Грижата за децата е деликатна тема и често варира од земја до земја.

Персоналот од градинките во Виена неодамна бараше подобри услови и повеќе работници за установите. Тоа следуваше по неодамнешен извештај од Институтот „Еко Австрија“, кој тврди дека многу родители во земјата не можат да работат со полно работно време, а сегашната одредба за грижа за децата не ја исполнува целта како во Барселона. „Барселона тарџет“ е цел дефинирана од ЕУ-лидерите во 2002 година за да се обезбеди развој на установите за грижа на децата во Европа, со фокус на одржлив и инклузивен развој. Во одлуката се тврди дека грижата за деца треба да биде обезбедена за 90 проценти од децата на возраст помеѓу 3 и 6, како и за 33 проценти од децата на возраст под 3 години. Последните бројки од „Статистики Австрија“ покажуваат дека обезбедената грижа за децата на возраст под 3 години е 27,6 проценти во Австрија, во моментов, повеќе од 5 проценти под целта од договорот од Барселона.

И покрај негативниот публицитет, грижата за децата во Австрија и натаму е на високо ниво на интернационалните листи, особено во споредба со земји како Велика Британија и САД. Но, како функционира системот?

Во Австрија има различни видови згрижувачки установи достапни за децата пред да дојдат до училишна возраст, меѓу кои се вклучени градинки за деца на возраст под 3 години, потоа установи за деца од 6 години и центри во универзитети и работни локации за згрижување деца. Установите се водени приватно или финансирани од владата и трошоците варираат. Семејниот приход и бројот на часови што детето ги поминува во установата се земаат предвид. Родителите вообичаено треба да се пријават за место однапред.

Во многу делови на Австрија бебињата и децата до 3 години се во градинки наменети за таа возраст. Трошоците, исто така, варираат, но во Виена грижата за бебињата и малите деца е обезбедена и во градинките и во приватните установи со цени стандардизирани и подмирени од локалната самоуправа. За деца под 3,5 години, родителите добиваат околу 625 евра месечно, а за оние меѓу 3,5 и 6 години, околу 423 евра месечно. Парите се пуштаат директно од владата до установите.

Возраста кога детето треба да се испрати во ваква установа зависи од провинцијата. Градинките во Виена се достапни за деца до 6 години, а во други делови од Австрија се примаат и деца од 2,5 години. Приватните градинки се достапни во земјата, но не се бесплатни и цените варираат во зависност од повеќе фактори. Престој од половина ден во градинка од понеделник до петок е задолжителен за сите деца во Австрија од возраст на 5 години.

Во Велика Британија, на пример, грижата за деца е помалку структуирана отколку во Австрија и нивоата за финансиска поддршка варираат. Родителите во Англија може да имаат пристап до 15 часа бесплатна грижа за децата секоја недела, за возраст од 2 години. Вработените семејства со деца на возраст од 3 до 4 години имаат пристап до 30 часа грижа за детето неделно.

Во Германија трошоците зависат од тоа каде живее семејството. Бесплатно е за сите деца од нивното раѓање во Берлин и во Хамбург, но државните градинки во Минхен чинат помеѓу 70 и 120 евра месечно, додека приватните наплаќаат и до 200 евра.

Во САД, пак, родителите трошат во просек 8.400 долари за градинки. Сепак, во моментов се прави прераспределба на системот за даноци, па претседателот Бајден бара воведување легислатива за понатамошно помагање на семејствата и нивните трошоци за грижа на децата.

Автор: Хејли Мекгвајер

Извор



912

X