Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето синче има 2,5 години. Од пред извесно време почна грубо да ги чеша ушите, ги влече или да се удира со рацете по главата доколку нешто се изнервира или не може да заврши некоја игра…Како треба да постапиме ние како родители тогаш, и дали е само период?
Прашува: мајка
ОДГОВОР: Драга мајка, малите деца поминуваат низ низа развојни,емоционални и физички промени пред да наполнат 3 години. Секако дека ви е необично и стресно да го гледате вашето дете кага се удира и би сакале да го зашитите. Кога вашето дете се труди да совлада некоја препрека и кога тоа не може да го стори, кога не може да ги пренесе своите чувства со зборови, фрустрирано е и се лути.
Тогаш во телото се создава енергија која детето мора на некој начин да ја исфрли надвор. Ова однесување е почесто кај момчињата отколку кај девојчињата.
Билјана Манасова-Јовановиќ
Во исто време, тој расте и се обидува да го изгради својот идентитет, да може сам и ова е всушност голема задача за детската психа.
Лутината најчесто е непријатна, но природна и неопходна емоција присутна кај сите нас, додека агресијата е само еден од начините на изразување на лутината. Детето на овој начин ги изразува емоциите и внатрешната тензија.
Кога се мали децата учат како да се справуват со емоциите кои понекогаш можат да бидат многу тешки, а затоа се тука родителите да им помогнат во тоа и да ги научат.
Важно е да го оставите да биде лут, но да го запрете штом ќе почне да се удира и повредува. Тогаш бидете кратки, но јасни: „Ти се налути, но не смееш да се удираш“. Потоа понудете му да удира перница или на креветот, место кое ќе биде безбедно за него. Потрудете се да ги препознаете знаците на фрустрација на вашето дете, тогаш можете и да му помогнете пред да започне физичката реакција.
За детето е важно да ја вербализирате емоцијата. На пример: „Ми се чини дека сега си лут, може ли да ми објасниш зошто се налути“. Ако детето не знае да каже што го лути, понудете му одговори од кои ќе го избере вистинскиот. Она што е важно кај лутината е да не се воздржува, туку детето да учи да ја канализира. Отпрвин, тој може да ја удри перницата подоцна да викне, сè додека не научи јасно да ги вербализира причините за својата лутина. На тој начин, детето ќе научи да ја контролира лутината, а вам ќе ви биде јасно кои се причините.
Во овие ситуации пристапете кон детето смирено, без кревање паника или вие да се вознемирувате. Детето многу чувствително реагира на расположението на родителите, доколку вие сте смирени тој многу полесно ќе се носи со ситуацијата. Кога ќе се налути за нешто можете да седнете и смирено да разговарате и да кажете : „Навистина ми се допаѓа како градиш, црташ, истражуваш… “. На овој начин му праќате порака на детето: „Во ред е, твоите емоции се во ред, надмини ги пречките, јас сум тука и ти верувам“.
Или кога игра, „ Коцката ти падна и се налути, ајде да видиме како да ја наместиме“. Вклучете се во неговата игра, на тој начин ја продложувате, а и полека неговата тензија се смирува.
Како што ќе расте тој постепено ќе научи да ги обработува емоциите, а вештините со ваше водство ќе се подобрат. Вие сте модел од кој детето учи, размислете како вие ги покажувате емоциите кога сте лути и фрустрирани.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912