Да се биде мајка не значи само да се роди дете, туку и да се преземе улогата на мајка и одговорно да се спроведува. Би можело да се каже дека жената е подготвена да роди дете тогаш кога е подготвена да учи со него во симбиоза. Симбиозата може да биде здрава и пожелна, но може да биде и патолошка, за која ќе прочитате во продолжение.

Токму таков пример е оној кога мајката добро се грижи за детето, но несвесно и невербално му испраќа порака дека баш не е среќна што е детето тука. Со еден дел од себе го сака, а со другиот кон него чувствува непријателство. Тоа е синдром на инфантилна мајка. Таквата мајка не е подготвена да роди дете и во текот на бременоста е во внатрешен конфликт. Истовремено и сака и не сака дете. Кога ќе роди, може да има конфликтен однос со детето, да се натпреварува со него и да чувствува љубомора, па дури и омраза кон него. Во екстремни случаи, може да го занемарува или злоупотребува.

Мајката може несвесно да го доживува детето како пречка за остварување на своите цели или како конкуренција во некои односи. И мажот, исто така, е подготвен да биде татко тогаш кога е подготвен да се откаже од некои желби. Во спротивно може да има амбивалентен однос со детето и да се натпреварува со него за љубовта на сопругата, која мора да се грижи за две деца: за она вистинското и за својот партнер, кој е љубоморен. Инфантилниот татко го сака своето дете, но кон него, несвесно, има непријателски став бидејќи го доживува како брат/сестра со кој се натпреварува за љубовта на својата сопруга.

Ако вака се чувствувате, секогаш можете да побарате стручна помош за да ги истражите можните причини за тие чувства и да се зајакнете во својата родителска улога. Следува уште еден пример на патолошка симбиоза. Имено, некои жени погрешно го поистоветуваат мајчинството со негација на себеси во другите општествени улоги и идентитети, односно со целосно жртвување на себеси во корист на детето. Тоа е синдром на совршена мајка. Совршените мајки се откажуваат од своите важни желби и цели сè до моментот на целосното пораснување на детето и осамостојување. Веруваат дека се добри мајки само ако се жртвуваат за своето дете 24 часа на ден, минимално 18 години. Прават сè за своето дете, а кога ќе помислат на остварување на некои свои желби и цели, се сметаат за лоши мајки:

„Или сум пожртвувана мајка или сум лоша мајка“ и „Или живеам за себе или за своето дете“. Таквите мајки често одржуваат патолошка симбиоза со децата.

Постои и синдром на совршен татко. Таквиот татко од раѓање станува премногу одговорен и грижлив татко кој се откажува од своите желби и ѝ помага на мајката во сè.

Што треба да знае секој родител?

– Никој не е совршен;

– Лутината е во ред;

– Не сте му слуга на детето;

– Грижете се за себе;

– Родителите се тим;

– Побарајте поддршка;

– Не сфаќајте го бесот на детето лично;

– Научете техники за релаксација,

– Уживајте во моментот.

Несовршеноста е вродено нешто кај секој човек. Да го прифатиме тој факт и со сопствен пример да им покажеме на нашите деца дека е во ред да се греши и дека на тој пат е важно да се биде нежен кон себе, да се грижиме за себе и да го негуваме своето здравје од ден на ден.

Автор: Матеа Јукиќ, психолог

Извор



912

X