Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум самохрана мајка на две момчиња, 7 и 11 години, почнуваат да распрашуваат за својот татко, кој си го одзеде животот кога малиот беше бебе. Како да ги спремам децата за суровиот одговор што мора им да го дадам наскоро?

ОДГОВОР: Почитувана мајка, пред сè, би сакала да ви честитам за храброста да побарате психолошка помош и поддршка за предизвикот што ве очекува. Верувам дека сте поминале тежок период и вистина е дека во блиска иднина не треба да ве изненадуваат прашањата на вашите две момчиња. Тие имаат право да знаат поради која причина растат само со мама.
Загубата на член од семејството, особено на некој што има важна улога во вашиот и во животот на вашите деца е неверојатно тешка состојба во еден семеен систем, а тагувањето е долг и болен процес за кој е потребно многу време да се надмине.

Немате дадено многу информации за проблемот со кој се соочувате, на пример, за однесувањето и личните особини на вашите деца или, пак, за начинот на кој прашуваат за нивниот татко, како и што точно тие знаат за отсуството на тато од нивните животи, особено поголемиот син од кој се очекува веќе да има формирано свое мислење за тоа зошто само мама се грижи за нив. Исто така, не знам дали живеете само вие со нив или можеби и баба и дедо се со вас, и на кој начин се тие присутни во вашите животи.

Доколку тие веќе знаат дека тој не е меѓу живите, а вас ве загрижува моментот дека не ја знаат причината поради која тој не е со вас, тогаш важно е да знаете дека не е во ред да ја осудувате постапката на вашиот сопруг, без оглед што и да се случило. Важно е вашите деца со ваша помош и целосна поддршка да го поминат процесот на тагување.

Повторно ќе кажам дека поради недостиг на информации, не знам дали ќе успеам да ви дадам вистински насоки, но доколку за вас не претставува проблем, зборувајте им често за татко им, кажувајте им каков бил и што сакал најчесто да прави, покажувајте им слики од него. Не заборавајте да им дадете до знаење дека за секој проблем постои решение, но дека самоубиството не е вистинското, и дека тато во момент на слабост направил грешка.
Доколку изразат желба нешто да му кажат на тато, мотивирајте ги и помогнете им да напишат писмо за него, во кое ќе ги искажат својата љубов, гнев, лутина или разочараност… потоа може да го запалите писмото или да го фрлите во река. Искажувањето на чувствата со пишување е одлична техника при процесот на тагување, особено на важна фигура во семејниот систем.
Доколку вашите деца од која било причина воопшто не знаат за смртта на нивниот татко и раснеле со уверувања од возрасните дека тој еден ден ќе се врати, ве советувам да побарате психолошка поддршка и да разговарате со стручно лице кое со добиени повеќе информации од ваша страна ќе ви даде и повеќе насоки за успешно надминување на овој животен предизвик.
Искрено ви посакувам многу среќа и успех во времето што ве очекува.

Одговара: Ивана Велевска, лиценциран психолог, семеен и системски советник е-пошта: ivana.blazevska22@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X