Многу родители често се во дилема пред детето да почне на училиште и го имаат вечното прашање: Што треба да знае моето дете пред да тргне на училиште? Дали е подготвено за тоа или да го одложат одењето во училиште? Да ви олесниме, тука може да ги прочитате важните факти што е потребно вашето дете да ги знае пред да тргне на училиште. Детето треба чисто да ги изговара сите гласови, букви, бидејќи во спротивно ако детето прави какви било супституции (замени), омисии (испуштања) или дисторзија (искривување) во изговарањето, тогаш може погрешно да ги чита и пишува зборовите – како изговара така и ќе го напише зборот погрешно. Како пример може да се наведе: „Мамо, денес шум биуа во палкот и ши иглавме“ – ако вашето дете така ги изговара зборовите, тогаш така и ќе ги пишува, што автоматски значи – погрешно напишан збор.
Што се однесува до понатамошните подготовки за на училиште, детето треба да има добро развиена гласовна и слоговна анализа и синтеза, што значи дека кога ќе му поставиме задача на детето да спои гласови/букви „П“, „И“, „Л“, „Е“ во збор – треба да ги спои и да знае дека тоа е зборот ПИЛЕ, или да се праша детето како би го напишало зборот, каде што детето треба да го расчлени зборот на гласови. Пожелно би било да знае да го спои и расчлени зборот кој во себе има согласки, на пример СТОЛ, ВРАТА, ПРСТ. Ако детето нема развиен фонематски слух (има тешкотии со зафаќање на гласовите внатре во зборот), па уште и ако има јазична слабост (аграматичен говор, сиромашен речник, тогаш сигурно ќе има тешкотии со гласовната и слоговната анализа и синтеза, што може да доведе до тешкотии со вештините за читање и пишување или подоцна до дислексија и дисграфија.
Понатаму, треба добро да се процени развојот на самата графомоторика (како детето го држи моливот), па дали графомоторно е подготвено за на училиште. Тоа вклучува прецртување на зададени ликови, правилно повлекување црти. Кај детето е потребна и одредена интелектуална развиеност, каде што се подразбира одредено ниво на развиеност на сите психички функции кои учествуваат во спознавање на надворешниот свет (развиеност на перцепцијата, помнење, мислење и општа интелигенција).
Зошто е важна подготовката за училиште?
Треба ли детето да знае да пишува и да препознава букви? Иако децата ги усвојуваат читањето и пишувањето по тргнувањето на училиште, во претшколскиот период се развиваат некои вештини што влијаат врз тој процес: Слушна перцепција (да „чуе“ глас и да знае да покаже буква), визуелна перцепција („да препознае“ буква и да именува глас), визуелна и слушно-говорна меморија, сукцесивни функции (следење на низа во време и простор), визуелно-моторна и слушно-моторна координација, просторна ориентација, графомоторика, јазична компетенција.
Токму поради аудитивна (слушна) и визуелна перцепција, детето би требало да знае да препознае, да покаже и да именува гласови и букви, па потоа графомоторно да знае да ги реализира, односно напише.
Истовремено со развојот на перцепција се запазува и понатамошниот развој на помнењето. Освен спонтано помнење, можно е и успешно намерно помнење. Постои тенденција на согласување елементи по содржина, логички, што овозможува поголемо општо помнење. Во порачјето на мислења се јавуваат посложени генерализации и се продолжува процесот на систематизација на усвоените поими. Детето на таа возраст може да ги споредува предметите и појавите, да прави едноставни генерализации, не само на конкретен предмет, туку и на збир од слични предмети. Многу е важно детето да ги владее процесите на синтеза, апстракција и генерализација, бидејќи тие се основа за учењето.
Освен наведените компоненти на интелектуална развиеност, многу е важно детето да поседува внимание и тоа насочено внимание, кое кај мал ученик почетник варира од 10 до 15 минути на еден предмет. Тоа внимание е во голема мера резултат на вежби во претшколска доба и предуслов за следење настава и учествување во неа. Многу е важно детето да ја познава својата околина за поимите во неа да бидат поточни и појасни. Децата што непосредно пред училиштето ги познаваат просторните и временските односи, потоа поимите кои овозможуваат споредување на квалитетот, како и познавање на броевите, побрзо и полесно ја совладуваат почетната настава.
Автор: Наташа Шуниќ Варгец, логопед
912