Поаѓањето на училиште или во градинка може да помине лесно ко низ вода, но знае да е стресно и за родителите и за децата. За тоа како лесно се приспособиле децата, собравме искуства од нашите сограѓани

Градинка без плачки

– Син ми појде во градинка на 2 години и три месеци. Бев одлучна. Прво, го оставав и си заминував. Два дена седеше по 4 часа, а третиот веќе и спиеше таму. Плачеше дури бев таму, штом ќе заминев, престанувал со плачење.
Цеце од Струмица

– Смисливме песничка и ја кажувавме пред да појде, а и потоа:

Мама и тато на работа одат
затоа и мене во градинка ме водат
таму има дечиња, мои другарчиња
играме и пееме, весело се смееме.
Соња од Скопје

– Детето ми појде во градинка на две години и девет месеци. Моето искуство е дека многу полесно се поминува периодот на адаптација ако детето има другар со кој се дружи и надвор од градинката.
Ана од Битола

– Оставање без правење драми на врата мислам дека е решение за градинка. Драмите на детето му оставаат впечаток дека мама не сака да го остави таму, односно дека нешто не е во ред. Првиот ден се објаснувавме на врата. Првата недела престојуваше до спиење, а од втората недела цела смена. Ја имаше омилената играчка, а и награда откако ќе ја земев. Мојот совет е никако правење паузи на почеток, овен ако не е болно.
Билјана од Прилеп

– Мојот позитивен став беше одлучувачки. Станавме утрото, се смеевме, бевме возбудени, „паѓавме во несвест“ на споменувањето на зборот градинка и со насмевка се испративме пред врата. Претходно неколку дена игравме во дворот на градинката, им се воодушевувавме на децата и ете на 16 месеци немаше никаков проблем. Од почеток е во љубов со градинката.
Ангела од Скопје

– Прво го оставав на два часа – една недела, а потоа до спиење. Првите 2 дена заплакувал малку, кога ќе ги видел другите деца дека плачат. Пред да појдеме се подготвувавме, ќе се изгушкавме и ќе му посакав убав ден со ветување дека најбрзо што можам ќе дојдам од работа да го земам, а ако не можам јас, баба ќе дојде. Почна на нецели 2 години и еве сега последна година ќе тера во градинка. Ако остане подолго време дома, самиот бара да оди во градинка за да си игра со другарчињата.
Наташа од Скопје

– Шетавме околу градинката одреден период и разговаравме за тоа што го гледа во моментот и за тоа што се случува внатре.
Валентина од Скопје

– И двајцата синови без проблем и без плачки тргнаа во градинка, едниот на две и пол, а другиот на 2 години. Мој совет е разговор и само разговор. Исто така, не помалку важно е родителот да е среќен и насмеан зашто таа позитивност се пренесува на детето.
Александра од Скопје

– Опуштени родители и без стрес зашто несигурноста ја чувствуваат децата и плачат. Може да си земе некој предмет од дома, некое мече, нешто да носи со себе во ранец или в џеб. Ќерка ми до скоро кога одеше некаде да спие на 2-3 дена бараше моја блуза да си носи во ранецот, за ако ѝ недостигам, да ја гушне. Во градинка носеше мало перниче-срце во ранецот.
Ива од Скопје

– Се подготвуваме летото дека од есен почнува во градинка, па и кога ќе ја прашаа дали одиш во градинка, самата викаше од септември. Главен адут ни беше разговорот за тоа колку ќе ѝ биде убаво со нови другарчиња, за дружбата. Првиот ден беше подготвена како да одела и претходно, па дури и се подвратив да ја ѕирнам, а таа си седна на масичка да појадува.
Љубица од Тетово

На училиште без мака

– Кога тргна во училиште, немавме никаков проблем. Беше возбуден дека е голем, така разговаравме.
Цеце од Струмица

– Во училиште, и тоа со целодневен престој, појде со ќеф зашто заклучи дека веќе е голем. Инаку, за полесно да се адаптираат за во градинка или за на школо, мислам дека треба од мали да ги учиме да престојуваат во различни средини, да ги чуваат и баби и дедовци, роднини…
Стефан од Куманово

– За поаѓање во прво одделение мој совет е да не се пуштаат премногу мали. Нормално, наставникот игра голема улога во вклопувањето. Но, помага и ако појде со другарче или со другарчиња што оделе во градинка заедно.
Александра од Скопје

– Ја спремавме ќерката со муабет колку ќе ѝ биде убаво, дека ќе има нови другарчиња, нови игри, па нови тетратки и секакви боички. Сама ги одбираше сите и беше пресреќна, голема и важна. Атмосферата што ѝ ја направивме многу позитивно ѝ влијаеше и со песна тргна во училиште.
Михаил од Скопје

– Во градинката во која одеше мојата ќерка последната година ставија една од повозрасните воспитувачки, „построгите“, за полека да ги смири дечињата и да ги подготви за училиште. Воедно, таа со своите коментари и критики нѐ подготвуваше и нас, родителите, ни укажуваше на што да обрнеме внимание во однесувањето на децата.
Покрај возбудата од првиот училиштен ден, ќерка ми беше пресреќна што поголемиот дел од децата што беа во нејзината група во градинката се паднаа во истото одделение, па така се чувствуваше посигурна. Сепак, најважна беше насмевката на новата учителка, а и чувството дека веќе е голема.
Ивица од Скопје



912

X