Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 7-годишни близнаци, машко и женско. Со девојчето немам проблем, но синот е многу агресивен, опседнат е со таблет и игри. Кога ќе треба да се јаде, да се пишува домашна, да се оди некаде, треба да викам, а понекогаш и да го удрам, за да почне да ме слуша. Упорно се кара, се тепа со своите другарчиња во школо, прво одделение е, а исто прави и со сестра си. Однесувањето му е многу лошо, му зборувам со саати со убаво, ама залудно. Ќе слуша некоја минута, па му поминува. Незаинтересиран е за ништо, а здраво-право дете е!
ОДГОВОР: Драга мајка, убаво ја опишувате актуелната состојба на однесување на вашето дете, но не излагате витални информации околу сето ова како, на пример, кога започна да се карактеризира однесувањето на вашето дете на овој начин, како го регулиравте и дисциплиниравте неговото однесување досега. Дали имавте тешкотии во воспитувањето на близнаците досега, како го регулиравте нивниот однос. Прашањата ги поставив од причина да ве насочам да ја барате причината за оваа актуелна состојба. Кога ја пронаоѓаме причината, ние всушност го решаваме и проблемот. Она што го опишавте како состојба која ве загрижува можеби е последица на опседнатоста и зависноста од екран.
Кога дете на оваа возраст е зависно од екран, тоа би го окарактеризирала на следниов начин:
-детето активно поминува 4-6 часа на интернет;незаинтересираност за активности што се надвор од екран;
-одбива да учествува во социјални интеракции и семејни активности и сака што повеќе време да поминува на интернет;
-детето е опседнато со содржини на интернет и возбудено ги прераскажува;
-кога следува забрана или ќе му се ограничи времето за користење компјутер, доаѓа до изливи на бес, анксиозност и фрустрација;
-повторно се обидува да го користи компјутерот без оглед на забраната
-послаб училиштен успех или намален поради занемарување на училишните активности;
-нарушување на сонот, најчесто несоница;
-проблеми со вид, слух;
-губење на тежина, избегнување оброк заради упорно седење на компјутер, за да не се пропушти случување на социјални мрежи;
– незаинтересираност за личната хигиена или хигиената околу себе;
-проблеми со концентрација и помнење.
Обидете се да го дистанцирате од таблетот со тоа што најнапред вие ќе седнете да изиграте заедно некоја игра, потоа разговарајте во врска со тоа. Насочете го кон некој спорт, инструмент или школа која ќе ги поттикне неговите способности и интереси.
Направете директно советување со стручно лице доколку сметате дека сте направиле сè што е во ваша моќ. Така ќе го утврдите понатамошниот тек на она што во моментов ве загрижува.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912