Училницата, како основна микросредина на организираното учење, потребно е да се приспособи и да одговори на современиот степен на развој на учениците, така што ќе се понуди пријатна и топла работна атмосфера и подготовка на учениците за полесно да се соочат и да одговорат на сите предизвици кои со себе ги носи новото време. Не е лесно и едноставно да се надгради и модифицира нашиот застарен и лимитиран образовен систем. Застареноста на образовната парадигма кај нас се заснова на меморирање и репродукција на факти и знаења. Во овој контекст добро би било да се повикаме и адаптираме на гледиштето на Џон Дјуи, кој велел дека образованието е начин за живот.
Во никој случај не може да се очекува дека учениците ќе ги прифатат готовите вредности и вистини додека се во училиште и дека кога ќе пораснат, веднаш ќе знаат да направат правилни избори. За тоа е потребно време и искуство. Немојте со нив да манипулирате по пат на казни и награди, а потоа да очекувате дека кога ќе пораснат, ќе бидат храбри и самостојно да носат правилни одлуки. Наставниците и родителите ја имаат водечката улога во подготовката на учениците за понатамошниот живот.
Родителите се всушност првите учители на децата и нивни постојани партнери во воспитно-образовниот процес.
Родители, немојте да ги форсирате, оптоварувате, споредувате вашите деца со другите деца од класот и да очекувате од нив нереални цели.
Најдете „златна“ средина помеѓу давањето преголема поддршка и запоставувањето или одложувањето на обврските кон децата. Со давањето прекумерна помош, опсипувањето со помислата дека треба да имаат највисока оценка од сите соученици во класот, постигнувате само вашите деца да учат за оценка, а не за практични и применливи знаења. Во ваков случај вашите деца учат само механички, ги запомнуваат фактите и информациите напамет за да ги исполнат вашите желби, а потоа не можат да ги применат знаењата или да ги поврзат со наредната содржина што ќе се изучува. Сето ова може да создаде само поголема одбивност на децата кон училиштето и зголемен страв од неуспех. Гледајте од точка на квалитет, а не од точка на квантитет.
Наставниците се водичи во процесот на учење, така што треба да го поттикнуваат критичкото мислење кај учениците преку поставување отворени прашања, проблемски задачи и давање можност учениците да работат во парови или во групи, за да можат меѓусебно да ги разменат знаењата или идеите за решавање на некој проблем и заедно да учат и да постигнуваат успех. Исто така, потребно е да се создадат ситуации за учење преку директни искуства, социјална интеракција и истражување, со ова се нагласува потребата од интерактивниот пристап, каде што наставникот има улога на медијатор. Како водич, наставникот треба да ги следи новите тенденции во образованието и да креира промени во училницата.
Наставници, оставете ги вашите ученици да размислуваат самостојно, самите да ви ги покажат своите афинитети, желби и способности.
Направете понекогаш отстапка од предвидениот структуриран план и дајте им ја таа слобода на избор, организирајте воннаставни активности и екскурзии. Натерајте ги учениците сами да набљудуваат, да следат појави и процеси и да донесат заклучоци.
Потребно е да ја разбереме динамиката на учење и да се развие практика која ќе ја следи таа динамика. На ова потребно е да се стави акцент уште од најраната претшколска возраст, затоа што тогаш се поставуваат „темелите“ на личноста, се остварува првиот контакт со надворешната средина и сето она што го очекува детето во понатамошниот живот.
Автор: Ангела Икономоска, педагог
912