Кога јас и брат ми бевме деца, секогаш бев највисоката во класот, додека тој беше најнискиот. Иако бевме само 14 месеци разлика, и една година во училиште, изгледавме како сме разлика повеќе години: јас бев многу голема, тој беше малечок, резервиран и срамежлив. Двајцата бевме одлични спортисти, што му причинуваше задоволство на татко ми, кој играл кошарка на колеџ и тенис на дневна основа. За жал, јас се откажав од спортот, но мојот брат сè уште сака да игра. Сепак, тој беше мал и понатаму, па не успеа да влезе во училишните спортски тимови. Тоа беше лошо искуство за неговата самодоверба, бидејќи е одличен кошаркар.
Се сеќавам дека моите родители се каеја што не го пратиле во градинка една година подоцна. Тој беше меѓу најмладите во генерацијата. Тоа за нив беше тешко бидејќи сметаа дека требало да го одложат неговото почнување на училиште, па така тој би имал шанси да напредува уште малку повеќе пред да им се приклучи на другите деца. Дали тоа што беше меѓу најмалите и најмладите трајно му ја наруши самодовербата?
Си помислив што тоа би значело за моите момчиња близнаци. Тие се веќе помали од просекот и сега ќе бидат и меѓу најмладите, со оглед на тоа дека нивниот роденден е на средината од летото. Ќе го доживеат истото што и брат ми. Дали ги осудувам на истата судбина? Не, нема шанси. Решив дека кај моите деца ќе биде одложено тргнувањето на училиште. Но, вака размислував пред неколку години. Сега се речиси 2 години ангажирани со претшколска едукација, а програмата ја започнаа кога имаа само 2 години. Ако го одложев сето тоа, тие ќе беа во градинка уште дополнителни 2 години. 4 години претшколска! Тоа изгледа малку претерано, нели?
Значи, без разлика на мојот цврст став за одложувањето, јас сепак зборував со претставниците на училиштето за тоа. Зборував со нивните наставници, оние што беа вклучени во развојот на моите деца секојдневно и знаеја какви треба да се децата во градинка. Иако моите синови се мали, тие цврсто ме уверуваа дека треба да започнат со образование кога ќе имаат 5 години, а не да се чека цела година додека да наполнат 6. Директорката на училиштето, која всушност верува дека на некои момчиња можеби им е потребна дополнителна година за да бидат подготвени за почеток на образованието, чувствува дека моите деца покажале интерес во учењето и емоционална зрелост која укажува на тоа дека се подготвени за градинка следната година. Не значи дека се попаметни или понапредни од другите, но дека едноставно можат да седат, да слушаат и да учат. Толку е едноставно. Ми објаснија дека ако децата започнат со образование подоцна, може да им стане здодевно и да бидат немирни бидејќи образованието нема да им биде доволен предизвик. Иако ѝ верувам на директорката, сепак решив да истражам малку. Таа е во право – според студиите, изгледа дека одложувањето им дава придобивка на децата атлетски, односно им дава време за да стекнат повеќе вештини во однос на спортските активности, но не им помага во академска смисла. Всушност, може и да им наштети на долг рок. Експертите потенцираат на истите работи како и директорката: досада, чувство дека не се „доволно паметни“ за да започнат на училиште заедно со врсниците итн. Таа дополнителна година што би ја чекале сепак може да ја направи градинката полесна за некого, но тоа не носи придобивки за нивната долгорочна едукација.
Конечно, се обратив кон крајниот извор на информации пред да ја донесам одлуката: кај мојот брат. Сега е висок и згоден, со шарм, самодоверба и ум, како и двете негови деца, кои се одлични. Неговиот совет е следниот: Нека започнат на 5 години, со своите пријатели, нека бидат најмладите. Се разбира, моите родители се чувствуваа лошо што тој не играше спорт во училишните тимови, а и тој веројатно беше разочаран тогаш, но брат ми верува дека тоа било бесценето искуство за него во академска смисла. Вели дека се трудел повеќе и имал поголемо чувство на постигнување. Се чувствувал попаметен, знаејќи дека се труди да држи чекор со децата што биле речиси една година постари од него. Според него, да се биде најмладиот и најмалиот е искуство кое го научило на сила, работна етика, самодоверба. Можеби не бил самоуверен во однос на вештините на теренот, но имал самодоверба во врска со својот ум и интелект, како и способноста да ги завршува обврските.
Кога ќе тргнат на училиште ќе бидат најмлади, најмалечки, но мислам дека ќе им биде подобро на крајот. Всушност, сум ги видела како шутираат кон кошот – не дека одгледувам НБА-ѕвезди.
Автор: Џенифер Бенџамин
912