Често може да се слушне дека училиштето е сè помалку воспитна установа, а дека образовната улога на училиштето е премногу нагласена. Ако се согласиме дека има некоја вистина во тоа, тогаш ќе мораме да ги најдеме причините и да видиме дали постојат начини таа воспитна улога да се врати во онаа мера што е неопходна.
Кога се зборува за училиштето во денешно време, често се враќаме во „наше време“, зборуваме за „нашите родители“, за „среќни времиња“, „угледни учители и наставници“ и „воспитани деца“. Тоа значи дека на самиот почеток сме констатирале дека сите, без разлика дали деца, наставници или родители, сега сме невоспитани во помала и поголема мера. Дали е тоа баш така? Најчесно би било секој да даде одговор за себе. А ако веќе се навраќаме на минатите времиња, ајде да анализираме и да ги видиме добрите и лоши страни и што може да се направи.
Училиште: „нашето време“ и денес
Само нашите родители може да потврдат дали сме биле баш толку добри деца како што се претставуваме пред нашите деца. И нашите родители сигурно се служеле со сличен „трик“. Ајде да погледнеме како течел еден работен ден во просечно семејство.
Од дома до училиште, од училиште до дома
Возењето на децата со автомобил на кратки релации било многу ретко. Децата често се групирале и заедно оделе на училиште, пеш или со градски превоз. Важно е дека сакале да бидат во друштво со врсниците. Секое утро се слушале смеа и џагор од учениците. Денес, речиси е невозможно да се видат деца што пешачат до училиште, како и помлади деца што користат градски превоз. Кога ѕвони алармот, почнува хаос низ домот, сите брзаат да се подготват, па има и кавги, барање работи и така сите нервозни влегуваат во автомобил. На патот кон училиште децата ќе се изнаслушаат секакви глупости, погрдни зборови и вулгаризми поради метежот. Пцости. Секогаш забораваме дека им даваме многу лош пример на децата очекувајќи од нив утре да не пцујат и да бидат добро воспитани.
На училиште
Дали се сеќавате на нашите родители: Кога дававме изговор дека и некои други деца биле немирни, нашите родители ни велеа: „Не ме интересираат другите, туку ти!“ Денес, во поголем број случаи, слабото родителско срце веќе и по површното слушање на приказната сервирана од детето тргнува во напад на сè – од врсници до наставници. И ние сме, исто така, под влијание на сообраќајниот метеж, но некако сите го изгубија трпението, па понекогаш реагираме нагло и често е присутно тоа етикетирање. Целта не е да се осуди детето, туку да го освестиме дека ако постапката му е лоша, треба прво да сфати каде погрешило, да размисли и да не ја прави истата грешка. Исто така, треба да научи и да се извини и да признае дека погрешило и да почитува авторитети.
Кога ќе ја погледнете ситуацијата денес, често се алармираат сите инстанции за мали работи и понекогаш сè сфаќаме многу лично, како сè да е вперено кон нас. Како тогаш да реагира детето? Токму така, со истиот вокабулар кој го научило во „сообраќајниот метеж“. Имаме две крајности: или родителите и наставниците го задржуваат бесот во себе или го „туркаат проблемот под тепихот“. Наставникот се прави дека не гледа одреден проблем зашто родителот е проблематичен, а родителот знае дека е подобро да избегнува некои наставници, па макар и да се случува неправда кон неговото дете. И двете ситуации се лоши, затоа што губи детето. Целта е детето да порасне во добра личност, да ги увиди своите грешки и да не ги сфаќа трагично, туку да сфати дека е во ред да се згреши, несвесно, но дека е неопходно да се поправа, да се усоврши, а најдобар начин за тоа е убавото воспитување и култура, како и високиот степен на емпатија. Ако тоа го немаме, зошто ни е образованието?
Враќање дома од училиште и слободни активности на децата
Детето доаѓа од училиште, родителот од работа. Родителот е изморен, можеби има и дома нешто работа, за на детето да му уплати 5-6 активности како часови за јазици, спорт, глума, танц или што и да е.
Ако си момче и имаш топка и добро шутираш, ништо помалку од Роналдо не се прифаќа и сите оние што не го гледаат талентот се незнајковци.
Девојчињата не може да не одат на чаови по глума ако толку убаво рецитираат на училишните приредби, штета. Кога родителот има повеќе време, му обезбедува на детето брз оброк и го остава пред компјутер за да си обезбеди попладневна дремка. Каде е тука просторот детето самото да си го организира времето? Општо е познато дека родителот знае што е најдобро за детето, но изгледа нашите родители биле многу подобри педагози од нас. Наставниците имаа време да нè сослушаат, да ги уважат нашите предлози. Не доцнеа со материјалот и повторно имавме повеќе знаење, не затоа што наставниците тогаш биле подобри. Не затоа што родителите биле подобри, туку затоа што биле помудри и соработувајќи го поставувале она што е добро за нас, над некои лични или моментални ситуации и расположенија.
Омилени активности ни биле криенка, „крадење“ цреши од дрвјата во соседството. Се запишувавме на часови по спорт и слично, но не размислувавме однапред дали нешто ќе ни обезбеди одлична иднина или некоја слава. Затоа, се радувавме на тие активности, но не бевме гневни и не го искажувавме својот бес со пцости ако изгубевме, бидејќи тоа се сметало за крајно невоспитано.
Авторитети – некогаш и сега
Просветниот работник некогаш се сметал за еден од најголемите авторитети бидејќи со своето однесување, достоинство, облекување, тоа и бил. Секој просветен работник, признавале или не, е јавна личност. Кога ќе излеземе од училишниот двор, за среќа или за жал, и понатаму сме просветни работници. Непримерно облекување, изразување, коментирање на социјалните мрежи, предизвикува гнев кај другите луѓе, а е и многу лош пример за децата. Генерално, како општество имаме недостиг на толеранција и нетактичен пристап и непримерен речник при изразување незадоволство. Тоа може да се каже и на различен начин – „длабоко сум повредена со реакцијата на еден дел од родителите….“
Меѓутоа, треба да се сфати дека тој дел од популацијата го прави тоа од незнаење. Сите ја сфаќаме туѓата работа во помала или поголема мера. Но, и родителите треба да го сфатат тоа како и ние, дека сè што пишуваме или поставуваме на социјалните мрежи го гледаат и децата. Дали со таков пример ги воспитуваме? И дали е во ред тогаш да се бара од детето да биде добро воспитано и примерно да се однесува во секоја ситуација?
Детето треба да сфати дека е дете и дека никогаш не може да биде поголем авторитет од родителот или наставникот. Тој однос, кој некои го нарекуваат пријателски со детето, долгорочно се покажува како хранење на детското его на негова штета и недостиг на доволна почит. Детето најдобро се чувствува кога е само дете и кога има сигурност и поддршка и дома и на училиште.
Со добро воспитување детето се вежба за животот, да стане добар човек. Тоа е единствената задолжителна задача, а сè друго се опции.
Воспитната улога на училиштето не е исчезната. Всушност, се намалила, а факт е дека за тоа не може да биде виновна само една страна. Воспитувањето е сложен процес и клучот е во добрата соработка на сите авторитети што учествуваат во градењето на детскиот карактер. Во крајна линија, секојпат кога велиме дека некое дете е невоспитано, веќе сме се осудиле себеси – можеме само да зборуваме кој е тој степен на наша одговорност. Секој од нас може и треба да направи сè што е во негова моќ да го упатува детето на вистинскиот пат. Меѓусебното префрлање на одговорноста во најмала рака е несериозно и неоправдано. Секој нека се преиспита себеси.
Автор: Сања Симиќ де Граф, професор по англиски јазик
912