Училиштето заврши пред повеќе од еден месец, а јас сè уште собирам импресии. Низ рацете оваа година ми поминаа родители и деца со потполно потрошена енергија од онлајн-настава, мака за задачи и кавги. Неможноста за слушање информации во живо и работата од дома сигурно никому не помогнаа. Кога ќе соберам минус и плус, учебната година беше успешна со оглед на условите. Но, кога ќе ја погледнам статистиката на луѓе што ми доаѓаат, психичката состојба на децата и нарушената семејна динамика поради училиштето, учебната година беше поразувачка.

Поразува фактот колку децата се несамостојни. Колку родителите имаат низок праг на фрустрација на училишните задачи и проблеми. Поразувачки е фактот дека сè повеќе деца имаат проблем со читање и пишување. Неверојатно е колку деца доаѓаат со анксиозно однесување. Без самодоверба. Без свесност во себе. Како да се виновни што се родиле, па посакуваат да се скријат и да не учествуваат во светот воопшто. Нема простор за грешки од кои детето учи, на сите им се наметнува некој стандард на однесување, изглед, оценка… се прашувам, чиј е тоа стандард? Е сега ќе ви кажам како дојде до тоа…

Да замислиме едно семејство од 4 члена. Мајка, татко, момче кое оди во трето одделение и сестра во пелени. Во текот на градинката со развојот на детето сè било во совршен ред. Тргнал на училиште. На тестирањето за прво одделение сè решил совршено, но мал проблем постоел со гласовната анализа и синтеза. Стручната служба во училиштето вели дека тоа не е страшно и дека детето ќе го совлада тоа во текот на првото одделение. Првата година поминува во ред, но слоговите сè уште го мачат. Тешко ги спојува, субвокално чита, а и ракописот баш не е читлив. Стручната служба и натаму ѝ вели на мајката дека има време, сето тоа ќе се реши. Во текот на второто одделение задачите на училиште се сè поголеми и посложени. Читање со разбирање, редење на зборовите во реченица, задачи со зборови, одговарање со цели реченици, таблица множење… хмм, сега веќе не е само проблем во слоговите, бавното читање и пишување. Задачата не се постигнува да се напише на училиште, се носи дома. Дома родителите седат со детето и пишуваат цел час. Во ред е. Еден час не е страшно. Па секој може да одвои еден час за детето и за задача. „Јас ќе му помогнам на моето дете, па веројатно најдобро го познавам“. И така со само малку труд се завршува и второ одделение.

Нова учебна година. Детето е веќе третооделенец. Се веселат сите, си добива нова чанта, пријателите со кои долго не се видел повторно ги гледа. Две недели поминуваат како ветер и детето едвај чека да оди да игра со пријателите, да учи, да оди на физичко. До еден ден, кога баш и веќе ништо не му оди. Не е мотивиран за училиште, сите му одат на нерви. Учителката му пишува забелешка во е-дневник дека нема сработено ниту една задача од почетокот на годината, дека не препишува од таблата. Кога се работи групно, одбива да одговара на прашања, често е лут и плаче без причина и неговата игра на одморот се променила. Работните тетратки се празни, а она што е решено, не дава да се прочита. Молк. Мајката и таткото ќе помогнат. Секој ден по училиште ќе ги прегледаат тетратките и книгите. Ништо нема да пронајдат внатре. Ќе го прашаат детето што правеле на училиште и што има домашна. Детето нема да знае. Притоа се повишува тонот и се држат предавања. Додека седи на училиште, ништо не слуша, нема поим каде му е главата. Се повикуваат родители на други деца, се фотографира задачата. Се седнува со детето и се насочува. Улога на детето – заврши го она што ти реков и немаш право на глас. Доаѓа период на првите лектири. 200 страници. Во трето одделение. А детето уште има мака со слоговите… па се појавува првата граматика по англиски јазик, испити со слушање. Првите двојки по англиски. Секој ден пишуваат задача по училиште. Мајката, таткото и детето. Сестрата е малечка, па спие. Еден час се претвора во два, некогаш и три. Заморот е сè поголем. Мајката не постигнува, а таткото брзо се налутува ако детето не знае колку е 4 по 3. Од очај мајката се обраќа на мојот мејл и договара состанок. Првата консултација поминува пријатно, мирно. Кај таткото се гледа вознемирен поглед, меѓутоа, мајката добро се справува со моите прашања и одговори. Момчето е весело, комуникативно. Го проверувам знаењето по мајчин јазик, математика и англиски. Генерално не е лошо, но забележувам целосна несамостојност во работата. При решавање често чека потпрашање, наведување на одговор, но кога ќе се насочи, до решение се доаѓа брзо. Ракописот не е читлив. Во разговор со мајката открива дека проблемот била гласовна анализа и синтеза при уписот и дека доста тешко решавал проблеми од кои се барало читање. А сè си бара читање. Ги упатувам на тимска обработка. Размислувам зошто тоа не го направиле досега, добиле совет од учител.

Ако детето до крајот на трето одделение не го совладало читањето, нешто не е во ред. Тимската работа, се разбира, чекала неколку месеци, веќе поминало првото полугодие од четврто одделение. За тоа време момчето и јас постојано работевме. Учевме, градевме самодоверба. Си ги сфаќавме своите можности и граници. Се осмеливме да решаваме и да се обидуваме да ги решаваме работите поголеми од нас и ја ценевме грешката бидејќи нè учеше дека сè уште не сме подготвени, но дека наскоро ќе бидеме. Учителката забележува голем напредок во неговото однесување, фокусот е подобар, на часот повторно учествува и во расправата и во групната работа. Читањето и натаму го мачи, но многу повеќе се јавува за самостојно читање. Одделението го бодри и го поддржува.

Тимската работа е завршена и се чека наодот. Бум. Тешкотиите од читањето и пишувањето. Бум. Средина на четврто одделение. Бум. Индивидуализација. Паника и страв кај родителите. Вина. Меѓусебни кавги. Детето сфаќа дека кавгата е поради него. Се чувствува лошо. Сите години на пишување задачи сега доаѓаат да наплатат бидејќи родителите се изморени. Акумулираниот стрес сега јаде сè пред себе. На најлош можен начин. Што е индивидуализација? Што значи тоа? Дали ќе добива поинакви тестови? Но, јас не сакам тој да мисли дека е различен, дека другите деца добиваат „полесен“ тест…

И така дојдовме до сосема погрешно функционирање на едно младо и прекрасно семејство. Поради што? Поради училиштето. Да се вратиме на почеток и да читаме повторно.

Во текот на прво одделение детето не совладувало читање и пишување. Во ред.
Во текот на второ одделение детето не совладало читање, пишување и таблица множење. НЕ Е ВО РЕД.

Барајте помош!

Автор. Ања Рендулиќ – апсолвент по дефектологија/практикант по Монтесори-методи за деца со тешкотии

Извор



912

X