односно од нив да направиме добри и корисни граѓани за општеството. Државата мора да спроведува современи, но и применливи образовни политики приспособени на потребите на учениците, да вложува во образованието, бидејќи младината е иднината на државата. Само така здружени ние наставниците, родителите и државата ќе ги надминеме наталожените проблеми во воспитно-образовниот процес, истовремено ќе имаме добро воспитани и образовани ученици, задоволни наставници и родители, а државата ќе добие корисни граѓани – завршува Јованова.



912

X