Дали ова сценарио ви звучи познато? „Мојата ќерка е тажна и анксиозна. Намерно го пропушта автобусот, дури бара да учи од дома. Мислам дека се оддалечува од пријателите. Но, кога ја прашувам, вели дека е добро. Што да правам?“

Многу родители се соочуваат со истата ситуација со своите деца. А ова е почест случај од минатата година. Не е секој возбуден за враќањето во „нормала“. Срамежливите деца, особено, имаат поголеми предизвици. Но, тоа не е проблем само во изминативе речиси две пандемски години, иако сега ситуацијата е полоша. Потребно е родителите во вакви случаи да воспостават јасна, ефективна комуникација од доверба со децата. Ова се 5 чекори за да дознаете што се случува ако забележите дека вашето дете се оддалечува од пријателите.

Разговарајте

Може да се случи затвореноста на детето да доведе до тоа да сакате да се откажете од разговорот. Но, на тој начин го оставате детето без вашите круцијални насоки. Започнете со наоѓање време или позитивно место за разговор. „Скршете“ ја рутината. Поминете време со вашето дете на само и дајте му го потребниот простор за да согледа дека се грижите за него. Времето поминато заедно ќе му помогне да се опушти и да се чувствува пријатно за да ви се отвори.

Сочувствувајте со него

Често како родители тешко ни е да не реагираме на она што нашето дете го кажува. Веројатно имате желба да кажете „ти реков“. Сепак, дајте си момент да дишете и слушајте. Целта е да ја здобиете довербата на детето.

Љубопитност

„Децата треба да ме поканат да играм со нив. Не би требало јас да им пристапувам“ – ако вашето дете каже ваква реченица, потврдете го неговото тврдење и кажете: „Велиш дека нема да пристапиш ти прв, туку тие треба да те повикаат.“ На тој начин го повторувате она што детето го мисли и тоа успева да си разјасни што рекло, па така ќе споделува повеќе информации со вас.

Не наметнувајте ги вашите цели

Прашувајте го детето и слушајте го, не претпоставувајте дека ги знаете причините за неговото однесување, не наметнувајте притисок и не инсистирајте на вашата агенда. Детето треба да се чувствува пријатно кога разговара со вас.

Соработувајте и најдете решение

Како возрасните, така и децата споделуваат повеќе кога се чувствуваат слушнати и разбрани. Може да го спуштат својот штит, да се вклучат повеќе и да инвестираат во својот успех. Кога ќе дозволите разговорот да биде двонасочен, детето повеќе ќе се отвори. Смирениот, отворен разговор му дозволува на детето да знае дека во иднина може да смета на вас како на партнер со кој ќе решава проблеми, а не судија кој дава осуда за постапките.

Автор: Каролин Мекгвајер

Извор



912

X