Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Речиси три години сме во брак, имаме ќеркичка која има една година и осум месеци, но поради финансиската ситуација, бевме принудени да живееме со моите родители. Се наоѓав во исклучително тежок период поради несогласувањата со моите родители и ставот на сопругот околу „ситници“ кои и не се така ситни проблеми. Имено, првите месеци сѐ беше во ред, но по доаѓањето на бебето сѐ се промени. Ниту јас се почувствував како мајка, ниту сопругот како татко. Тој често пати избувнуваше за некои работи кои на некој начин го омаловажуваа. На пример, ставот со баење и плукање по бебето, кој го вадеше од такт и бегаше од собата само за да не започне расправија, кутриот, не можеше да дојде на ред да ја подржи в раце сопствената ќерка поради нападноста на мајка ми и татко ми (исто и јас), и не можевме да си легнеме во, за нас, пристојно и пригодно време и исто така да се разбудиме затоа што тука беа моите, кои за сѐ друго се грижеа, но не и за нашата приватност, индивидуалност, родителство итн. Голем проблем беше невработеноста, но, од друга страна, периодот од една година кој сопругот го помина со мене и нашето дете значително влијаеше врз нас како заштита и поткрепа. Тој имаше таков елан за родителство што кога ќе размислам, дури и подобро се справуваше со сите обврски од мене. Но, сега согледав дека моите родители го убиле тој елан во него, таа нежна машкост и родителска страст.

Многу доцна го согледав тоа и затоа ви се обраќам за совет. Речиси секој ден му пререкував за банални работи, цврсто стоев зад „поуките“ и уцените на родителите, често се расправавме, уште почесто знаев во бесот дури и да замавнам, да го удрам, но тој сепак во границите на пристојност и почит ќе ме смиреше со разговор. Пред одреден период ни се отвори патот и се тргнавме под свој покрив. Тука почнав да согледувам многу работи за својот сопруг и својата ќерка. Моите ја учеа дека тато бил лош, ја прекоруваа кога ќе изговореше тато и таа едноставно го заборави зборот тато и кој е воопшто тато (а го заборави затоа што кутриот, откако почна да оди на работа, не се прибираше по цели денови, дел за да не се нервира дома, дел за поголема финансиска поддршка). Знам длабоко во себе дека го загубив, очајна сум да го вратам. Ве молам за совет!

ОДГОВОР: Сочувствувам со вас и верувам дека не е лесно да се носите со овие емоции и грижи. Се борите и оптоварени сте со големо чувство на вина, од една страна, а разочарување и жал за она што било, од друга страна, како и за она што сега се случува во вашето секојдневие и живот.
Но ајде да почнеме од почеток… За жал, многу млади луѓе и брачни партнери се принудени да живеат со родителите, некои за кратко време како вас, некои остануваат и цел живот. Колку што таквата ситуација има предности поради различните придобивки, толку таа под дејство на промената станува комплицирана во смисла дека секој член во семејството трпи промени и добива нови улоги, се приспособува. Животниот простор се менува, а со доаѓање на новиот член (новото бебе) целата динамика добива уште поголема промена на која сите повторно се привикнуваат и ја прифаќаат. Ќе се сложиме дека не е лесно. Во ситуацијата во која сте биле сте имале улога на сопруга, ќерка, сте добиле нова… улога на мајка, а ќе додадам и „мировен учесник“ кој е на средина и прави мировен баланс помеѓу другите членови. Гледа да им угоди на сите и да смирува бидејќи со себе носи „товар“, од една страна, љубовта кон родителите, тие се мои родители, во мојата куќа… а од друга страна – сопругот, партнер во животот, љубовта кон него… но и тој со свои исто така уверувања, со други навики и потреби итн. Многу често во вакви ситуации на „заедничко живеење“ младиот брачен пар ја носи улогата на „сѐ уште деца“, а родителите ја продолжуваат улогата на родители, без да се разбере и прифати идејата дека тоа веќе е домаќинство со две семејства и со возрасни членови во кое секој треба да се однесува како возрасен и да презема одговорност за своите постапки.

Во тој благ хаос на семејна динамика и фрустрации сите сте се однесувале онака како што најдобро сте знаеле во тој момент и во тоа време, а најмногу вие. Поради тоа, вашето чувство на вина би рекла дека не е потребно, тоа чувство е тешко да го носите со себе имајќи предвид дека не сте единствениот учесник во вашата семејна развојна динамика. Ние во животот на еден начин сѐ плаќаме, придобивките и она што е полесно, посебно… тие наплати може да бидат и материјални и емотивни. Но бидејќи постојано учиме, од нив учиме и стануваме посвесни за многу работи во животот.

Сега откако сте сами и одлучувате самостојно за тоа каков треба да биде вашиот заеднички живот, пак имате промена, со самото одделување и започнување на заедничкиот живот вашата семејна динамика е променета. За да растете како „тим“ и семејство, треба сами да се справувате со предизвиците и сами да ги решавате вашите проблеми. Тоа е и најдобриот и единствениот начин да се научи… без другите луѓе кои придонесуваат до создавање нездрави односи и конфликти. Односот помеѓу луѓето и партнерите постојано се менува, тој никогаш не е ист, расте и се гради во зависност од животните промени. Поради тоа, за развивање добар однос одговорноста и обврските ги имаат двајцата партнери еднакво, а добрата комуникација и разговор се најдобрите алатки кои ќе помогнат во подобро разбирање и прифаќање. За да биде успешен, не е доволна само љубовта, туку тој бара напорна работа и компромис од двајцата партнери, како и од најблиското семејство.

Би било добро за сѐ што ве мачи искрено и отворено да поразговарате со вашиот сопруг, да му кажете како се чувствувате, со што лично се соочувате, без навраќање на минатото и на она „што било“ бидејќи таму не можеме да се вратиме и да менуваме ништо. И тој може слободно и искрено да разговара со вас, заедно отворате простор на заемно доверување и разбирање. Ниту еден однос не е загубен ако и двете страни имаат желба и волја за работа на него. Во ниеден однос едниот не е само „белиот“, а другиот „црниот“, ние сме по малку од сѐ.
За да го подобрите вашиот однос, својата почит и благодарност кон вашиот партнер можете да ги изразите низ активности, различни мали работи кои ќе ги работите заедно сами, а и со вашето дете.
Комуницирајте и почитувајте ги родителите, како и родителите на вашиот сопруг, но јасно кажете им дека потребите на вашето семејство се на прво место и се приоритет, поставете граници.

Што се однесува до родителството, тој секогаш ќе биде татко на вашето дете и може да ужива со своето дете и сите тројца заедно во секое време, а детето може да го заборави само доколку таткото го нема и не е вклучен во односот со детето. На ниеден родител тоа никој не може да му го скрати или забрани.
Затоа, не гледајте, туку разговарајте избегнувајќи критики и обвинувања. Не постои совршено партнерство, сите се однесуваме онака како што најдобро знаеме во различни ситуации и тие „грешки“ нѐ прават луѓе.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X