Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ние сме четиричлено семејство – мајка, татко и две ќерки. Едната има 9, а другата има 5 години. Атмосферата во семејството е нормална. Не ги лажеме децата за ништо, но има и работи кои воопшто не мора да ги знаат. Во дадени ситуации, кога децата се присутни, слушнале или виделе нешто, им ја кажуваме вистината. Инаку, по природа сите сме гласни, бучни, палави, разиграни, скарани, друштвени, лути, насмеани, плачливи, и секакви, ама сепак во граница на нормала. Си имаме одвоени соби, наша спална и нивна детска соба. Големата додека беше сама, до 4 години спиеше сама во соба. Но, кога се роди малата, се изротиравме малку, јас со бебето во детската, големата со таткото во спалната. По некое време ги споивме двете да спијат во нивната детска соба. Понекогаш големата одбиваше, сакаше да се врати со некој од нас да спие, па некогаш попуштавме, некогаш не. И така, мислам дека оттогаш, на нејзините 5-6 години ѝ се јави страв од непознатото, од „нешто“ страшно и одбиваше да останува сама каде било. Одеше во градинка од една година, убаво си функционираше, и оттогаш почна дома да се подмочува, преку ден, а се случуваше и во спиење, само во градинка тоа не се случуваше, на сите други места се случуваше. На почеток не знаев што е точно проблемот и дали има проблем, се консултирав со педијатарот, испитавме обична урина и уринокултура, резултатите беа во ред, па ме упатија на детски нефролог. Таму ја прегледаа со ехо и ни дадоа упат за психолог. Наведоа дека можеби детето со тоа искажува нешто. Неодамна не сакаше да оди од соба до тоалет, па мораше малата да оди со неа, и затоа во моментов решив да ви се обратам. Ја распрашав да ми објасни што точно чувствува, ми кажа, мисли дека има страшни суштества, понекогаш луѓе, понекогаш животни, понекогаш се страшни, понекогаш не се.
ОДГОВОР: Стравот од непознатото кој кажувате дека се појавил кај вашето девојче е некако нормална реакција за тој период. Причините може да се многу, но не наведувате некоја поочигледна причина од онаа ротација во гледањето и поделбата кога се раѓа вашата помала ќерка. Она што кај мене прво се појавува од ова што ми го пишувате е дека можеби станува збор за будење на телото и импулсите/возбудата во телото во таканаречената фалусна фаза од психосексуалниот развој на детето, па самата не може да си даде објаснување што се случува. Во тој период доаѓа до некако природна потреба и појава на сексуален интерес/возбуда во однос на родителот од спротивен пол. Веројатно, и вие со поделбата кога се раѓа второто дете некако сте ја поттикнале нејзината поголема поврзаност и значење за таткото, додека вие како нејзина мајка сте останале подостапна и поповрзана со второто дете.
Сепак, кога се враќате подоцна во истата ситуација на спиење, вие со сопругот, а таа со сестра ѝ, поточно од одделување и поделување во повторно воспоставување на нормалната хиерархија на односите, тоа можеби ја збунило и ѝ создало вознемиреност и несвесен конфликт, и таа лутина што ја почувствувала тогаш поради вашите комбинации ја трансферирала кон социјално прифатливи облици на привлекување внимание, поточно во необјаснив страв. Најчести механизми на одбрана во таков наплив на будење на сексуален интерес, бидувајќи необјасниви и социјално неприфатливи, се потиснување на сите импулси, емоции и целата возбуда (анксиозноста и стравот се неподдржана возбуда) и идентификацијата со истополовиот родител со цел намалување на можноста за отворен конфликт во кој се знае кој е повластен. Таа, всушност, се плаши со вас да влезе во отворен конфликт околу татко ѝ, поточно да влезе во конфликт со вас околу влијанието во семејната динамика, и да се обиде да воспостави доминација затоа што ве смета за доминантна и поважна, за жена која може да прави со татко ѝ, со оној на власт, она што таа не може да го прави, поточно да влијае и да го контролира, или да го има за себе целото внимание. Затоа тоа внимание што ѝ е потребно таа го манифестира на поинаков и навидум послаб начин, преку постојана потреба за поддршка и грижа од другите, онака како што вие опишувате, кога не сака да се движи сама и сл.
Но многу е побитно да слушнете која потреба ја има во заднина. Според ова што го опишувате, кај неа најдоминантно е чувството на неважност, и потребата за доминантност и значајност, за важност, во социјален контекст или во контекст на релација со другите значајни, односот со вас, како нејзина мајка, и односот со татко, и од друга страна.
Оваа анксиозност што ја чувствува може да ја намали преку пронаоѓање работи и сили со кои може да се идентификува, но и да се издвои од другите во семејството, да се претстави како единствена. Фактот дека е прво дете налага многу голема одговорност. А сега се случува е помалата сестра да ја чува и да ја штити… Исто така, многу значајно е вашето, мајчинско уважување на нејзините квалитети, а не на нејзините слабости. Воедно, оставете му на таткото малку повеќе време со неговите ќерки и нагласувајте постојано дека тие две се посебни девојки во неговиот живот. Зборувајте им што се случило кога се родиле и што семејството добило со нивното присуство, и понекогаш дозволете да ве научат, особено постарата, на нешто за кое ќе се претставите пред неа како некој кој нема поим за што станува збор.
Многу е битно да имате и заедничка активност со вашата ќерка, да најдете време да бидете со неа, да ѝ ги дадете љубовта и разбирањето што ѝ се потребни, затоа што не е лесно да се расте и да се развива, со сите импулси во телото и во душата кои се раѓаат во милиони секој ден.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912